1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел „изрешетана“ со прашања

Кај-Александер Шолц
12 септември 2017

Ангела Меркел во ТВ студиото на АРД, во т.н. „Изборна арена“ пред изборите за Бундестагот, во живо одговараше на прашања од присутната публика, некои и прилично непријатни за неа.

https://p.dw.com/p/2jlvK
Lübeck ARD-Wahlarena mit Bundeskanzlerin Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Во пресрет на изборите за Бундестагот, канцеларката четврти пат застана во „Изборната арена“, за да одговара на прашањата на околу 150 присутни граѓани во студиото, пренесувано во живо во ударен термин на првиот канал на јавниот телевизиски сервис, АРД. Публиката била избрана во одредена мерка на таков начин, за да биде репрезентативна, соопштија организаторите. Сепак, упадливо беше присуството на млади луѓе, дури премногу, сразмерно со просечната старост од 45 години на општество што старее. Заинтересираните се јавуваа за да постават прашање, а двајцата модератори вршеа избор кој може да праша, при што исто така предност им даваа на помладите. 

Храбра младина

Од младешка срамежливост притоа немаше ни трага. Уште со првото прашање, еден млад човек од Баварија сакаше да знае како да постапи: тој во својата покраина може да гласа само за ЦСУ, а не за ЦДУ. Но, за ЦСУ не сака да гласа, зашто Меркелината сестринска партија во Баварија сака определување горна граница за прием на бегалци. Тоа на Меркел ѝ даде можност да го повтори своето противење на ваква форма на регулирање на доселувањето. Но, темата се насочи во друг правец - младиот баварец, како што рече, изјавата на Меркел не ја смета за веродостојна, зашто таа пред четири години исклучи воведување патарина на автопатиштата, а сега патарината сепак се воведува, иако ќе важи само за странците. Меркел се обиде со аргументирање, но „вадењето“ не ѝ успеа, младиот човек напамет го знаеше нејзиниот тогашен цитат, па таа речиси се збуни. Во текот на вечерта често се повторуваа вакви дијалози.

Како да се постапува со Ердоган?

Храбро, поттикнувачко на размислување и ангажирано беше и прашањето на еден млад продавач на автомобили - многумина негови добри пријатели имаат турско миграциско потекло, најдобро се интегрирани, а сепак би гласале за Реџеп Таип Ердоган. „Каде погрешивме?“, праша младиот автомобилски продавач.

Во прашање е нивна слобода на сопствена определба, одговори Меркел, но во вакви конкретни конфликтни случаи, се покажува дека тие всушност не се чувствуваат интегрирани. Турција на чело со Ердоган, истакна Меркел, во прилично брзо темпо се развива спротивно од она што се подразбира под правна држава.

Lübeck ARD-Wahlarena mit Bundeskanzlerin Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Учесниците во „Изборната арена“ не беа „климачи со глава“

Еден студент од Минхен, чии родители се Иранци и 40 години живеат во Германија, раскажа за своето искуство: на улица му поставувале прашања на која терористичка ќелија ѝ припаѓа, а понекогаш не го примале во автобус. Меркел му препорача да се спротивставува на таквиот однос и да биде храбар.

Еден млад службеник од државна администрација се впушти во дискусија со канцеларката во врска со партиските донации, преголемата блискост меѓу стопанството и политиката, затворањето очи во врска со дизел-аферата. Меркел негираше таков „сојуз“, но службеникот не попушти и не го смени своето убедување.

Телевизиските 75 минути во живо не беа лесни за канцеларката. Но, како и вообичаено, таа располагаше со детали за речиси секоја тема, контрираше стручно суверено онаму каде постојат факти. Единствено не беше доволно запозната со темата експерименти со животни, но го призна тоа и вети дека темелно ќе се информира. Слично беше и со темата околу актуелните откупни цени на млекото. 

Апел за отворени срца и спротиставување на расизам

Посебно кај темите миграција и интеграција, Меркел успеа убедувачки недвосмислено да истакне дека Германија е земја каде владее слобода на мислењето, либералност во меѓусебните односи. Контра мнозинството од публиката, канцеларката застана во одбрана на човек кој го пренесе своето чувство на страв од отуѓување, но истовремено потенцираше дека на расизмот во Германија не треба да му се даде никаква шанса. Таа предупреди од стереотипи, зашто секој втор на некој начин е „различен“, но се заложи за почитување на законите. Меркел апелираше да се има отворено срце кон луѓето во неволја, ја бранеше повторно својата одлука за отворање на границите за мигрантите во екот на бегалската криза. Во прашање беше хуманитарен итен случај, кој нема да се повтори, рече таа. 

Непопустливото впуштање во дискусии со Меркел од страна на млади луѓе од публиката, досега е реткост на германската телевизија. Дотолку се веројатно понеоправдани и честите критики на сметка на германската младина. Во „Изборната арена“, нејзините претставници прикажаа живи настапи во најдобри демократски манири.