1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протерување во Белорусија не е решение

Макс Цандер
29 октомври 2021

Со нов закон во Полска се дозволува поедноставување на процедурата за протерување баратели на азил од земјата. Повторно членка на ЕУ врши предавство на заедничките вредности, оценува Макс Цандер.

https://p.dw.com/p/42L26
Polen I Afghanische Flüchtlinge an der polnisch-weißrussischen Grenze gestrandet
Фотографија: Irina Polina/TASS/picture alliance

Уште поостро - тоа е одговорот на полската влада на растечкиот број нелегални премини на границата од соседна Белорусија. Белорускиот диктатор Александер Лукашенко како одговор на санкциите од ЕУ даде наредба за целно носење мигранти и бегалци на границите со Полска, Летонија и Литванија. Варшава сега реагира со закон, кој на локалните командири на граничарите им дава голема моќ над судбините на овие луѓе.

Реформата овозможува краток процес: доколку граничарите утврдат илегално преминување на границата, може да ги протераат веднаш илегалните преминувачи. Освен тоа, смеат да донесат одлука за забрана за влез во целиот Шенгенски простор со траење до три години. Одлука веќе не носат институциите и судовите, сѐ е во рацете на граничарите.

Не смее да се молчи

Оној кој ќе биде фатен при илегално преминување на границата, веќе нема да смее да поднесе барање за азил. Да се земат предвид ќе мора само оние барања кои се поднесени од лица кои доаѓаат од регион во кој им се заканува опасност или прогон. За илјадници мигранти кои од Белорусија се на пат за Полска, но всушност доаѓаат од Ирак, Сирија или Африка, тоа не важи. Европската комисија во моментов проверува дали полскиот закон е во согласност со ЕУ-правото, беше речено неделава.

Max Zander Porträt Kommentar
Макс ЦандерФотографија: DW

Белорускиот властодржец Лукашенко е сосед на Полска кој е подготвен на сѐ. Тој ги привлекува луѓето во својата земја со лажни ветувања, само за потоа да ги испрати во шумите во насока на границата со Полска или Балтикот. Таму им се заканува опасност да умрат од жед или да замрзнат. Најмалку осум луѓе починале на својот пат од Белорусија кон пограничното подрачје со Полска во текот на изминатите недели.

Со слична ситуација ЕУ беше соочена во март 2020 година на грчко-турската граница. Турскиот претседател Ердоган испрати десетици илјади луѓе во насока на ЕУ за да изнуди нови отстапки во дилот околу бегалците. И тогаш, како и денес, во Брисел се зборуваше за инструментализација на бегалците. Се вели дека Лукашенко ги употребува како оружје насочено кон надворешните граници на ЕУ. Но и во текот на изминатата година во Југоисточна Европа и сега луѓето на полската граница не се оружје, туку се политички бегалци на кои им следува хуманитарна помош.

Иако претседателот Лукашенко сега користи средства за да го зголеми притисокот врз ЕУ, одговорот на земјите членки не смее да биде острина по секоја цена. Со ѕидовите кои во меѓувреме ги бараат низа шефови на држави членки на ЕУ, како и со илегални пушбекови, какви што некои земји практикуваат одамна, ЕУ на долг рок добива малку. Напротив, белорускиот властодржец добива поголемо внимание и може да покажува со прст кон ужасните состојби на Западот.

Полската влада би морала да се грижи за почитување на човековите права на сите во земјата. Но, сега на потег се и останатите земји на ЕУ. Тие не смеат молчејќи да ја прифатат или дури скриено да ја поздрават валканата работа којашто Полска ја завршува за нив и и натаму да го поткопуваат правото на азил.

Систематско кршење на правата на надворешните граници

Она што се случува во Полска не е ново во ЕУ. Уште во 2015 година Унгарија спроведе реформи со кои можеше да протерува мигранти кои илегално престојуваат во земјата, притоа без да го проверува секој случај одделно, како што е предвидено со законите на ЕУ.

И во Грција и Хрватска има сѐ повеќе случаи на илегални пушбекови од страна на крајбрежната стража и граничарите. Правото на ЕУ во меѓувреме систематски се крши на надворешните граници на Унијата. Во една Европска Унија, чии членки не можат да постигнат согласност како да се справат со притисокот од мигрантите и како сите да ја споделат одговорноста на државите кои се на надворешните граници, во меѓувреме на избор стојат изолација и - ако е неопходно - и насилство.

Се разбира дека ЕУ не може и не смее да дозволи да биде уценувана од еден диктатор како Александер Лукашенко. Но, нејзините членки се обврзани заеднички да бараат решенија кои се во согласност со човековото право за помош на бегалците и европските вредности. И тоа пред од сето тоа да не остане веќе ништо.