Сексистички гадости на Трамп
8 октомври 2016Многу е пишувано за тоа - зошто Доналд Трамп и покрај своите вербални испади во врска со жените, и натаму има добар рејтинг кај избирачите. Јас во текот на изминатите месеци ги прашував Американките ширум земјата дали не се чувствуваат навредени од неговите зборови, дали не се чувствуваат нападнати, потценети.. И, од Американките - млади, стари, невработени, учители, лекари или менаџерки - секогаш добивав исти одговори: „Тој не мисли така.“ Но, и: „„Конечно ни е потребен силен човек во Белата куќа“, или „Поважно е она што го прави, отколку она што го зборува.“
Познати психолози се занимаваа со овој феномен во долги есеи. Тие го опишуваат Трамп како еден од последните вистински белци кој не е ослабнат од сето „лудило околу половите“ и политичката коректност. Тој на мажите им е пример и претставува надеж дека за посилниот пол сепак можеби не е сѐ загубено. За дел од жените, во овој свет на антиеротско изедначување на сѐ и сешто, тој е наводно отелотворение на неисполнетите копнежи.
На ваквите апсурдни тези сега, се надевам, им дојде крај. Ќе се сфати дека сликата за жените што ја има Трамп нема врска со вистинска мажевност, туку само со сексистичка одвратност.
„Вашингтон пост“ објави видео-снимка од разговор на Доналд Трамп од 2005 година, непосредно откако се ожени за актуелната сопруга, Меланија. Снимката не остава простор за погрешни интерпретации. Никој не може да тврди дека изјавите се извадени од контекст или дека Трамп се шегувал.
„Навалив на нејзе, но не успеав. Признавам. Се обидов да ја е..м, беше мажена.“ Сепак, најодвратниот дел е оној кога тој отворено се перчи со својот статус, својата моќ, која му дозволува сѐ. Дури и да примени сексуално насилство врз жена. „Кога си ѕвезда, ти дозволуваат да им правиш сѐ. Да ги фаќаш за п...а, сѐ.“
Има објаснување зошто Трамп досега ужива поддршка од луѓето. Тие се надеваа дека политичкиот аутсајдер конечно ќе се погрижи за оние кои се чувствуваат оставени на цедило од Вашингтон. Многумина се надеваа дека независниот бизнисмен ќе ја извлече земјата од политичкото мочуриште и ќе ја однесе напред.
Меѓутоа, оној кој на Трамп и по објавувањето на оваа видео-снимка ќе му дава поддршка, тој се солидаризира со ужасен сексист, кој жените ги сведува на објекти за забава и се фали со тоа дека им врши сексуално насилство. За тоа не може, не смее да се има разбирање.
Многу е можно и ова видео да не ги спречи фанатичните поддржувачи на Трамп на 8 ноември да гласаат за него. Но, на крајот, изборите ќе ги одлучат оние 8 до 10 проценти избирачи кои досега беа неопределени. Да се надеваме дека по овој викенд тие ќе знаат дека би било фатален сигнал за нивните ќерки и внуки кога ваков човек на крајот би ја победил досега првата жена кандидат за претседател на САД.