1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Негласачите - најсилна група во Бундестагот?

11 септември 2017

Уште на изборите пред четири години Унијата на ЦДУ и ЦСУ тесно победи пред втората најголема група: граѓаните кои не излегоа на избори. На актуелните избори, оваа група на негласачи би можела да биде уште поголема.

https://p.dw.com/p/2jise
Deutschland Nach der Bundestagswahl Nichtwähler demonstrieren vor dem Reichstag
Фотографија: picture-alliance/dpa

Вернер Петерс имаше радикален предлог: долгогодишниот претседател на „Партијата на негласачите“ сака и граѓаните кои не излегле на избори да бидат претставени во германскиот парламент, на таков начин што одреден број пратенички места, кој одговара на процентот на оние кои не излегле на избори, би бил пополнет со „неизбирачи“ кои би биле избирани според случаен избор, по пат на ждрепка.

Оваа идеја е сосема во духот на човекот кој во 1998. година ја основаше „Партијата на негласачите“. Петерс, филозоф од Келн, по триесет години ја напуштил Христијанско-демократската унија, незадоволен од тогашната политика на партијата на чело со Хелмут Кол. „Сакаме поголем степен на директна демократија, укинување на гласањето на пратениците според партиска дисциплина и кратење на парламентарниот мандат. Сакаме на демократијата да ѝ вдахнеме малку живот“, вели Петерс.

Три категории „негласачи“

Петерс знае дека со овие пароли го погаѓа нервот и расположението на бројни избирачи. Но, „небирачите“ се сѐ, само не - хомогена група. „Од една страна, тоа се луѓе кои не се интересираат за политика. Потоа, имаме пролетаријат кој се чувствува предаден. А токму тие во САД го доведоа Трамп на власт. Тој успеа да ги убеди да излезат на избори“, вели Петерс.

Него најмногу го интересира третата група, онаа која смета дека политичарите не се занимаваат со најважните проблеми во општеството и затоа сака промена на системот. Нејзините припадници не можат да се одлучат за ниедна од партиите, па затоа и не излегуваат на избори. Како најнов пример за игнорирање на волјата на граѓаните, Петерс го наведува односот кон кризата околу дизелот. „Граѓаните воопшто не се вклучени во дебатата, туку главниот збор го има автомобилската индустрија. Политиката нѐ смета за будали и игнорирањето на изборите е единствен начин за протест“, уверен е Петерс.

Werner Peters, Gründer der "Partei der Nichtwähler"
Филозоф со радикални идеи - негласачот Вернер ПетерсФотографија: DW/O. Pieper

Игнорирањето на изборите - засилен тренд

На парламентарните избори во 1972. година во Германија излезноста изнесуваше 91,1 процент, на изборите во 2009. и во 2013. година - дваесетина проценти помалку. Овој тренд предизвикува загриженост кај Манфред Гилнер, директор на Институтот за испитување на јавното мислење, Форса: „Политичарите не гледаат дека од почетокот на осумдесеттите години, луѓето ги избегнуваат гласачките кутии“, вели Гулнер, укажувајќи на Данска, каде на сите избори, па и оние локалните, излегуваат преку 85 проценти од граѓаните со право на глас.

По налог на фондацијата Фридрих Еберт, Форса попрецизно ги испитала германските „негласачи“. Првото сознание е дека оние кои не излегуваат на избори, тоа ретко го прават од некое подлабоко и потрајно убедување. Став на експертите е дека политичарите би можеле повторно да ја привлечат оваа група кон гласачките места, доколку користат поедноставен јазик, а не оној „шифриран“, разбирлив и користен само од упатените. Многумина сѐ уште со копнеж ги гледаат интервјуата на бившиот канцелар Хелмут Шмит, кој негуваше едноставен, но содржаен речник. „Човек имаше чувство дека тој е во состојба целиот свет да го објасни во три реченици“, истакнува Гилнер.

Мартин Шулц пред Херкуловска задача

Може ли носителот на изборната листа на Социјалдемократската партија, Мартин Шулц, со ваква стратегија, со ваков јазик, да предизвика пресврт во изборите? Манфред Гилнер не ја исклучува таквата можност, потсетувајќи на примери од историјата:

„На почетокот на 1994. година, се мислеше дека Кол во октомври ќе ги загуби изборите. Но, тогаш тој неочекувано од таборот на неопределни успеа да ги поврати всушност сите поранешни гласачи на ЦДУ и остана канцелар“.

Појдовната ситуација на Шулц и СПД Гилнер меѓутоа ја вреднува како изразито потешка: „Во оваа 2017. година веќе имавме голема мобилизација преку трите покраински избори и преку номинирањето на Шулц“. Затоа, смета експертот, резервите на СПД се помали во однос на претходните избори.  

Пред четири години, 28,5 проценти од гласачите не гласале или нивниот глас бил неважечки, Унијата ЦДУ/ЦСУ однесе екстремно тесна предност во однос на нив, освојувајќи 29,7 проценти гласови. Што ако на 24. септември се случи негласачите дури и да „победат“, а излезноста да се симне дури и под 70 проценти? Тогаш политиката треба сериозно да се замисли, предупредува Гилнер.

Колку е тешко да се влијае врз „неизбирачите“, се гледа и низ примерот на независната градоначалничка на Келн, Хенриете Рикерс. Неколку дена пред локалните избори во 2015. година, врз неа изврши атентат десничарски екстремист и тешко ја повреди. Без оглед на овој драматичен настан и медиумите кои со денови потоа пишуваа дека со излегување на избори треба да се испрати сигнал во корист на демократијата, на гласачките места се појавија само 40 проценти од граѓаните.

Deutschland Prozess Attentat Henriette Tatort
Апатија и покрај атентатот: комуналните избори во Келн во 2015 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarini

Негласачите како ас за канцеларката

Партијата на негласачите се распадна во 2016. година. На крајот останаа само осуммина ангажирани активисти, додека во најдобрите времиња ги имало околу 300. Но, Петерс не се предава, тој агитира за неизлегување на претстојните избори за Бундестагот: „Меркел секако ќе биде избрана. Каква полза има излегување на избори?“, прашува Петерс. Притоа, не го побива фактот дека со тоа самиот ја зголемува можноста канцеларката Меркел да остане на власт, зашто на опозицијата ѝ го ускратува својот глас: „Јасно, оваа жена отелотворува одреден мир, солидност и стабилност. Но, од друга страна, таа нема апсолутно никаква претстава за иднината. Таа го живее овој систем и добро се снаоѓа во тоа. Но, сепак, таа е едноока меѓу слепите.“