1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нигериски студенти доживеаја кошмар во Хрватска

Зоран Арбутина
6 декември 2019

Студенти од Нигерија во Хрватска пристигнале за да учествуваат на спортски турнир, но наместо сонце, море и дружба со млади луѓе, доживеаја кошмар.

https://p.dw.com/p/3UJIJ
Zurnal.info Nigerianische Studenten in Kroatien abgeschoben
Нигериските студенти Чинеду и Александро велат: „Еден од полицајците извади пиштол“Фотографија: Adi Kebo/zurnal.info

Пред да бидат протерани преку зелената граница од Хрватска во Босна и Херцеговина, нигериските студенти Ебох Кенет Чинеду и Абиа Учена Александро морале да потпишат некакви документи - на хрватски јазик. „Возилото запре. Нѐ извадија надвор и еден полицаец ми рече: Потпиши! Реков дека не сакам, дека од мене не може да се очекува да потпишам нешто што не разбирам. Потоа еден полицаец го извлече пиштолот и рече дека ќе пука во мене ако не потпишам. Се исплашив и потпишав.“

Вака Ебох Кенет на новинар на босанскиот портал „Журнал“ му го опиша своето и протерувањето на својот другар во Босна и Херцеговина. Протерување под присила. Откако ги потпишале документите, полицајците им ги зеле парите и ги принудиле да ја поминат границата преку некој шумски пат. Во групата имало и повеќе мигранти. И тие, како и Нигеријците, биле принудени да ја напуштат Хрватска. Завршиле во бегалскиот камп „Мирал“ во Велика Кладуша.

Наместо туристичка прошетка, протерување преку граница

Притоа, двајцата студенти на универзитетот „Federal University of Technology Owerri“ се надевале на убава посета на Хрватска. Заедно со уште двајца други студенти и една професорка тие во хрватскиот град Пула пристигнале како дел од нигерискиот пинг-понг тим кој требало да учествува на петтиот меѓународен турнир на универзитети (ИУСЦ) од 13 до 17 ноември. По пет дена, според планот, требало да заминат во Загреб, од каде требало да се качат на авион за Истанбул, а потоа оттаму за Нигерија.

За Ебох Кенет и Абиа Учена приказната добива поинаков тек. Откако во хостел во Загреб ги оставиле своите работи, сакале малку да го разгледаат градот. Пасошите ги оставиле во хостелот. На една од трамвајските станици ги запреле полицајци и ги однесле во полициска станица. Сите објаснувања за тоа кои се и што прават во Хрватска биле попусти. Биле сместени во транспортно возило и заедно со други мигранти биле однесени на хрватско-босанската граница. Таму под присила биле натерани да ја напуштат Хрватска.

Schreckliche Lebensbedingungen in Flüchtlings- und Migrantenlagern in Bosnien und Herzegowina
Условите во бегалскиот камп „Мирал“ се ужасниФотографија: Help Now

Хрватската полиција демантира

Како честопати досега во слични случаи, хрватската полиција демантира сѐ. „Немало полициска интервенција против овие лица“, се вели во соопштението на хрватското Министерство за внатрешни работи (МУП). „Тврдењата дека хрватската полиција постапува против одрдени лица поради бојата на нивната кожа и дека ги осудува, се целосно неосновани и целосно ги отфрламе.“

Како тогаш двајцата студенти без своите пасоши, без пари и без причина стигнале во бегалски камп во Босна, оддалечен сто километри од Загреб, нема објаснување. „Не е документирано дека двете лица ја напуштиле Хрватска по легален пат“, се вели во соопштението.

За Тајана Тадиќ од хрватската организација за човекови права „Are You Syrious“, која им помага на бегалците, не е изненадување ниту приказната на студентите од Нигерија ниту објаснувањето од страна на хрватската полиција. „Со оглед на тоа што овие луѓе не се бегалци, досега и не сме имале никаков директен контакт со нив. Но, нивниот опис на 'пушбекот' (принудно протерување на бегалците од хрватска во БиХ, н.з.) е многу конзистентен и се поклопува со стотици слични изјави на сведоци познати на јавноста. Ова не е единствен случај, туку еден многу бизарен пример за една широко распространета и систематска пракса“, вели Тадиќ.

И во минатото имаше повеќе документирани случаи на незаконско протерување мигранти од Хрватска во Босна и Херцеговина. Тоа го докажуваат голем број изјави на лица погодени од насилство, грабежи и злоставување од страна на полициски службеници, како и лекарски извештаи за повреди - дури и на деца - нанесени од страна на полицајци, а тука се и извештаите на различни организации за човекови права. „Официјално, хрватските власти тоа го оправдуваат со прокламираната политичка цел да се биде примен во Шенгенскиот простор најбрзо што е можно“, вели Тадиќ. За таа цел било важно да се презентираш како примерен чувар на надворешната граница на ЕУ.

Во случајот со нигериските студенти хрватското Министерство за надворешни работи сега се обидува да ја направи веродостојна една други интерпретација на настаните. Се вели дека и порано имало случаи кога спортски настани биле злоупотребувани за да се поднесе барање за азил во Хрватска, а со тоа и во ЕУ. Сега се вршат проверки дали е така и во конкретниот случај. Освен тоа, се додава и дека студентите кај себе немале рекети за пинг-понг, како и тоа дека на турнирот во Пула играле многу слабо. Она што не се поклопувало биле и наведените временски одредници - двајцата велат дека биле собрани од страна на полицијата на 17 ноември, а нивните пасоши од хостелот во Загреб се земени еден ден потоа.

Screenshot zurnal.info l Flüchtlinge Abschiebung zweier nigerianische Studenten
Наслов во „Журнал“: „Хрватската полиција киднапирала нигериски студенти и ги префрлила во БиХ!“Фотографија: zurnal.info

Изјава против изјава

Ваквиот официјален став на хрватските власти инсинуира дека во случајот воопшто не станува збор за студенти кои сакале да учествуваат на спортски турнир, туку за луе  кои од почетокот имале намера да останат во Хрватска. Нигеријците го тврдат спротивното.

Хрватските власти се обидуваат да го докажат своето тврдење преку примерот на трет нигериски студент. Тој по турнирот се одвоил од групата и двапати попусто се обидувал да влезе во Словенија. Тоа не му било дозволено поради тоа што немал Шенген-виза. Потоа поднесол барање за азил во Хрватска и сега чека во центар за азиланти во Загреб.

Ебох Кенет Чинеду и Абиа Учена Александро во меѓувреме се во бегалскиот камп „Мирал“ во Велика Кладуша. Двајцата ги добиле своите пасоши повторно - им ги испратил пријател од Загреб по пошта. Босанските власти ги критикуваат своите хрватски колеги. „Овие луѓе се жртви на незаконско однесување на хрватската страна“, вели босанско-херцеговскиот министер за безбедност Драган Мекиќ. „Тие мора да бидат вратени во Хрватска најбрзо што е можно.“