1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апстиненцијална криза

22 септември 2018

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ чувствува дека застанало на погрешната страна, но не знае како да зачекори преку понтонскиот мост што го поставија западните десантни единици.

https://p.dw.com/p/35IuL
Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Јасно беше дека во последните десетина дена пред референдумот работите во двата, или трите, кампа работите ќе станат понапрегнати. Јавноста некако отрпна од инвазијата на странските политичари, па дури и на своевиден начин престана да им обрнува преголемо внимание на пораките кои се унисони за поддршка на референдумот и за можноста да се загрози иднината на Македонија, па за владата средбата на премиерот Зоран Заев со американскиот потпретседател Мајк Пенс во Вашингтон требаше да биде круна (барем досега) на сето она што го направи за поддршката на Договорот од Преспа.

За некои поинакви услови и во друго време оваа американско-македонска комуникација би била рамна на политички спектакл – министерот за одбрана Џејмс Матис беше во понеделникот во Скопје, некој ден пред него исто во Скопје беше помошникот-државен секретар Вес Мичел, а пред еден месец во Вашингтон беше шефот на дипломатијата Никола Димитров на средба со државниот секретар Мајк Помпео. Таква инциденца на средби не е замислива ни за оние кои се најдоверливи американски сојузници. Не треба посебно да се објаснува зошто доаѓа до ваков висок третман на македонските политичари од страна на американската администрација. 

Како што не треба ни посебно да се објаснува како е можно во десетина дена во Македонија од Берлин да дојдат и канцеларката Ангела Меркел, и шефот на дипломатијата Хајко Мас, и министерката за одбрана Урсула фон дер Лејен, и министерот за Европа Михаел Рот. Треба да си наивен, ужасно наивен, политички неписмен, па дури и без контакт со вистинската реалност, за да не можеш да процениш какво место ѝ се доделува на Македонија во новата европска шаховска табла и притоа да повторуваш работи кои се без супстанца и кои имаат единствена цел да се поткопа договорот, а не да  се понудат соодветни одговори, уште помалку предлози. Се разбира, оние што се против договорот и преку апстиненција сакаат да го искажат ставот, имаат целосно право на тоа, само треба да бидат малку поиновативни и ораторски поподготвени. Затоа што со старите флоскули дострелот им е ограничен.

Mazedonien Heiko Maas und Nikola Dimitrov
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Свесни заблуди

Пред некој ден во една жустра телевизиска дебатна емисија економистот Зоран Витанов, објаснувајќи како ќе игнорира дека воопшто постои референдум, се трудеше да елаборира како треба да изгледа иднината на државата. Дека таа може да се развива и ако не е во ЕУ и НАТО, дека доаѓањето на инвестициите не зависи од овие две големи организации, дека македонскиот остров тоа може да го направи сам без да потклекне пред диктатот на Грција и Западот, и најважното, кога ќе го стигнеме тоа високо ниво на развиеност, Европската Унија сама ќе бара од нас да станеме дел од клубот. Како без нас, развиената земја, не ќе биде можно регуларното егзистирање на Унијата во овој дел на Европа.

Ова не се зборови за некакво потценување на Витанов, едноставно се дадени на увид размислувањата на многумина како него, особено во економијата. Ниту пак е прашање каде ќе беа Словачка и Естонија, на пример, ако во 2004 година не влезеа во ЕУ. Тоа се премногу познати факти. Но за да станат појасни ваквите свесно изрекувани заблуди кои треба да замајуваат, треба да се цитира изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон на лидерскиот самит на ЕУ во четвртокот во австрискиот град Салцбург, на кој се разговараше за условите и преговорите за „Брегзит“. Британската премиерка Тереза Меј буквално беше понижена од европските лидери кога го изложи нејзиниот план за „Брегзит“, според кој во разводот Лондон треба да добие повеќе, а да загуби малку. Макрон беше дури и брутален обвинувајќи ги оние што се главни заговорници за напуштањето на ЕУ дека се лажливци: „Оние кои објаснуваат дека ќе се живее полесно без Европа, дека сѐ ќе биде како што треба, и дека тоа ќе донесе многу пари дома – се лажливци“.

Во македонски превод тоа значи дека животот надвор од Европа ќе биде живот во сиромаштија, отсечен од главните европски текови и фрлен на маргините на просперитетот. Секако, наивно е да се тврди дека членството во ЕУ со самовилско стапче ќе донесе благосостојба, или дека сиромаштијата ќе се намали преку ноќ, или дека стопанството ќе стане пококурентно на европскиот пазар, или дека загадувањето ќе се намали. Ако имаме неспособни политички и бизнис елити на подобрување на животот и демократијата ќе треба да работиме многу подолго отколку што треба, но европскиот клуч ќе ја отвори најважната врата – вратата на перспективите.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Многумина би сакале во државата да остане статус-кво, во таа небиднина тие најдобро се снаоѓаат, најмногу крадат, најмногу заработуваат, даваат најмали плати и не знаат што ќе прават ако македонската економија целосно се изложи на европскиот пазар. Тогаш навистина ќе треба да се мисли на иновативноста и квалитетот. Тоа е основниот страв кај еден дел од оние што се против успехот на референдумот. Флоскулите за загрозениот идентитет се само фил од Васината торта. Логично дека никој нема да ги признае јавно сопствените стравови, па затоа е полесно да се фати на козарачкото оро во кое ќе се пее за македонштината. А потсвесно им е јасно дека Македонија без Европа (во институционален и демократски смисол) е неможна.

Затоа целата оваа групација е влезена во еден вид апстиненцијална криза. Треба да се откажеш од нешто на што си се навлекол, а тоа ти го изместува животот. Во таква апстиненцијална криза последниве денови целосно навлезе опозицијата. Јанко Бачев е некаков вид чесен политичар – тој јавно и без задршка вели дека е против ЕУ и НАТО и за сојуз со Русија. Таквите ставови го залепија на маргините, но нему и таму му е убаво, иако само промили од гласачкото тело ги сметаат неговите ставови за реални. Јавноста е преокупирана од она што се случува во опозициската тврдина и се обидува да најде некакви скршени прозорци да ѕирне во неа.

Замрзнати лица

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ чувствува дека некако застанало на погрешната страна, но не знае како да зачекори преку понтонскиот мост што го поставија западните десантни единици. Не би сакале да им влезе вода во чевлите, а не би сакале ни да останат на брегот кој сите ќе го напуштат. Погледнете ги фотографиите од средбите што последнава недела ги имаше лидерот Христијан Мицкоски и неговите најблиски соработници со странските гости. Тоа се замрзнати сцени – нема насмевки, нема срдечност, нема пристојна опуштеност - сериозни намуртени лица од обете страни на масата. Раговори без доверба. Како едните да се прашуваат: дали вреди да се губи времето на вакви средби, а другите, дали ќе стигне некој знак на надеж дека може да се добие макар минимална поддршка.

Повеќе на темата:

-ВМРО-ДПМНЕ ја постави тезгата за пазарање во парламентот

-Мицкоски има став дека нема став

-ВМРО-ДПМНЕ го легализираше тивкиот бојкот

За вмровската номенклатура кризата на апстиненцијата не се решава со тоа да се откажеш од она од што си зависен – во овој случај од преголемите дози на националистичката македонштина, што и да значи тоа – туку во враќање кон старите навики. Мицкоски изјавува дека ќе ги поддржат уставните измени ако граѓаните со цензус се изјаснат за Договорот, а веќе утредента како да се учесници во Битката на Ножот дваесетина пратеници велат дека ни во сон не би го направиле тоа. Јохан Тарчуловски се колне дека нема никогаш да гласа за промена на уставот: „Во спротивно, нека бидам убиен од еден од моите собраќа Македонци со револверот или камата кои овде ги целивам“ и прави некаква примитивна апотеоза на злосторот. Влатко Ѓорчев патетично пишува: „Македонија е мојот идеал и вечна љубов. Тоа е емоција и кауза што не поминува“; Трајко Вељаноски тврди: „Совеста не ми дозволува да излезам на референдумот“.

Што е ова? Разногласие со лидерот или намерна партиска какофонија. Потпретседателот на партијата, Александар Николски, навестува дека тоа е измислена бура, велејќи: „Не мислам дека ставот на пратениците е против на ставот на претседателот на партијата“. Но забележливо е дека еден голем дел од вмровските структури веќе јавно го заговараат бојкотот. Па и дека тоа не се прикрива со синтагмите дека секој граѓанин сам треба да одлучи што ќе прави. ВМРО влезе во фазата на разоткривање. Прашање е дали е тоа партиската стратегија за финишот на кампањата поради можни лоши вести од теренот или концепт да се одигра улогата на херои-маченици кои застанале против целиот свет.

ВМРО-ДПМНЕ се обиде да направи неколку промени во дискурсот последнава недела надвор од стандардниот наратив за договорот како капитулантско дело. Прво се пуштија сомневањата дека е можен фалисификат на референдумот, сега се прави друг мал отклон. Во соопштенијата од средбите со Урсула фон дер Лејен, со европратениците и со Џорџ Робертсон, главниот акцент се става на реченицата дека партијата не го прифаќа Договорот и поради тоа што тој „во иднина ќе претставува правен механизам за блокада на интеграцијата на Македонија во Европската Унија“. Тоа е таа нова доза апчиња за излегување од кризата – европската иднина била во неизвесност, па како да бараат конечна европска гаранција за да може да го кажат ставот. До идниот петок ќе се појави и некој друг иљач, ќе видиме што ќе произлезе од лабораторијата која размислува само на патетиката на минатото. 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар