1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија нема план Б за референдумот

24 септември 2018

Западот и владата во Скопје го опишуваат референдумот како историска шанса за земјата да ѝ стави крај на дипломатската блокада од Грција. Но нејасно е што ќе се случува доколку референдумот не успее, анализира ДПА

https://p.dw.com/p/35OOm
Marsch für ein europäisches Mazedonien in Skopje Ministerpräsident Zoran Zaev
Фотографија: Koalition für ein europäisches Mazedonien

Промената на името за Македонија е шанса да му се приклучи на НАТО и да започне пристапни преговори со ЕУ, пишува германската новинска агенција ДПА во анализата за референдумот во Македонија.
„Но најпрво, ќе помогне доколку нејзините граѓани гласаат во полза на новото име- Северна Македонија- како што беше договорено со Грција во ткн. Преспански договор во јуни.
Парламентот во Скопје го поддржа договорот со 69 од можни 120 гласови. Но за уставни промени, Заев ќе се соочи со многу потешка задача и ќе му биде потребна дво-третинска поддршка.
Само откако тоа ќе биде сторено и Грција ќе го ратификува договорот и ќе ѝ стави крај на блокадата за влезот на соседот во НАТО и ЕУ.
Во меѓувреме, Заев го закажа референдумот како клучен тест за јавната поддршка, иако Скопје не беше обврзано на тоа со Договорот од Преспа.
Водечките западни политичари масовно доаѓаа во Скопје во пресрет на гласањето, повикувајќи ги Македонците да гласаат и сигнализирајќи дека само со прифаќање на договорот ќе и помогнат на својата земја.
Референдумското прашање гласи: Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција?“
Но иако владата и странските гости го опишуваат гласањето како историска шанса за Македонија, нејасно е што е влогот на владата.
Имено, референдумот не е обврзувачки, и дури и доколку одговорот на мнозинството е негативен или цензусот не биде исполнет, Заев би можел да продолжи кон промена на уставот и цементирање на промената на името. 

„И наш интерес е Македонија да има европска перспектива“

Правни приговори

Националистичката опозиција се спротивставува на промената на името како предавство на националниот идентитет, но се критикува и процедурата преку која Заев сака да го претвори договорот во закон.

'Референдумот е консултативен... па оттука неговиот резултат е апсолутно ирелевантен за можната ратификација на договорот', вели за ДПА, професорката и политички аналитичар Билјана Ванковска.

Иако Уставниот суд го одби барањето за прогласување на референдумот за нелегален, таа вели дека тој е токму тоа. Доколку референдумот не е обврзувачки и правнички контроверзен, тогаш зошто воопшто се одржува?

'Големиот притисок однадвор го прикажува референдумот како важен за меѓународните играчи, затоа што целта е да се креира впечаток дека Македонците демократски и доброволно го прифаќаат договорот', вели Ванковска.
Таа проценува дека референдумот нема да го исполни цензусот од 50 проценти, но дека владата на Заев ќе продолжи да го имплементира Договорот од Преспа. Неуспешниот референдум ќе го 'делегитимира' Заев, а доколку го избутка договорот, тој „ќе го заобиколи народот, изворот на неговиот авторитет и... ќе отвори непредвидлива политичка и социјална криза', вели Ванковска.

Но, со отфрлањето на договорот од Преспа, Грција ќе продолжи да ја блокира Македонија во НАТО и ЕУ, што ќе го зголеми ризикот од политичка нестабилност.

Земјата веќе еднаш беше на работ на етничка војна во 2001, кога албанското население кои сочинува околу една четвртина од популацијата, бараше поголеми права“, пишува ДПА.