1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како медиумите ги загубија изборите

30 јули 2020

Сите кочници се пукнати, сите морални резерви се истрошени, сите скрупули се отфрлени од страна на медиумската заедница опфатена од егзистенцијалистичка треска. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3gAXO
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Доколку овие избори отскокнуваат од сите претходни изборни натпревари, тоа е секако фактот што (со исклучок на Зоран Заев) сите поголеми партии и нивните лидери покажаа далеку поголем осет за пристојност и релативно коректен вокабулар - во споредба со медиумите, кои се всушност единствените поразени политички играчи на пред и пост-изборието. Медиуите со својот поданички и алчен настап повторно докажаа дека пореално е да се очекува реформа на партиите отколку на медиумската бранша. Каков и да биде расплетот на партиската трка кон Илинденска, оценката за медиумите ќе остане и понатаму предупредување за следните избори и потсетник дека итно и судбински ни се потребни сосема нови медиуми, со нови ликови и нов начин на известување на јавноста. Во спротивно, егзодусот на јавноста кон соседните медиумски системи ќе биде далеку позасилен од егзодусот на населението во државата. 

Домашната медиумска сцена беше брза во носењето заклучоци и обвинувања кон партиите како виновници за ниската излезност на изборите. Очекувано, истите медиуми не гледаа причина за самоанализа на нивниот двапати поголем удел во демотивирањето на гласачите заситени од медиумската понуда сведена на претплатени партиски агитпроп машини. Медиумите не сакаат да ја увидат паралалената графа на падот на нивната гледаност/читаност која во чекор ја следи графата на падот на популарноста на партиите. Таа не се намалува и не се одлепува со фингирани самофалења, студиски ентериери, имитации и тапи дебатни емисии. Каде се старите добри времиња кога новинарите и дебатерите ги сомничевме за провидност, во споредба со сегашните сосема соголени парадирања на партиско пропагаторство на медиумските куќи и уредништва?!

Агресивна едностраност

Една од причините за тој мизерен дебакл на медиумите-с'скачи е што добар дел од албанската јавност одамна не ги следи македонските медиуми како примарен извор на информации и оценки, додека во однос на домашните албански медиуми се однесуваат според правилото „за галама вклучи домашни, за размена на мислења следи приштински /тирански телевизии”. Поради овој пристап, албанските гледачи имаа можност да дознаат за многу повеќе димензии и аспекти на домашната политичка сцена од странските гостувања на домашните политичари отколку од домашните партизирани информативни канали. За разлика од домашно сервираната програмирана тактика на „куди ДУИ, фали опозиција”, албанските гледачи преку соседните телевизии имаа можност да дознаат за повеќе пикантерии за сите партии, нешто што на македонските гласачи им беше ускратено. Албанскиот гледач/читач можеше да дознае за недоследностите, лицемеријата на ДУИ, нивните неславни истории и криминали кои се добро познати на македонската јавност. Но во прилог на тоа, можеа да дознаат, слушнат и за темните петна на Зијадин Села и Алијансата, за Алтернативата на Гаши, за авантурите на Зоран Заев и генерално прашања кои на чуден начин се кријат од овдешната јавност, конкретно македонофонската. Што на крај ја испостави и финалната изборна пресметка – апсолутен виртуален триумф на опозицијата по социјалните мрежи и убедлив пораз на гласачките кутии. И состојба на пост-фестум шок кај македонските медиуми, македонски партии и јавност.

Македонските медиуми ја имаат сосема преземено и проголтано партиската нарација и размислување за себе како државотворни, државочуварни, државоспасителни фактори, целосно дезинфицирани од сопствената мисија и задача да известуваат, информираат и им служат на граѓаните. Агресивната едностраност, демонстрирана во меѓупартиските односи и меѓуетничките пресметки, резултира со триумф на едноумие затскриено зад бркање на формални минутажи на претставеност. Во таа трагикомична драмолетка на медиумска агитрпопштина е помалку битно што порталите и телевизиите на ВМРО-ДПМНЕ се последните кои дознале за ислуженоста на ликовите како Мијалков. Не биле информирани, дечките. Помалку битно е што медиумите на СДСМ повеќе се шокираа за граматичките грешки на опонентите отколку за срамните изјави на Заев и заевистите за нивните колеги, хомосексулаците, невладините, Албанците, Италијанците и.т.н. Во нивниот ПР-прирачник, националисти и расисти се секогаш другите, никогаш тие самите. Во медиумите на албанската опозиција нема дилема дека секој кој не се согласува со светоста на младите надежи заслужува цензура. За добро на демократијата. Сите тие, и многу други, расчекори помеѓу реалноста и пропагандата, се помалку битни, дури ефемерни. Во споредба со фрапантната, речиси координирана меѓу нив уредувачка политика на унисоно премолчување на актуелната болка на јавноста сега и денес и нејзино пост-фестум повампирување кога таа иста, сега подзастарена болка ќе се зивлече од архива за да се дефокусира јавноста од новата, ганц-свежа пакост која ја избезумува јавноста.

