Мишел и Хилари: две први дами во заедничка мисија
28 октомври 2016Големо американско знаме во заднината и опкружени претежно со млади луѓе, двете моментно најпознати први дами во ваква атмосфера во сојузната држава Северна Каролина го имаа својот прв заедничи предизборен настап. Поранешната прва дама и сегашната претседателска кандидатка на Демократската партија, Хилари Клинтон, намерно реши да ја покани актуелната прва дама Мишел Обама во овој момент во Северна Каролина. Одеднаш, настапот беше пренесуван преку сите телевизии.
„Потегот на Хилари Клинтон е многу мудар“, вели Мелиса Дикман, раководителка на Институтот за политички науки во колеџот Вашингтон во Мериленд. „Зашто, Мишел Обама изненадувачки стана една од најомилените изборни поддржувачи на Клинтон.“
Со два пламени говори, прво на партискиот конгрес на Демократите, а потоа пред неколку недели како реакција на потценувачките и навредувачки изјави на Доналд Трамп за жените, Мишел Обама успеа за кратко време да ги освои срцата на многу луѓе. Но, нејзе ѝ успеа уште нешто, што Хилари долго се трудеше, истакнува Дикман: да го демаскира Доналд Трамп како несоодветен за претседателската функција.
Надпартиски имиџ
Причината за ефикасноста на Мишел Обама во предизборната кампања е едноставна, истакнува Мет Делек, политиколог од Универзитетот Џорџ Вашингтон. За разлика од Хилари Клинтон, но и од други познати Демократи, кои вршат изборна кампања за Клинтон, многу луѓе ја сметаат Мишел Обама за натпартиска личност, што не е без основа, зашто пред оваа изборна кампања, во изминатите осум години таа политички беше прилично воздржана. Поврзано со нејзината често припишувана автентичност, нејзиниот имиџ на жена над нискостите на дневната политика, Мишел Обама стана перфектен изборен поддржувач на Хилари Клинтон.
Настапот на Мишел во Винстем-Сејлем беше потврда за ова. Без да го спомене името на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, Мишел ја повтори својата критика и го прогласи за неподобен за највисоката функција во државата. Истовремено, таа претстави необична слика на Хилари Клинтон, поврзувајќи ја со незината мајка, нарекувајќи ја „ќерка на едно сираче“. Се разбира, на целиот глас ја пофали Хилари како политичарка, но уште поважно, како сопруга и мајка.
Борба против гласачката апатија
Фактичката цел на заедничкиот настап меѓутоа не беа очекуваните меѓусебни пофални химни на двете први дами, ниту критиката кон Доналд Трмап, туку поттик избирачите во Северна Каролина да излезат на гласање. Зашто, во Северна Каролина веќе е во тек т.н. предвремено гласање, а второ, ова е една од т.н. непредвидливи држави, каде резултатот е многу тесен, што се покажа пред четири години со Мит Ромни и во 2008 година со Барак Обама. Трето, истакнува политикологот Делек, победа на Клинтон во Северна Каролина би можела да значи крај за Доналд Трамп: „Ако Хилари Клинтон ја добие Северна Каролина, практично би било невозможно Трамп да стане претседател.“
Зашто, без 15-те електорски гласови од државата, Трамп не може да ги добие потребните 270 гласови за победа. Моментно Хилари Клинтон води во Северна Каролина, но Демократите се водени од стравот дека многумина, првенствено афроамерикански гласачи, уверени во победа, може да останат дома и да не гласаат.
Мишел Обама - суперстар
„Присуството на Мишел Обама таму беше потребно зашто тука постои силно афро-американско гласачко тело. Хилари Клинтон добро котира кај него, но Демократите стравуваат дали црните гласачи навистина ќе излезат на гласање. Мишел Обама е екстремно омилена на национално рамниште, но кај афро-американските жени таа е вистинска супер-звезда.“
За да се задуши во корен евентуална изборна апатија, со оглед на поволните анкети на јавното мислење, Хилари реши да ја ангажира Мишел за повикот „Излезете и гласајте“. На Кети Хериџер, раководителка на Институтот за политички науки на Универзитетот Веик Форест во Винстом Сејлем, првиот заеднички настап на двете први дами ѝ остави силен впечаток. Таа во живо го слушала говорот и вели: „Бројноста на публиката и ентузијазмот беа исклучително впечатливи. Мислам дека госпоѓа Обама понуди многу добри аргументи за уште поголем ентузијазам на луѓето.“