1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска и недостојната игра со бегалците

Зоран Арбутина
24 ноември 2020

ЕУ ги игнорира многуте извештаи за насилни „пушбекови“ од страна на хрватската полиција на границата со БиХ. Со тоа, Унијата дава поддршка на противправното однесување на својата членка, оценува Зоран Арбутина.

https://p.dw.com/p/3lk0u
Migranten im Nordwesten Bosniens
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Mayer

Не дека нема доволно информации. Интернационални медиуми веќе со години известуваат за делумно бруталните постапки на хрватската полиција кон мигрантите при противправните „пушбекови“ на хрватско-босанската граница. Темата одамна се најде на дневен ред на Европскиот парламент.

Но, ништо не се промени. Хрватски претставници рутинирано ги отфрлаат сите обвинувања. Полицијата, тврдат тие, не прави ништо незаконски, обвинувањата се неосновани и се „фејк њус“. Најновата одбранбена стратегија гласи: извештаите за насилство на границата се дел од „антихрватски заговор“ - од каде и од кого и да доаѓа.

Чувар на надворешната граница од доверба

Едноставно се' да се негира, да се креваат рамена и да се продолжува по старо - да, хрватската полиција тоа може да си го дозволи. Зашто, знае дека не е сама. Свесна е дека ЕУ го толерира ваквото однесување, а тоа дури можеби и се очекува од неа. И, тоа не само вообичаените осомничени, како државите од Вишеградската група - Унгарија, Полска, Чешка и Словачка, кои се ноторно непријателски поставени кон мигрантите, туку сите. Зашто во меѓувреме, хуманост и право на азил овде или онде, сите се радосни ако во ЕУ доаѓаат што е можно помалку бегалци.

Arbutina Zoran Kommentarbild App
Зоран Арбутина

Главна надворешнополитичка цел на Хрватска е брз влез во Шенгенскиот простор. За да си се препорача за таму, земјата се презентира како строг и доверлив чувар на европската надворешна граница, особено кога станува збор за мигрантите и бегалците. Тоа се очекува од Хрватска и земјата тоа го прави. Одредбите од Европската конвенција за човекови права, Женевската конвенција за бегалци или европската постапка за азил тука играат повеќе подредена улога.

Се разбира дека тоа е противправно. Важечкото право за азил вели дека секој човек мора да има шанса да поднесе барање за азил во земја на ЕУ, како и дека има право на фер правна проверка на неговото барање. Дали некому поради политички прогон или закана со измачување ќе му се даде заштита или тоа ќе биде отфрлено, како во случаите со т.н. „економски бегалци“, е работа за која одлучуваат институциите надлежни за азил или судовите, во транспарентна и уредена постапка, а не полицајците на границата.

Однесувањето на ЕУ е скандалозно

Има добри причини за огорченост од постапките на хрватската влада. Но, засрамувачки и вистински скандал е држењето на ЕУ. Хрватските „пушбекови“ се премолчуваат или минимизираат, зашто не се знае што друго да се стори. Затоа, да се критикуваат треба не само бруталните граничари, туку во фокус мора да се најдат и оние кои ги толерираат нивните постапки, па дури и ги охрабруваат.

Хрватите и порано беа уверени дека дејствуваат, ако не по налог, тогаш во најмала рака во согласност со другите Европејци. Долгогодишното молчење во Брисел им даде потврда на нивните претпоставки. Откако канцеларката Меркел и францускиот претседател Макрон по последните напади нагласија дека во борбата против теророт е апсолутно неопходна подобра заштита на надворешните граници на Европа, на Хрватите им се разјасни - овие зборови тие не можеа да ги сфатат како ништо друго, освен како барање да се продолжи како досега. И, јасно, Хрватска е подготвена.

Она што се случува на хрватско-босанската граница е противзаконски, против принципите на хуманост и против самопоимањето на ЕУ како отворено, либерално и социјално општество. Долгогодишното толерирање од страна на Европската комисија и на земјите членки на ЕУ е израз на цинизам, лицемерие и игнорантност. Што да се гради врз таква основа? Во секој случај ништо што би траело, а сигурно не заедница на вредности за каква што се претставува ЕУ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема