Полскиот парламент даде виза за вонредна состојба
7 септември 2021Владата во Варшава побара воведување вонредна состојба во пограничниот регион со Белорусија поради илјадниците илегални преминувања на границата од страна на мигранти од Блискиот Исток. Декретот беше потпишан од страна на полскиот претседател Анджеј Дуда минатата недела. Според полскиот Устав, парламентот има право да го прогласи декретот за неважечки, па опозицијата во Полска тоа и го побара. Но, зад тоа барање застанаа само 168 пратеници, додека 247 беа против.
Повеќе:Мигрантска драма на границата помеѓу Белорусија и Полска
„Обезбедување на слободата“
Според она што е предвидено со декретот, сега само жителите смеат да пристапуваат во појасот широк три километри долж полско-белоруската граница. Пристап не им е дозволен ниту на новинарите. Ова е прва вонредна состојба во Полска по пресвртот во 1989 година. Владата, освен тоа, испрати и илјадници војници на границата и почна со поставување бодликава жица.
Целта на мерката не е „кратење на слобата, туку обезбедување на слободата“, изјави премиерот Матеуш Моравјецки. Опозицијата го обвини Моравјецки дека „игра улога за која добива аплауз во Минск и Москва“. Пратениците на опозицијата претходно ја обвинија национал-конзервативната владеачка партија ПиС за популизам во врска со темата миграција.
Полската влада го обвинува белорускиот властодржец Александер Лукашенко дека организирано носи бегалци од кризни региони на надворешната граница на ЕУ. Лукашенко на крајот на мај најави дека неговата земја веќе нема да спречува мигранти во нивното патување кон ЕУ. Тоа беше негова реакција на одлуката на ЕУ за санкции против Белорусија.