Децата страдаат најмногу
19 ноември 2018Земјотрес со јачина од 7,8 степени во април 2016 година го потресе северозападен Еквадор. Многу луѓе во регионот настрадаа. Околу 660 загинаа, повеќе од 80 илјади ги изгубија своите домови и изворот на егзистенција. 560 училишта беа делумно или целосно уништени.
Најмногу страдаа децата. Многумина ги изгубија родителите и останаа најпрво препуштени сами на себе. Иако итната помош работеше на терен, сепак помина многу време додека децата да бидат згрижени во сеопфатна смисла. Со помошта од организацијата План Интернешнл до април 2017 година беа опфатени 36.900 деца.
Примерот со Еквадор покажува дека децата се загрозени особено во случаи на природни катастрофи. Затоа и индексот за светските ризици изработен од „Здружението Развојна помош" и универзитетот на Рур Бохум им е посветен токму ним.
„Децата во случаи на катастрофи се особено погодени и ризикот е повисок отколку кај возрасните бидејќи по правило се физички послаби", вели Петер Муке, претседател на здружението во интервју за ДВ. И правно погледнато децата често пати се помалку заштитени од возрасните. „Децата потешко може да се заложат за нивните права иако според конвенциите за заштита на детските права секако им следуваат. Појдовната ситуација за децата особено по катастрофи е многу тешка."
Многустрани опасности
Колку децата може да бидат погодени од катастрофи, покажуваат последиците од цунамито во Југоисточна Азија во 2011та година. Како последица на него 2800 деца останаа сираци. Беспомошноста на децата беше евидентна и по земјотресот на Хаити во 2010, кога околу 7300 деца беа киднапирани и пренесени од трговци со луѓе во соседната Доминиканска република. По циклонот Наргис во Мјанмар во 2008 стотици деца беа приморани да работат како куќни помошници.
Извештајот за глобалните ризици 2018 укажува на драматичен развој на настаните во одредени региони, каде што постои комбинација на војни и конфликти и тешки природни катастрофи.
Притоа индексот се води од основната идеја дека „за ризикот од кастрофите не е релевантна само појавата на екстремни природни појави, како суши, земјотреси, урагани, туку и општествени фактори кои во комбинација со екстремните природни појави доведуваат до катастрофа."
Ризични земји, безбедни земји
Објаснувањето гласи, секое општество може да има директни и индиректни мерки со кои може да се намали влијанието од природни катастрофи – на пример, преку добро осмислени регулативи за градба, ефикасна служба за заштита од катастрофи или мерки за борба против екстремна сиромаштија и социјална поделба на населението. Но не сите земји имаат развиени такви механизми. Во согласност со овие критериуми Светскиот индекс за ризик ги смести Вануату, Тонга и Филипините меѓу најризичните земји, додека Катар, Малта и Саудиска Арабија како најбезбедни. Германија е на 17-то место меѓу најнеекспонираните земји.
Меѓу земјите во кои особено страдаат децата е Јемен. Таму веќе три и пол години има граѓанска војна. Од неа особено се погодени цивили: неколку милиони луѓе се внатрешно раселени лица во земјата. Тие не страдаат само од воено насилство, туку и од долготрајната суша. Слично тешка е и ситуацијата во Ирак.
„Овие земји воопшто немаат капацитет да се справат со кризната ситуација и да реагираат на екстремните природни појави", објаснува Муке и додава „поради тоа многу деца живеат во целосно разурнати квартови или во бегалски кампови, каде што условите се многу тешки, за да добијат било каков вид на настава или медицинска грижа."
Проширување на детската заштита
Дотолку поважен е ангажманот за заштита на децата за време и по природните катстрофи. Под мотото „побезбеден свет за сите" во јануари 2005 година во јапонскиот град Кобе се одржа втората Светска конференција за намалување на катастрофите. Од конференцијата произлезе „Хијого план за акција" кој е еден вид рамковен акциски план. Според него мерките за заштита на децата се приоритет, особено развој на мрежи за социјална заштита или програми за обнова како и психосоцијална грижа. Целта е да им се помогне на децата, да се справат со психолошките последици од катастрофите. Ова е почеток на континуирано проширување на детските права по катастрофи, дури и во случаи кога тие се далеку од очигледни.
Поради тоа Петер Муке апелира до авторите на студијата и понатаму да ја прошируваат детската заштита. „Сосем конкретно се залагме за тоа во земјите во кои се повеќе се погодени од екстремни природни катастрофи, да развијат акциски планови за децата и тоа во соработка со нив."
Авторите на извештајот повикуваат и децата да бидат вклучени во превенција, интервенција и преодна помош. „Бидејќи тие гледаат и идентификуваат други ризици кои треба да бидат вклучени во развојот на стратегиите", се вели во извештајот. „Еден важен чекор во развојот на акциски план за децата кои се силно погодени од екстремни природни појави е вклучување на самите деца." Авторите на извештајот се убедени дека само така може да се развие и прошири ефикасна и функционална заштита на деца од природни катастрофи.