1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема лек за руското влијание во Источна Европа?

Роберт Шварц
16 ноември 2016

На изборите во Бугарија и Молдавија победија кандидати кои се пријателски настроени кон Русија. ЕУ и НАТО мора да ги преобмислат стратегиите поради растечкото влијание на Москва во регионот, оценува Роберт Шварц.

https://p.dw.com/p/2SiY7
Karte Symbolbild Ukraine zwischen Russland und der EU NEU

Резултатите од претседателските избори во Бугарија и Молдавија не се добар знак за Западот. Но, најновиот развој на состојбите веројатно не е изненадување ниту за носителите на одлуки во ЕУ ниту во НАТО. Четврт век по падот на Железната завеса сѐ повеќе луѓе од поранешниот Источен блок се разочарани од Западот. Многумина сметаат дека се третирани како Европејци од втора класа, а многу фалените заеднички вредности, како демократија, правна држава и почитување на човековите права, се нагризани од старите клики, раширената корупција и големиот економски пад. Почетното воодушевување за Европа ѝ отстапи место на резигнацијата, која стана перфектна почва за популистичките и националистичките тенденции.

Целосно вртење кон Москва рака на срце не претстои, освен во Молдавија, но во Централна и Југоисточна Европа врие веќе извесно време. Чешка, Словачка и Унгарија одамна флертуваат со Русија и нејзиниот авторитарен претседател Путин. Тие редовно ги критикуваа санкциите на ЕУ против Русија поради анексијата на Крим и војната на истокот на Украина, без да им биде грижа за консензусот во Брисел. Така оние што се на власт во овие земји, без оглед на тоа дали се социјалисти или либерали, постојано ја држеа отворена опцијата за поголема блискост до Москва.

Schwartz Robert Kommentarbild App
Роберт Шварц

И славјанско-православните земји на Западниот Балкан, наспроти своите стремежи за ЕУ-интегрирање, не сакаат да си го расипат односот со големиот брат во Москва. Економската зависност, пред сѐ во енергетскиот сектор, Путин вешто ја претвори во политички капитал. Успехот е видлив: на изборите сѐ повеќе победуваат политичари кои се пријателски настроени кон Русија. Брисел не сакаше да го согледа ваквиот развој на состојбите, па го превиде сосема. Процепот кој се отвора во Европа тешко ќе може да се закрпи.

И состојбата во НАТО не е најстабилна. Во Турција власта е сѐ поавторитарна и исто така бара близина со Русија. А, идниот американски претседател Доналд Трамп најави одлучувачка промена: Европа би морало да преземе поголема одговорност и ќе биде повеќе оставена сама на себе. Како таа нова одговорност би требало да изгледа, не знае никој точно. На пример, веќе сега не сите држави сакаат да помагаат во иста мерка на источниот бедем на алијансата, иако неговото зајакнување е договорено со консензус. Балтикот, Полска и Романија се единствените држави од Источна Европа кои во соработка со САД се подготвуваат активно за одбрана во случај на воена закана од страна на Русија.

Нема сомневање дека зголемените проруски тенденции во Источна Европа не се резултат само на враќањето кон историската поврзаност. Тие многу повеќе се последица на длабоката криза во која се наоѓа ЕУ. Брисел со години на ваквите тенденции дава само еден одговор: одмолчи и гледај настрана. На тоа мора да му се стави крај. ЕУ-државите и оние кои тоа сакаат да станат би морале недвосмислено да се определат и дејствуваат за остварување на заедничките вредности - демократија и слобода. Националистичките и популистички делувања на своја рака веќе не смеат да ја диктираат агендата на Унијата.

Сега се неопходни јасни пораки - нанадвор и навнатре. Релаксирање може да има само кога ќе биде јасно видлива промена на империјалистичките намери и потези на Москва. Новиот конфликт меѓу Истокот и Западот не беше предизвикан од санкциите против Русија, туку од агресивниот настап и делување на Путин. На луѓето во Русија им е неопходна поддршка од Европа, за да излезат од Путиновата логика на самоизолација. Антизападата пропаганда на руските политичари и медиуми мора да биде раскринкана. Не е Западот тој што ја бараше новата поларизација. Но, Западот е тој кој конечно мора да најде кохерентна политика за да не пропадне речиси 60-годишната европска успешна приказна.