Трилер избори во десет точки
16 јули 20201. ДУИ е асполутното изненадување и фактички победник на овие избори. Но иако победата е на ДУИ, заслугите се на Ахмети како автор на концептот за синдикалното поврзување на сите ограноци и локални автономни фактори со авторитет за автохтоно локално претставништво во Скопје. За разлика од Алијансата, Алтернатива и Беса кои болно ги почуствуваа последиците на негативната кандидатска селекција. Содржана во феноменот на компензација на локалната непопуларност преку политички гастарбајтеризам во Скопје. Тој феномен, така изразен во Струга, Дебар, Гостивар, Куманово (не само во партиската туку и медиумската сфера) беше пресудниот фактор за успешниот настап, но сепак недоволен за победа на опозицијата.
2. Вистинската димензија на подвигот на Ахмети не може да се разбере без осврт кон фактот што неговата медиумска кампања беше сведена на чат-пат јадни лаптоп порталчиња. Во споредба со моќните телевизиски, печатени, радио и електронски машинерии на СДСМ, ВМРО, Алијансата кои совршено маестрално ја одработија најефективна кампања на пропаганда за ДУИ во распон од сатанизација до потсмев преку 24/7 какафонија на напади врз Ахмети. Крунскиот момент за негова катапултација кон победата беше базиран врз емотивната реакција на Албанците предизвикана од емотивната манипулација на Македонците од страна на Мицкоски и Заев во игнорирањето на Зибери во телевизиските дебати.
3. Изборните резултати се јасен, недвосмислен финален удар на „третата среќа” за импонирање на моноетнички замисленото и скроено граѓанско уредување на општеството и државата. По дебаклот на Виножитото на Тупурковски, дебаклот со интеристичкиот концепт од 2003, масивното вртење грб на Албанците кон излитеното „едно општество за сите” означува крај на секој сличен обид во догледно време – или барем додека е свежо сеќавањето. Наместо едно општество, изборните резултати исцртаа две концептуално идентични, етнички различни, општества доминирани од пресликани идео-политички ривалства во рамките на етничката заедница. Времето, повеќе отколку мудроста на политиката ќе покаже дали ова е само логичен финален епилог на големата бела лага „едно општество” или пак бифуркационен почеток на поприроден, поискрен, пореален и поодговорен процес. Кој во некоја иднина ќе заврши со партнерство на еднакви кои ќе стремат кон се посовршен сојуз.
4. Минискулната дискрепанца на гласови помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е непријатна, но фантастично поучна лекција за последиците од лекомисленоста во приграбување на секој лик и секаква идеја под сулуда замисла дека така ќе добијат или придобијат троа и трошка од другата страна. Но во реалноста, понудите на двете партии доведоа до збрлавување на гласачкото тело кое не можеше да во набиен кус рок конзумира и процесира во кој дел ВМРО-ДПМНЕ е со Сиљановски против Димитров а на иста линија со Левица и Трета-четврта опција. И од другата страна Заев чии „сигнали у ноќи” игранки со двосмислености, тромислености доведе до тоа да граѓанинот не знае дали лаже кога ветува заеднички општества или македонски жички. Во таа поделба на улогите, со месеци се дефинираа профилите на три лидери со три различни каузи на борба – Мицкоски за македонството, Заев за европејството, Ахмети за Македонија.
Други колумни од авторот:
5. Секоја дебата во ВМРО и СДСМ околу непријатните резултати мора да почне со темелна самокритична анализа за одговорноста на партиите и вината на медиумите. Партиите се одговорни што со нивните челични шепи ја загушија слободата на јавниот збор, убедени дека со тоа ќе обезбедат моќна пропагандна предност. Но се што всушност обезбедија се еко-комори со гласно самозадоволување кон кое никој нормален не сака да биде изложен повеќе отколу што мора. Вината на медиумите е што за грст пари ја прифатија таа улога и на долг рок ја компромитираа сопствената смисла. И нека не се чудат што – Ахмети и Села на пример - најинтересните изјави ги даваат во соседство. Зошто? Бидејќи за разлика од овдешните прашања сведени на „граничниот премин Лојане кога ќе се отвори? Катица зошто се соблече? На Боки Витонката кафеава боја беше? А Нафи дивоградбата”, во Приштина и Тирана прашањате се за регионот, за Специјални судови, за размена на територии итн. Потсетете се, дали некој од СДСМ и ВМРО воопшто ги има спомнато овие прашања? И побитното – дали и покрај интересот на јавноста некој воопшто се обидел да ги праша при сите тие силни галамџиски „дебати”? Со таков орвеловски пристап на партиите и џери-спрингеровштината на (македонските и албанските медиуми во Македонија) дали овие резултати се навистина толку изненадувачки? Нашата јавноста одрасна – партиите уште се гребат во пубертет.
6. Во постизборните пресметки и преговори, СДСМ влегува со за јавноста – барем досега – големата непознаница колку од освоените гласови се партиски, а колку коалициски, т.е. на Беса, дури и доколку станува збор за еден мандат. Разјаснувањето на таа непознаница ќе придонесе кон стекнување на подобра слика за вистинскиот сооднос на моќ и подршка помеѓу двете најголеми македонски пол-партии. Подеднакво како што и ќе ја расчисти ситуацијата во која СДСМ мисли да влезе во преговори со останатите партии од позиција на освоени мандати. Стабилноста на Зоран Заев е длабоко разнишана во очите на потенцијалните партнери, кои секако ќе го штедат - пропорционално реципрочно колку што тој ги штедеше нив во предизборието. Дотолку повеќе што за разлика од минатите избори, и благодарение на неговата глаголивост, овие резултати не оставаат веќе никакво простор за двоумење кој ќе биде заслужен за составувањето на новата влада – аморфните граѓани или конкретните партиски бројки?
7. Таа стара, мудра еврејска укор-клетва дека треба да се внимава што се посакува, повторно се јавува како припомош за илустрација на победата на ВМРО-ДПМНЕ. Да, партијата на Христијан Мицкоски е доминантната, неприкосновена македонска политичка партија. Славен, горд епитет стекнат по цена на губење на изборите во политиката. Таквата бенигна, горко-слатка забелешка ме потсетува на некои други времиња, некаде 2012-2013 кога во Утрински весник ги потсетував политичарите дека гласовите од Дуќанџик, Тенеќе-маало, Копаница навистина се, онакви, од онаквите де, на албански мирисаат ... Но, брат, кога во изборната ноќ ќе се стопат на екрани во јаки проценти, така се мили, слатки, нашки, победнички! Па затоа, комуникацијата со ВМРО-ДПМНЕ веќе станува заморна, досадна, сведена на – драг Мицкоски, ти знаеш дека јас знам дека и ти знаеш што треба за да победиш. Но, ако вака ти е подобро, тогаш ништо.
8. Со големи победи доаѓа и голема одговорност. Во последните дваесет години на кингмејкерство во Македонија, Ахмети никогаш не бил соочен со поголем и поделикатен предизвик отколку што е овој денес. Навистина, стекнатото искуството со помирување на мачки и змии во вреќите на Мала Речица секако ќе бидат поучни при предизвиците кои претстоат. Се разбира, по сите примени пцости, навреди, провокации, исмејувања, тој не му е должен ништо на СДСМ. Ниту пак на Мицкоски по неговото прифаќање на етничката логика на Заев наместо политичката прагма на Макијавели. По сите координирани усилби на СДСМ и ВМРО за негово фрлање во опозиција, тој нема никаква причина да докажува пристојност кон нив.
Предизвикот за Ахмети не е партиски оптеретен, туку принципиелно деликатен во однос на Македонците сами, повеќе (апсолутно повеќе!) отколку кон нивните политички партии. Лидерот на ДУИ, кој сака да се смета себе си и како лидер на Албанците, мора да пристапи кон преговорите имајќи ја на ум доблеста дека оној што одбива да биде мајоризиран, нема да сака да тоа го употребува кон другите. Немам сомнеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја употреби таа принципелност во секоја згода и прилика, крстејќи се во заборавноста на Албанците за пораките кои ги упатуваа кон нив генерално, и кон ДУИ подвлечено. Но Ахмети треба да ја има на ум волјата на граѓаните Македонци - а не на ВМРО - искажана на изборите, нивните замисли и размисли, нивните чувства, стравови, па нека се и предрасуди. И на истите им пристапи на начин на кој Мицкоски пропушти да настапи – без трунка триумфализам, без примитивистичка вендета, без дневна-политичка калкулација и со чисти раце за соработка. Најголемата етничка политичка партија на Македонците не може да биде исклучена од калкулациите за коалиционирање. Не само поради принципот „победник со победник”, туку и поради логиката „мир во комшии, мир по дома”. Ахмети мора да биде спремен да жртвува дел од сопствената победничка аура, но онолку колку што и Мицкоски ќе стекне храброст да погледне со очи широко отворени во Аугиевите штали на сопствената партија и општество.
9. Дали доколку му се даде можноста да повторно биде мандатар, Заев ќе успее да ја разбере разликата помеѓу неговата ориентална логика на „сакам да сум калиф место калиф” и кумовската прагма дека „не е лично, само бизнис”? За жал, ништо во неговите скорешни истапи не укажува на тоа дека во него постои искрен ниет и волја да ја потисне итроманштината и ја прифати мудроста на сериозен државник. Но Заев е Заев, а СДСМ е ѓаволот познат на ДУИ, со многу споделени добра и некои скорешни мочварни заталкувања. Но да не се лажеме, за разлика од сите претходни партнери, Заев е единствениот премиер кој не умееше да ја сокрие личната пизма, нетрпеливост и завидливост кон Ахмети. Наивно е да се верува дека таа психолошка оптеретеност ќе биде надмината во следниот мандат, гарантирајќи ја на тој начин дисфукнционалноста на коалицијата во премрежијата кои следат. Воедно, за разлика од булдожерските задачи кои изискуваа ликови како Заев и Димитров, во периодот пред нас ќе бидеме соочени со предизвици кои ја налагаат потребата за нови профили со соодветни познавања, свежина и без петна на чело – во домашните, регионалните па и глобални конотации. Впрочем, соработката на ДУИ со СДСМ тераше и пред Заев. Не гледам никаква причина зошто не би продолжила и под нечија нова премиерска палка, било да е тоа од орбитата на ДУИ или на СДСМ.
10. Изборните бројки ја пренесоа математиката на граѓаните. Следува алгебрата на партиите за создавање нова алхемија за владеење. Во тој процес сите опции се отворени, со сите варијабли, квантитети и квалитети. За политичките партии дебатата ќе се одвива помеѓу создавањето на полит-партиски стабилен ексклузивитет или широки владини коалиции. За сите други, домашни и надворешни чинители, името на новата влада е далеку помалку битно од нејзината суштина. На бивање Влада за превенција и кризен менаџмент.