1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отстранета последната предреферендумска „сопка“

БГ
19 септември 2018

Со мнозинство гласови на судиите, Уставниот суд денеска ја отфрли иницијативата за блокирање на референдумското изјаснување поднесена од Димитар Апасиев и СМК. Седум судии гласаа против иницијативата

https://p.dw.com/p/359Zw
Archäologisches Museum in Skopje
Фотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Нема уставни пречки за спроведување на референдумот на 30 септември, оценија денеска мнозинството судии на Уставниот суд. Тие одлучуваа по иницијатива поднесена од професорот Димитар Апасиев од партијата Левица и од Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес. Според подносителите, одлуката за референдумот не е во согласност со Уставот, со Законот за референдум како и со воспоставените европски стандарди. Нивното барање беше Судот целосно да ја поништи одлуката за распишување на референдумот, или да ги поништи резултатите од истиот.
Судијката известител за предметот, Елена Гошева пред своите колеги аргументирала дека референдумското прашање е двосмислено и нејасно, и дека министерот за надворешни работи Никола Димитров немал право да го потпише договорот со Грција.
Мнозинството од седум уставни судии го отфрлиле ваквото образложение и гласале „против“ поведување постапка за преиспитување на уставноста на референдумот. Двајца судии, Гошева и Јосиф Јосифовски биле за тоа да се поведе постапка за сопирање на референдумот.

Двајцата подносители на иницијативата, Апасиев и Петров по седницата оценија дека Уставниот суд донел неуставна одлука под притисок. Апасиев смета дека одлуката е „погреб за правната држава“, додека Петров вели оти таа е контрадикторна. И двајцата повикуваат на бојкот на референдумот како единствен начин да се изрази волјата на граѓаните за Договорот од Преспа.
Судијата Јосифовски за време на седницата ги обвини своите колеги дека гласале под надворешен притисок. Претседателот на Судот, Никола Ивановски на седницата порача дека тие „не носат одлуки за да ја задоволат јавноста, туку да одлучуваат согласно Уставот и законите“.
Владата одби да ја коментира одлуката на Уставниот суд. Министерот за надворешни работи Никола Димитров, вчера, во пресрет на одлуката на судот, кусо коментираше дека  е „огромна одговорноста за било кое тело, па дури и за Уставниот суд да го земе клучот од рацете на граѓаните“, алудирајќи на референдумот.
Поранешната уставна судијка, Наташа Габер Дамјановска во изјава за ДВ објасни дека референдумот не е спорен од аспект на изјаснувањето на граѓаните за стапување во сојуз со други држави или организации, затоа што такво нешто не се прави на претстојното гласање. 
„Сметам дека поставеното прашање на сегашниот референдум не спаѓа во она референдумско изјаснување под член 120 од Уставот, кој се однесува на предлог за стапување/истапување од сојуз со други држави, бидејќи актуелното прашање се однесува на тоа дали граѓаните го прифаќаат или не предусловот (Преспанскиот договор) кој претходи како услов sine qua non за стапување во НАТО и ЕУ, како чекори кои следат. Очекувам дека подоцна во процесот ќе се организира посебен референдум за граѓаните да се изјаснат дали се за нивната држава да стане членка на Европската унија“, аргументира Габер.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема