1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наредното буре барут во Европа?

Роберт Шварц/З. Јордановски3 март 2015

Војната во Украина и нејзините последици и натаму предизвикуваат значителен немир во ЕУ и НАТО. Сега во средиштето на вниманието влегува малата Република Молдавија на работ на Европа.

https://p.dw.com/p/1Ejqh
Фотографија: DW/A. Scherle

Најновото предупредување од НАТО од можно ширење на руската агресија кон Република Молдавија предизвика различни реакции во таа некогашна советска република. Минатата недела Врховниот командант на НАТО, генерал Филип Бридлав во американскиот Конгрес рече дека руските војници во сецесионистичкиот регион Транснистрија се стационирани за Република Молдавија „да ја одвратат од приближување кон Западот“. Тој укажа и на широката информативна кампања која ја води Москва преку своите медиуми во Молдавија.

На развојот во регионот со загриженост реагираше и германскиот канцелар Ангела Меркел. По разговорите со романскиот претседател Клаус Јоханис во Берлин, Меркел рече дека се надева оти украинското сцеанрио нема да се повтори во Молдавија. Не треба да се заборави смрзнатиот конфликт во Транснистрија, како ни фактот дека пропаднаа сите меѓународни обиди да се реши кризата, потсети таа.

Во Транснистрија се стационирани две илјади руски војници, иако Русија уште во 1999 година се обврза да ги повлече војската и арсеналите на оружје. Сепаратистичкиот регион по една крвава војна на почетокот на 90-тите години се отцепи од Република Молдавија и се прогласи за независен. Неговото проруско раководство се надева на пруклучување кон Руската Федерација.

Промена на политиката во Кишињев?

Новата молдавска влада досега речиси и не реагира на сигналите за аларм. Земјата е потресена од политичка криза, која би можела да го загрози посилното приближување кон ЕУ. Премиерот Кирил Забуричи, кој е на функцијата од пред одвај две недели, се обидува да ја увери ЕУ дека Република Молдавија има намера и натаму да остане на досегашниот проевропски курс. Но, критичарите се сомневаат во тоа.

Moldawien Chisinau Parlament Abgeordnete
Молдавскиот парламент во КишињевФотографија: picture-alliance/epa/D. Doru

Проевропската трипартиска алијанса, која победи на парламентарните избори кон крајот на ноемви минатата година, не беше во состојба да состави влада. Две од тие три партии - либерал-демократите и демократите, по долго натегање, формираа малцинска влада, која зависи од поддршката од опозиционите комунисти. Сега проевропски нестроените во Молдавија страхуваат дека нивната земја во иднина повторно може посилно да се доближи до Москва.

Предупредувањата мора да се сфатат сериозно

Молдавскиот политиколог Оазу Нантој гледа редица извори на опасност за својата земја. Во разговор за ДВ тој ја наведува „таканаречената петта колона на Русија“ во молдавскиот парламент. Тоа, според него, не е само Социјалистичката партија, која никогаш не го криела својот проруски курс, туку и пратеници од други партии се против проевропска ориентација на Кишињев.

Нантој предупредува од влијание на Москва и врз претстојните избори во автономниот молдавски регион Гагаузија, каде проруски сепаратисти исто така се закануваат со приклучување кон Руската Федерација. Политикологот ја потврди информативната офанзива на Москва, за која зборуваше генерал Бридлав - руските тв-канали доминираат на медиумскиот пазар во Молдавија, оценува Нантој.

Но, најголема опасност и натаму произлегува од големата корупција и слабата влада. Држава која не е во состојба да се погрижи за ред, поредок и политичка стабилност додека на нејзините граници владее војна, „нема да биде во состојба да и’ се спротивстави на агресивната експанзионистичка политика на Руската Федерација“, вели Нантој за ДВ.

Anatol Taranu
Анатол ТарануФотографија: DW/A. Scherle

„Ситуацијата се заострува“

Анатол Царану, поранешен амбасадор на Молдавија во Москва, смета дека неговата земја мора да очекува нови провокации од Русија. „Кога европски и американски политичари свртуваат внимание врз можни закани, тогаш е тоа јасен знак дека ситуацијата се заострува“, вели Тарану за ДВ. Релативна безбедност за Молдавија, според него, ќе има само ако Кишињев ги продлабочи односите со ЕУ и НАТО, но е скептичен дали новата влада навистина следи таква цел. Во уставот утврдената неутралност на земјата тој ја смета за надмината: се’ додека руски трупи се стационирани на молдавска територија, без соодветно решение на владата или парламентот во Кишињев, не може да се зборува за неутралност.

Новиот молдавски министер за одбрана Виорел Чиботару не гледа конкретен ризик за проширување на украинскиот конфликт, па сепак е загрижен. Сите одбранбени структури на земјата се во постојана состојба на аларм, за да можат веднаш да реагираат на можни ризици, рече тој во интервју за еден весник.

Според најновиот извештај на Меѓународниот институт за стратегиски студии, молдавска армија располага со 5300 активни војници. Во случај на воен конфликт можат да бидат мобилизирани околу 700 илјади луѓе. Вооружувањето потекнува во најголем дел од советското време.Буџетот за одбрана лани изнесуваше приближно 20 милиони евра, односно 0,3 проценти од бруто домашниот производ - слично како и буџетот на Академијата на науките!