Милиони деца во светот принудени да работат
12 јуни 2019Секое десетто дете во светот е принудено да работи, објави Уницеф по повод Светскиот ден против детски труд, кој се одбележува денеска (12. јуни). Според податоците на Уницеф, 152 милиони деца се принудени да работат, најчесто во Африка и во Азија. Бројката навистина бележи надолен тренд од година во година, но според најновиот извештај намалувањето е помало отколку што очекувал Уницеф.
Всушност, во светот вкупно работат 218 милиони деца на возраст меѓу пет и седумнаесет години, но дел од тој труд е легален и регулиран. Во поголемиот број држави постои легална можност за вработување на лица стари меѓу 14 и 16 години, но остануваат десетици милиони деца кои немаат право на избор и често, далеку од училишните клупи, работат под тешки услови.
„Не мора секогаш да биде лошо ако девојчиња и момчиња на пример помагаат при жетва на семејниот имот и така собираат искуство, сѐ додека тоа се движи во одредени граници и додека и покрај тоа можат да посетуваат училиште“, објаснува Уницеф на својата интернет страница. Но, според една студија, на пример во Судан 12 проценти од децата мора да работат, а тие се двојно поретко запишувани во училиште отколку врсниците кои не работат.
Дури 73 милиони деца работат во катастрофални услови, подложени се на експлоатација или изложувани на опасности, некои од примерите се рудниците за злато во Буркина Фасо, текстилната индустрија од Бангладеш или плантажите со какао во Брегот на Слоновата Коска. Како најекстремни примери меѓународните организации секоја година ги истакнуваат децата-робови, децата во браншата на проституција и оние кои мора да носат пушка и да војуваат.
Повеќе:
Деца - работници работат за електро-автомобили?
Пеколот на детската порнографија
Вкупно, најмногу деца без детство има во Африка (72 милиони), потоа во Азија (62 милиони), а преку 70 проценти од нив работат во земјоделство, речиси половината се помлади од 12 години.
Повик за воведување обврска за посетување училиште
Уницеф повторно упати повик до владите, цивилното општество и стопанствениците да се борат против причините за детски труд како екстремна сиромаштија, недостигот шанси за образование и дикриминација на девојчиња. „Не е доволно да се осуди и забрани детска работа“, истакна Кристијан Шнајдер, раководител на Уницеф во Германија.
Пред 20 години бројот на деца принудени да работат беше значително поголем (246 милиони), а голем пад е регистриран во пацифичкиот регион. Од друга страна, ситуацијата не се подобрува во регионот на Потсахарска Африка и на Блискиот Исток.
Како што истакнува Уницеф, причина број еден за детски труд останува сиромаштијата, најчесто во комбинација со уште некоја друга неволја. „Конфликтите или природните катастрофи ја заоструваат економската мака зашто главниот хранител на семејството е мртов или одделен од него, а полињата мора да се обработуваат и отпаѓаат други извори на приходи. Така, девојчињата и момчињата, кои поради смрт на некој од родителите како последица на ХИВ или ебола, останале сирачиња, се посебно често погодени од појавата на детски труд.“
Хуманитарната организација „Тере дес хомес“ се придружи на апелите, повикувајќи ги сите влади во светот да воведат задолжително школување. Освен тоа, оваа организација инсистира на казнување на работодавачите кои искористуваат деца.