1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се интересите на Иран во Сирија и во Либан?

Диана Ходали/ Жана Ацеска22 ноември 2013

Атентатори-самоубијци и уништени куќи: граѓанската војна во Сирија стугна и до Бејрут. Но, Хезболах и Иран сакаат да избегнат ескалација на судирот, барем засега.

https://p.dw.com/p/1AMXa
Фотографија: Anwar Amro/AFP/Getty Images

Секогаш кога на режимот на Башар ал-Асад му треба засилување, шиитскиот Хезболах, кој добива опрема од Иран, му испраќа илјадници свои борци преку границата. Во Сирија владините сили, со помош на борците од Хезболах, продреа на подрачја во околината на градовите Дамаск и Алепо, кои досега беа во рацете на бунтовниците. Сунитските групи од Либан, кои се послабо организирани и опремени, пружаат поддршка на сириската опозиција.

Така, Либан е до гуша во сириската криза. Сеќавањето на 15-годишната граѓанска војна, која траеше од 1975. до 1990. година го спречи ширењето на сириската војна во Сирија, вели за Дојче веле Бенте Шелер, директорка на фондацијата „Хајнрих Бел“ во Бејрут.

„Либан не е бина за политички пораки“

Од вторникот (19.11.2013), кога во двоен напад врз иранската амбасада беа убиени најмалку 23 лица, либанските политичари започнаа да се служат со многу јасен и директен јазик. Премиерот Наџиб Митаки изјави дека нема да „прифати никакво користење на Либан како бина за испраќање политички пораки во било кој правец“.

Beirut Anschlag Botschaft Iran 19.11.2013
Последици од нападот врз иранската амбасада во БејрутФотографија: Reuters

Во соопштение на сунитската коалиција „14. март“ се вели дека Либан ја плаќа цената за тоа што Иран во Сирија застана на страната на злосторничкиот режим. Одговорноста за нападот ја презеде сунитската екстремистичка група „Бригадите Абдула Асам“. Таа во писмо како мотив за атентатот го наведе учеството на паравојските на Хезболах во граѓанската војна во Сирија, а преку Твитер се закани и со натамошни напади, ако Хезболах итно не се повлече од Сирија.

Сунитите против шиитите

Кога во мај оваа година стана јасно дека либанскиот Хезболах се бори на страната на Асад, почна да се зборува и за можна ескалација на верска војна меѓу шиитите и сунитите. На една страна е шиитскиот Иран, Хезболах и алевитскиот режим во Сирија (алевитите се исто така шиити). На друга страна: водечката сунитска сила Саудиска Арабија, Катар и Турција.

Baschar al-Assad TV-Interview 21.10.2013
Иран го поддржува АсадФотографија: picture-alliance/dpa

Разлики постоеле отсекогаш, вели Бенте Шелер, но и бегол поглед на историјата на шиитите и сунитите покажува дека тие долги периоди поминувале во мирен соживот, непријателството е производ на денешната распределба на моќ во кои се спротивставени Иран и Саудиска Арабија, вели експертот.

Од исламската револуција во Иран во 1979. година, која донесе исламизација на политиката и општеството, Саудиска Арабија во Иран гледа земја која се обидува да воспостави своја хегемонија на Блискиот Исток. Саудиска Арабија секогаш настојуваше да потисне секакво можно влијание на Иран.

Од друга страна, Иран има историски врски со шиитите во регионот кои не можат да се пресечат, вели Валтер Пош, исламолог од фондацијата Наука и политика во Берлин. Кога во 1982. година во режија на Иран и во рамките на идеолошкиот извоз на исламска револуција, настана Хезболах, Иран првпат доби конкретен контакт со регионот.

Walter Posch Iranexperte
Валтер ПошФотографија: picture-alliance/picturedesk.com/Robert Newald

„Хезболах им служи на Иранците првенствено за легитимирање на нивната улога во регионот“, истакнува Пош. Веќе над три децении и Сирија спаѓа во најблиските сојузници на Исламската република во арапскиот свет, што е пакт чии корени достигнуваат до времето на ирачко-иранската војна (1980-1988).

Загриженост поради можен пад на Асад

Саудиска Арабија ги поддржува бунтовниците во Сирија, а Иран, заедно со Хезболах, со сите сили го помага режимот на Асад. Тие го снабдуваат Дамаск со пари, оружје и воени советници.

„Ако некогаш би се случило сунитските екстремисти да ја преземат власта во Сирија, Хезболах дефинитивно би бил изолиран: на една страна би била сунитска Сирија, и натаму би постоеле сунитски екстремистички групи во Либан, а на југ би бил и натаму Израел“, вели Валтер Пош. Тој додава дека Иран со ослабен Хезболах и пропаднат режим во Сирија тешко може да одржи свое влијание во регионот.

Подобрување на односите

По нападот во Бејрут, и Иран и Хезболах, и покрај писмото од „Бригадите Абдула Асам“, веднаш посочија со прст во Израел, обвинувајќи го дека стои зад атентатот.

„Иран не сака да признае дека со своето мешање во сириската војна попадна во верски судир во кој сега мора да се бори против новиот непријател - сунитските екстремисти“, вели израелскиот експерт за Блискиот Исток, Меир Јаведанфар.

Валтер Пош смета дека првата реакција на Иран беше тактичка:

„Тие не сакаат отворено да ја обвинат Саудиска Арабија, зашто моментно работат на подобрување на односите со неа“.

А за тоа имаат добра причина, смета и Бенте Шелер од фондацијата „Хајнрих Бел“. Зашто, ако ситуацијата во Либан и натаму ескалира, тоа би можело да има несогледливи последици за Иран и Хезболах:

„Создавање ново големо кризно жариште не е од интерес за Иранците. Сирија им беше доволна“.