Крај на реформскиот експеримент во Молдавија
15 ноември 2019Република Молдавија, која се наоѓа помеѓу Романија и Украина, формално ги има сите модерни институции на правна држава. Сепак, земјата се наоѓа во агонија. Разјадена од корупција и организиран криминал, таа е една од трите најсиромашни земји во Европа. На своите граѓани не може да им понуди речиси никаква прифатлива социјално-економска перспектива. Најмалку една третина од населението работи во странство. Значи, ова е држава на која очајнички ѝ се потребни реформи.
Во јуни, првпат од стекнувањето независност од Советскиот Сојуз, постоеше реална шанса за тоа. По драматичната борба за власт со олигархот Влад Плахотниуч, кој накратко мораше да ја напушти државата, на власт дојде влада предводена од економистката, радикална, непоткуплива и проевропски настроената политичарка Маја Санду. Тоа беше првата вистински реформска влада која некогаш ја имала оваа земја.
Моќта на старите клики
Но, експериментот траеше само пет месеци. Во вторникот (12.11.2019) оваа недела владата на Санду падна по изгласаната недоверба. Социјалистите, нејзин коалиционен партнер, не и` дадоа поддршка во парламентот. Имено, Санду за функцијата генерален обвинител сакаше да постави независен кандидат кој жестоко би се пресметал со корупцијата и организираниот криминал. Но, не можеше да се избори со старите клики на кои припаѓаат и социјалистите, кои ја изманипулираа изборната постапка.
Во земјата беше врежано мислењето дека владата на Санду всушност е „неприродна коалиција“. Санду го претставува Антикорупцискиот сојуз (АЦУМ), кој се залага за одржување блиски односи со Европската унија. Социјалистите пак се дел од постсоветскиот естаблишмент и клептократијата во земјата која негува тесни врски со Русија, иако не и слепа послушност кон Кремљ. На обете страни, од различни побуди, заеднички непријател им беше олигархот Влад Плахотниуч. Тој во изминатите години воспостави длабоко криминализиран режим и беше соодговорен за „милијардскиот грабеж“, исчезнувањето на преку една милијарда евра од три молдавски банки. По Плахотниуч и неговите соработници беше издадена меѓународна потерница.
Дилетанти на власт
Но, наскоро стана јасно дека социјалистите би дозволиле само делумни реформи, зашто строго и независно правосудство би им наштетило на нивните интереси. Сосема спротивно на интересите на премиерката Санду, која од почеток во тој поглед подвлече црвена линија. Пресудна беше функцијата на државниот обвинител, каде за Санду веќе немаше простор за преговори.
Горчлива вистина е и дека исклучително хетерогениот и внатрешно поделен сојуз АЦУМ, произлезен од цивилно протестно движење од 2014/2015 година, кој воопшто нема искуство во владеење, дејствуваше аматерски, без план и дури и наивно. Наместо да ја користи погодноста на моментот и веднаш да спроведе радикални правни и административни „шок-реформи“, констатира и граѓанскиот активист Вјечеслав Балан, АЦУМ се колебаше, направи стратешки грешки во персоналните решенија и не се им се спротивстави офанзивно на Социјалистите.
Старо-нови структури
Единствен моќен човек во земјата во моментов е претседателот Игор Додон. Официјално тој не е член на ниедна партија, како што предвидува и уставот на државата, но е поранешен шеф на Социјалистичката партија и до денешен ден оној кој во неа всушност ги влече конците. Тој со неверојатна брзина ја одвраќа земјата од реформскиот пат, иако го зборува токму спротивното.
Уште на денот на развластувањето на Санду и нејзината влада, тој го номинираше својот советник, непартиски економист, но бивш министер за финансии Јон Чику за нов „технократски“ премиер. Неполни 24 часа подоцна, на неговата влада во парламентот и` беше изгласана доверба, со гласовите на Демократската партија на Плахотниуч. Кабинетот на новиот премиер ќе остане на власт веројатно до претседателските избори наесен, како малцинска влада.
Заткулисна игра
Фрапантно е темпото со кое Додон ја инсталираше новата влада. Тоа укажува на негови одамнешни преговори со Демократската партија за соборување на владата на Санду и формирање нов кабинет. Интересен е и изборот на личноста Чику. Новиот премиер, кој беше министер за финансии во времето на Плахотниуч, неодамна на Фејсбук објави завиени, но сериозно критички инсинуации против ЕУ. Тој на пример ја критикуваше ЕУ и конкретно поранешниот еврокомесар за проширување Штефан Филе индиректно за овозможување на огромниот грабеж извршен од Плахотниуч и неговите соработници. Во меѓувреме постот на Фејсбук е избришан.
Многу набљудувачи очекуваат Молдавија повторно да се дистанцира од ЕУ, а да се приближи кон Русија. Трагично е за земјата и за граѓаните што во догледно време нема да има подлабоки реформи.
Повеќе:
Република Молдавија: Еден век поделеност
Фотографија на денот: Чевлите на иселените од Молдавија
Нема лек за руското влијание во Источна Европа?
Република Молдавија - наредното буре барут во Европа?
„Крадци во парламентот“
За Европа пак ова се загрижувачки вести. Без оглед што Република Молдавија не игра речиси никаква улога во јавноста настрана од нејзините граници, за Европа претставува тежок безбедносен и проблем во стабилноста. Не само поради тоа што земјата, која има нефункционирачки или исклучително слаби институции, се наоѓа на надворешните граници на ЕУ.
Веќе три децении во источниот дел на земјата, во Транснистрија, беснее сепаратистички конфликт. Таму се стационирани руски војници и оружје, номинално владеат православни комунисти, но всушност Транснистрија претставува врталиште на сите видови организиран криминал.
Врз основа на своите безбедносни интереси, ЕУ во минатите години вложи големо внимание и енергија за поддршка на реформите во земјата. Најчесто без успех. Премиерката Маја Санду точно ја отслика причината за нејзиното соборување од власт со едноставни зборови: „Крадците во парламентот се плашат од нашите реформи.“