Либан- 100 годишнина на „пропаднатата“ држава
1 септември 2020Актуелниот француски претседател Емануел Макрон е во посета на Либан за да го одбележи настанот, 100 години подоцна. Но расположението е далеку од славеничко.
Либан е погоден од серија катастрофи, вклучително и финансиски крах. На 4 август, во огромна експлозија во бејрутското пристаниште загинаа најмалку 190 луѓе, а илјадници беа повредени- кулминација на поведецениските кризи, ендемската корупција и злоупотреби од страна на владејачката елита.
Соочени со банкрот и целосен колапс, многу Либанци ја одбележуваат годишнината со чувство дека националниот експеримент не успеал и се прашуваат дали вреди да останат во државата.
Осакатени генерации
„Имам 53 години и мислам дека не доживеав ниту една стабилна година во оваа држава“, вели познатиот либански писател Александер Нажар. Како многумина од неговата генерација, Нажар ја преживеал граѓанската војна од 1975 до 1990, кога Бејрут стана синоним за киднапирања, автомобили-бомби и хаос. Бил тинејџер кога Израел го нападна Бејрут во 1982, воведувајќи задушувачка опсада на градот цели три месеци, и млад човек кога христијанските милиции го свртеа оружјето едни против други во 1989. Атентатот врз премиерот Рафик Харири во 2005 година, Нажар го дочека во своите доцни 30-ти години. Веќе следниот месец, Израел и Хезболах влегоа во повеќемесечна војна.
Помеѓу, неброени други конфликти, секташко насилство и други катастрофи осакатуваа една генерација по друга, доведувајќи до бранови иселувања од Либан.
Но експлозијата на 4 август, вели Нажар, беше „пикот на пропадната држава и доказ дека властите не можат да обезбедат ниту основна јавна сигурност“.
Но не требаше да биде така.
Договор како клетва
По крајот на Отоманската империја по Првата светска војна, Либан од 1920 година потпадна под француска власт. Франција владееше 23 години додека земјата не прогласи независност како Либанска република.
Дом на 18 различни верски групи, земјата беше претставувана како модел на плурализам и коегзистенција. Државата беше поставена врз непишан секташки договор, на почетокот сметан за гарант за стабилноста, кој денес многумина Либанци го сметаат за клетва: претседателот секогаш ќе биде христијанин, премиерот сунитски муслиман, а спикерот на парламентот шиитски муслиман. Сите останати функции се делат по истиот принцип.
Во 1950-те, под раководство на про-западниот претседател Камил Шамун, економијата процвета благодарение на развојот на туризмот и парите од богатите арапски нации. Но претседателството заврши со почетокот на првата либанска граѓанска војна во 1958, која траеше неколку месеци и заврши со ангажман на американските трупи кои му помагаа на Шамун.
Најплодните години на Либан беа во 1960 и 1970, но катастрофата дојде во 1975, со почетокот на 15 годишната граѓанска војна во која загинаа речиси 150,000 луѓе и во која секоја секта војуваше против другите. Во земјата влегоа и сириски трупи, а Израел на двапати, во 1978 и 1982 година, ја напаѓаше земјата со цел да ги натера палестинскиот лидер Јасер Арафат и неговите борци да ја напуштат земјата. Токму инвазијата на Израел во 1982 година го означи раѓањето на шиитската милитантна група Хезболах.
Иранското влијание
По крајот на граѓанската војна во 1990, шиитската милиција поддржана од Иран беше единствената на која и беше дозволено да го задржи оружјето за да се бори против израелската окупација во јужен Либан. Кога Израел се повлече од југот во 2000, Хезболах ја задржа својата воена сила, опишувајќи се себеси како бранител на Либан.
Денес, Хезболах и неговите сојузници, предводени од претседателот Мишел Аун, доминираат со либанската политика и имаат мнозинство во парламентот.
Но Либанците се длабоко поделени околу Хезболах. Многумина во шиитската заедница се жестоко лојални кон групата, многу не-шиити ја поддржуваат поради анти-израелските ставови, но други критикуваат дека Хезболах само ја спроведува волјата на Иран во нивната земја.
Многу воени лидери од ерата на граѓанската војна денес се лидери на политички фракции, со обезбедени функции за себе и за своите семејства и контролираат моќни локални бизнис интереси. Фракциите ја одржуваат поддршката од своите приврзаници обезбедувајќи им функции во владините министерства, во јавните институции или им вршат услуги во бизнис секторот.
„Окупирани од Иран“
Корупцијата експлодираше во последните две децении, а секташкиот систем на патронажа му остави на Либан пропадната инфраструктура, огромен јавен сектор и еден од најголемите државни долгови во светот кој изнесува 170% од БДП.
„Либан е во најлошиот период во последните 100 години“, вели пратеникот Марван Хамадех. „Ние сме во најлошата фаза економски, политички и во однос на националното единство“.
„Во моментов сме окупирани од Иран и неговите ракети“, додава Хамадех кој беше сериозно ранет во атентат во 2004 година за кој го обвинува Хезболах.
Историчарот Џони Мезхер вели дека за да го реши проблемот Либан треба да започне со усвојување закон со кој ќе се гради националниот идентитет наместо лојалност кон една секта, и со кој државните функции ќе се добиваат според квалификации, а не според секташка припадност.
„На верските претставници треба да им се забрани да се мешаат во политиката“, вели тој.
Дури и седум децении по прогласената независност, Франција и натаму има силно влијание врз малата медитеранска држава. Два дена по експлозијата на пристаништето, додека либанските лидери ги немаше никаде, Макрон го посети Бејрут и прошета по најтешко погодените населби следен со извици „Да живее Франција“. Повеќе од 60,000 луѓе се потпишаа на петиција за враќање на Либан под француски мандат на период од 10 години, која Макрон експресно ја отфрли. „Вие сами треба да си ја пишувате историјата“, им порача францускиот претседател на граѓаните.
„Нема дилема дека очекувавме 100-годишнината да биде поинаква. Не очекувавме оваа година да биде катастрофална до ова ниво“, вели писателот Нажар кој е автор на повеќе од 30 книги на француски јазик.
„Се уште има надеж. Дојдовме до дното и веќе не може да биде полошо“, вели тој.