1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиство кое го промени Либан

Мона Нагар / Симе Недевски16 јануари 2014

Девет години по атентатот на поранешниот премиер Рафик ал-Харири, во Специјалниот трибунал за Либан во Хаг започнува процес против осомничените сторители. Тоа земјата ја става пред нови искушенија.

https://p.dw.com/p/1Ar0p
Фотографија: Mona Naggar

Либанците имаат поделено мислење кога станува збор за судскиот процес за убиството на поранешниот премиер и бизнисмен Рафик ал-Харири, кој започнува денеска (16.1.) во Специјалниот трибунал за Либан во Ден Хаг. Абу Марван, 62-годишен сметководител, смета, на пример, дека Трибуналот е многу важен: „Сторителите мора да знаат дека нема да поминат неказнето.“ Поинакво мислење има сопственикот на супермаркет, Али Хамид. Според него, станува збор за американско-израелски заговор против радикалната шиитска организација Хезболах: „Хезболах се бореше против Израел и во јужен Либан ги победи Израелците. Поради тоа сега мора да биде казнет.“

Последиците од нападот се чувствуваат и денес

На 14.02.2005 година, конвојот во кој се наоѓаше Харири беше кренат во воздух, а 61- годишниот сунитски политичар и уште 22 лица загинаа. Истражната комисија која по овој настан ја формираше Советот за безбедност на ОН, укажа на можна вмешаност на Сирија во атентатот. Тогашната либанска влада го замоли Советот за безбедност да оформи Трибунал, за да се спроведе истрага за тоа убиство. Пет члена на Хезболах се обвинети во отсуство. Шиитска, либанска партија, одбива да ги предаде.

Rafiq Hariri Plakat Libanon
Голем постер со ликот на Рафил ал-ХаририФотографија: picture-alliance/dpa

Ставот на многу луѓе во Либан кон Хашкиот трибунал е одраз на нивната политичка лојалност. Абу Марван е сунит и следбеник на „Движење на идината“, кое го основа Рафик ал-Харири. За разлика од него, Али Хамид го поддржува Хезболах, кој го отфрла Трибуналот како „измама од Запад“.

Заговор или одмазда

Локман Слим се дистанцира од двата политички табора и смета оти Трибуналот е пресврт во новата либанска историја. Независно од тоа која политичка насока некој ја поддржува, вели овој 51-годишник, Хашкиот суд носи нешто ново во политичката култура на земјата - принцип на одговорност. „Можам да кажам дека сум среќен што го доживеав овој момент и што можам да видам како ќе се однесуваат Либанците. Тоа е навистина голем испит.“ Сепак, Локман е песимист. Трибуналот за многу Либанци е симбол на одмазда, заговор, поделба на земјата на злосторници и жртви, а во овој случај на шиити и на сунити.

Локман Слим со својата сопруга Моника Боргман му се посвети на соочувањето со новото либанско минато. Интернет страницата „Memory at Work" е еден од примерите на неговата работа. Еден цел дел се однесува на политички убиства. Во него оваа брачна двојка хронолошки забележа безброј убиства во последните децении. Атентатот на Харири е еден од нив. „Од формирањето на државата Либан до убиството на Харири, либанската држава секое политичко убиство на некој начин го прикриваше“, вели Локман Слим. „Со основањето на Трибуналот атентатите веќе не можат да се кријат.“

Зрак надеж

Убиството на Рафик ал-Харири силно влијаеше врз натамошниот политички развој на земјата. Најпрво се чинеше дека спонтаните протести по атентатот, можеа да доведат до реформи во политичкиот систем. Демонстрантите бараа правда и бараа укинување на конфесионалниот ситем, кој предвидува претседателот секогаш да мора да биде христијанин, премиерот сунит, а претседателот на парламентот шиит. Мирните масовни протести, на кои учествуваа многумина, незвисно од верската припадност, станаа познати како „Кедар револуција“.

Monika und Lokman
Локман Слим и неговата сопруга Моника БоргманФотографија: Monika Borgmann

Сигурно е дека во Либан веќе тогаш нешто се „крчкало“, потсетува Слим. Стануваше збор за легитимноста на вооружувањето на Хезболах по повлекувањето на Израелците од јужен Либан во 2000. година. Стануваше збор и за присуството на сириската армија во Либан и за реформите во политичкиот систем. Локман Слим протестите, меѓутоа, ги нарекува „либански карневал“.

Два политички табора

Иако главното барање, повлекувањето на сириските трупи, е брзо исполнето, многу демонстранти од тоа време, исто како и Слим, се разочарани, бидејќи не е исполнето барањето за спроведување реформи во државата.
Во неделите по атентатот почнаа да се формираат политички сојузи кои и ден-денес ги одредуваат случувањата во земјата. На 8. март 2005. Хезболах во Бејрут повика на просириски демонстрации. Овој сојуз го сочинуваат шиитските партии Амал, Хезболах и христијанското Слободно патриотско движење, кое се приклучи подоцна.

Hasan Nasrallah
Демонстрации на приврзеници на ХезболахФотографија: picture-alliance/dpa

Антисириските сунитски и христијански сили својата коалиција ја формираа на 14. март кога се одржани големи демонстрации. Овие два сојуза се во постојан конфликт, особено кога станува збор за разоружувањето на Хезболах.
Рафик ал-Харири за многу Либанци по граѓанската војна (1975-1990) беше симбол на обновата. Како бизнисмен и политичар, посебно се залагаше за проекти за изградба на инфраструктурата. За либанските сунити беше неприкосновен лидер. Речиси 9 години по неговата смрт, земјата се наоѓа пред ново сунитско-шииско искушение. Бидејќи, покрај Трибуналот во Хаг кој ќе се занимава со убиството на Харири, врз ситуацијата во земјата влијае и војната во соседна Сирија. Либан е далеку од политичка стабилност.