Други колумни од авторот: 

Третиот човек

Трилер избори во десет точки

Мисиите на Алмир и Катица

„Too Big To Fail“

Веќе не е доволно да се биде кербер бранител на партиската кауза. Новите околности, новите потреби налагаат поагресивен настап, создавајќи нова култура на агресивно керберство во мисија на превентивни напади наместо одбрани. Во таа опсесија, тој вртлог на самодеструкција медиумите хорски ќе се зададат во наметнување полувест на денот за да се покрие темата на неделата. Кога ќе падне команда, гневот за нерушењето на Скопје 2014 се пресвртува кон некоја Нафи тераса, некоја шверцерска палуба и надградба. Кога прашањето ќе се среди така што нема да се реши, а јавноста повторно се потпрашува за витонките на Боки 13, следува хистеријата за Универзална сала, за Матка, за продавачите на лубеници по улици кои ја загрозуваат националната и евроазиската безбедност. Кога и тие теми ќе се средат така што нема да се решат, ете нова тура за подзаборавање на десетиците милиони изнесени од партиски фамилии преку реактуализирање на 1000 вработени неработници во секретаријат за вртење европски папирологии, за трафиката во Драчево која не дава фискални (скандалиште, бре!). И така во круг, спикерните глави алармираат и потпалуваат убедени дека никој од оваа страна на екраните не се запрашува: па чекај, еден единствен финансиски скандал на големите партии е пари вреден и не чини колку сите останати банана-афери фрлени на нас, мајмуните со далечинско во рака.

Медиумите, заедно со меѓународната заедница, се клучната потпора на логиката Too Big To Fail (преголеми за да им се дозволи пад) диктирана во однос пред се’ кон СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и сезонски променливо кон ДУИ. Таа логика, аплицирана во однос на западните банки виновни за финансискиот крах на 2008 година, на домашен терен се аплицира во однос кон СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои правилно ја имаат разбрано како широкоградо дадена дозвола да прават што си сакаат, кога сакаат, кон кого сакаат. Свесни дека какви и да се нивните злодела, тие секогаш ќе ја имаат поддршката на македонските медиуми за одбрана од албанската, т.е. интегристичката загроза, разбирањето на дипломатската заедница за одржување на картагенскиот мир и просперитет. Но што кога неизлезноста ќе ја подрие таа пирамида изградена од песок? Тогаш следи тоа што сега го сведочиме по изборниот ден. Здружен хорски повик на македонските медиуми и партии против ДУИ како секогаш податлив Педро за тепање и демонстрирање мажевност, броење на македонски знамиња по албански променади, молк на меѓународната и надеж дека се’ ќе се врати на старо. Но, и Мајбах Војводата понекогаш знаел да погоди. На пример, за ефектот на вистината и шилото.

Темелна медиумска реформа нема да има

Албанците, како „крајпуташи“, веќе биле онаму каде што се денеска нивните сограѓани Македонци. Ги паметат славните делови на масовна излезност и гласање. Паметат и како таа некогашна еуфорија полека, со секој изборен циклус спласнуваше и тонеше. Одвреме-навреме, надежта ќе пркне со некоја нова албанска партија, за потоа повторно графата да се врати на константата од 25% просечна излезност и држење до ѓаволите кои ги познаваат. Во меѓувреме, бројот на албански медиуми означуваше константен тренд на пораст, на државно и локално ниво. Со ефект на делумно носталгично делумно љубопитно прелевање на гледаноста кон соседните земји. За денес да ја добиеме реалноста во која политичарите ја следат популарноста онаму каде што е и гледаноста. За разлика од албанските политичари и гласачи кои се веќе одамна акомодирани во таа медиумска миграција, македонските допрва ја откриваат профитабилноста и престижноста на гостување по странски телевизии за преку нивниот кредибилитет да ќарат троа дефицитарна доверба кај домашните гледачи.

Она што никој немал намера да го преземе со должна сериозност и решителност во последните три децении, секако нема да се случи и во следните петнаесет месеци на предизборна кампања. Зборот ми е за темелна реформа на медиумската сфера. Напротив, севкупните индикатори укажуваат дека сите кочници се пукнати, сите морални резерви се истрошени, сите скрупули се отфрлени од страна на медиумската заедница опфатена од егзистенцијалистичката треска и камшикот за одработување на дадените фондови, кредити, грантови. Но толку веќе знаеме, паметиме, имаме научено дека потпалувањето следи кога аргументите се истрошени, убедливоста е рамна на нула, популарноста фрлена од десетти кат, а гледачите веќе ви имаат свртено грб. Финалната епизода на таа измамена доверба е кога гледачите повеќе се фокусираат на коментарите под веста објавена на социјалните мрежи отколку врз самата вест. Според логиката – ако е веќе оперета, нека биде забава за народ.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач