Меркел ги „смачка“ Јутјуберите
17 август 2017На почетокот на овој милениум, кога интернетот веќе имаше научено да оди, Јутјуб беше нешто што ветува. Корисниците сакаа да ги гледаат омилените музички видеа од сите жанрови. И не само тоа. Пред да се појават Нетфликс и компанија, и пред многу медиуми да работат на ширење видеа, постоеше Јутјуб-каналот, во кој можеше да се креира сопствена програма по желба во случаите кога линеарните тв-канали емитуваа програма за заспивање. Новите медиуми брзо исфрлија сопствени ѕвезди кои со веб-камери од своите помалку или повеќе средени детски соби ги ширеа своите пораки со дрзок, провокаторски јазик.
Новото и старото
Во текот на кампањата пред претходните сојузни парламентарни избори во Германија, една од овие ѕвезди, ЛеФлоид, ја интервјуираше канцеларката Ангела Меркел. Но, она што почна како „хајп“ заврши како неуспех. Критички прашања? Немаше! Интернет-ѕвездата беше само заплашен нафрлач на теми, согласни беа во своите оценки, зачинети со по малку злоба, традиционалните медиуми. Магазинот „Штерн“ напиша: „Новото дефинитивно не му покажа на старото како трча зајакот (во преносно значење - како треба, н.з.). Старото едноставно го уби зајакот, со задоволство го одра и релаксирано со изеде.“
Четири години потоа сѐ требаше да биде подобро. Овојпат дури четворица Јутјубери ја интервјуираа канцеларката, но еден по друг. Фантастичната четворка MrWissen2Go, IschtarIsik, AlexiBexi и ItsColeslaw, заедно имаат фантастични три милиони претплатници, значи бројки за кои само може да сонува кој било германски весник. „Се вклучуваме во живо во Нојланд (Нова земја или Непозната земја, н.з)“, го најави невообичаено иронично преносот во живо „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Безопасно и застарено
Но, оној кој од ваквиот состав очекуваше интересни разговори и нови сознанија, беше по којзнае кој пат разочаран - содржински и формално. Каква Јутјуб-естетика?! Студиото изгледаше повеќе како студио за традиционално ток-шоу, камерата и држењето на оние кои водеа интервју - конвенционални до застарени. А, содржината? И овојпат прашањата на четворицата, кои стануваа сѐ поисфрустрирани во текот на разговорот, на канцеларката повеќе ѝ служеа како иницијални точки за нејзините говори, што таа и тоа како го искористи со тоа што, на пример, го рекламираше воведувањето на минималната плата, без на водителот на разговорот да му падне напамет дека тоа беше иницијатива на СПД која успеа да ја спроведе по голем отпор од страна на партиите на Унијата (чиј дел е партијата на Меркел, н.з.). Тоа што одвај беа поставувани критички потпрашања паѓаше в очи сѐ понепријатно во текот на интервјуата.
Тажен врв на разговорите кои одеа под хаштагот #DeineWahl (#ТвојИзбор, н.з.) беше моментот кога Иштар Исик, позната блогерка за убавина, рече дека ѝ е тоа прво интервју, на што канцеларката не пропушти да постави зајадливо контрапрашање: „А, инаку секогаш само (мала вештачка пауза) се самопрезентирате?“
По два вакви неуспешни обиди, мора да се каже дека има јасна разлика меѓу она што Меркел со извесна оправданост го нарекува „самопрезентирање“ и она што јавноста го подразбира под „новинарство“. За последново, #DeineWahl дефинитивно немаше доволно елементи. А, да се сампрезентира шанса имаше само еден - канцеларката! Штета.