1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Третиот човек

23 јули 2020

Размената на територии не може, а да не се согледа во нејзината иницијална замисла – како дел од регионалниот пакет на прекројување, чии составни делови се и нашите договори со соседните земји. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3fnp3
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Се моли да стане и да признае кој прв почна да споменува размена на територии на Балканите? Тешко дека некој ќе дигне рака и покајнички ќе признае „да, тоа бев јас, mea culpa”. Во регионот, осомничените се Еди Рама, Александар Вучиќ, Хашим Тачи. Дефинирањетo на одговорноста во однос на меѓународната е друга приказна. Воспоставениот наратив е дека идејата никнала во опкружувањето на Донад Трамп и алтернативните десничари. Но, доколку паметењето и архивите на интернет не служат добро, сите индикатори укажуваат на спротивното. И далеку понепријатното. Дека идејата за размена на територии е родена во времето на администрацијата на Барак Обама, либералните прогресивни дипломатски кругови, невладиниот сектор и ЕУ.

Колку за потсетување за јавноста, сета приказна започна од написот на докторантот Тимоти Лес, британски дипломат со искуство во регионот и британската Амбасада во Скопје, објавен во престижниот Foreign Affairs на 20 декември 2016 под насловот „Дисфункција на Балканите”. Значи месец дена пред стапнувањето на должност на администрацијата на Трамп. Но, таа идеја датира месеци порано, низ предавања на Универзитетот Кембриџ и серија други написи, во кои Тимоти Лес експлицитно наведува дека „во последната година, водачите на Србија и Косово отворено разговараа за размена на територии по етнички линии, со одобрение на САД и ЕУ”. Дефиниција која темата ја сместува длабоко во времетањето на администрацијата Обама, со знаење на ЕУ администрацијата Јункер – Могерини. При што втората е всушност и највисоко рангирана меѓународна  службена личност која јавно ќе даде подршка на промените на границите ("Mogherini defends border change talks”, Politico, 31.08.208). На што оштро се има спротиставено службен Берлин. Би рекле, со огромно доцнење и изглумено изненадување, со оглед на јасно изнесените предупредувања од балтичките земји за про-рускиот сентимент на Могерини уште пред да ја превземе функцијата прв дипломат на Унијата.

Не го обвинувајте Трамп

Затоа, не, иницијативата за размена на територии не може да му се припише на Гренел или Доналд Трамп, како што впрочем нотира и контроверзниот Џон Болтон. Идејата е родена во време на администрациите на Обама, со подршка од извесни кругови во Стејт Департаментот блиски до фондацијата Сорос (Викторија Нуланд, Филип Рикер) и подоцна прифатена од ЕУ тројката Јункер – Могерини – Хан. Патот кон замислата од вашингтонските и бриселските салони кон реализацијата на терен беше доделена на конфидантите на Алекс Сорос во Албанија Еди Рама, во Србија Александар Вучиќ, и во Косово – Хашим Тачи. Со предност на Еди Рама, познат по нападната поддршка на кандидатурата на Хилари Клинтон и – за премиер – несфатливо аматерските потсмешливи изјави за кандидатот Трамп.

Останатото е веќе позната историја на скандализирање, оштри спротиставувања, протести и создавање терен на децениски долги тензии, спорења и сомнежи во регионот. Поради што, иницијативата за промена на границите на Балканот ќе биде со право сметана како демонстрација на деструктивноста на западната rogue diplomacy во однос на кршење на хелсиншките принципи. Проследено со горливото прашање – дали самата идеја е родена во Вашингтон и Брисел или пак е само дел од серијата интервенции на Руската Федерација преку нивните западни употребливи идиоти. Далеку од тоа дека сомнежите се сосема неосновани, со оглед на подоцнежните директни замешателства на Москва во Брегзит, во изборите во САД и регионот. Но тоа е друга тема кон која ќе се навратиме кога неминовно ќе почнат да испливуваат фактите.

Други колумни од авторот:

-Трилер избори во десет точки

-Мисиите на Алмир и Катица

-„Фашист“ за премиер?

Размената на територии не може, а да не се согледа во нејзината иницијална замисла – како дел од регионалниот пакет на прекројување, чии составни делови се и нашите договори  со соседните земји. За кои беше неминовно да се инсталира послушна власт на опортунизам во име на интеграции и светла иднина. Имплементацијата на пакетот мерки се уште не е завршена – ни приближно, судејќи по претпазливите изјави дека идејата за размена на територии е отфрлена, но не и погребана. Поради што, и судејќи по некои скорешни изјави и настани, допрва ќе влегува во драматична фаза. При што токму Македонија е во фокусот на интересот.

Улогата на Ахмети

Етно-македонската јавност остана ускратена за една интересна изјава дадена од познат косовски новинар, Вехби Кајтази на 8 јули 2020, во контекст на тековните преговори Белград – Приштина. Според Кајтази „човекот кој го даде клучниот удар против размената на територии е Али Ахмети од Македонија. Ахмети, за се што се дискутира за Косово, за секој договор, меѓународната го консултираат неговото мислење. Бидејќи им требаат гаранции од Албанците од Македонија. И меѓународните не успеале да добијат гаранции од Ахмети дека доколку дојде до размена на територии нема да се чепнат границите на Македонија”. Изјавата на новинарот би била можеби и земена со резерви, доколку неколку дена претходно, на друга приштинска телевизија потврдата не дојдеше не од трета, туку од прва рака. Од устата на Мендух Тачи кој забележа дека неговите предупредувања до странските дипломати биле дека промената на границите и создавање асоцијации неминовно ќе влијаат врз Македонија бидејќи никој, ни тој самиот, нема да можат да се спротивстават на негодувањето на Албанците кон таквиот отворен диспаритет и двојни стандарди. Очекувано за земја со длабока медиумска цензура од страна на "фондациите за слобода на печатот”, ниедна од двете изјави не беше преведена, пренесена пред етно-македонската публика.

Сега, кога веќе изборите се зад нас, и сега откога недела дена по нив ниеден регионален премиер/министер не упати една единствена честитка до „победниците”, можеме да дебатираме за темата без да бидеме обвинети за пропагандно подметнување. Но сега, со оглед на изнесените наводи, можеме да ја согледаме во сите димензии мрачната страна на пропагандата на СДСМ и патолошката омраза на Зоран Заев кон Али Ахмети. И во прилог на тоа, новата димензија на номинацијата на Албанец премиер, како првиот албански кандидат за унитарноста на Македонија. Констатациии кои се нецелосни доколку не се искаже и клучната констатација за Зоран Заев како третиот човек во операцијата за промена на границите на Косово и Србија. Но и улогата на Али Ахмети, па и Мендух Тачи, како чувари на суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово, следствено и Македонија. Дали е тоа круцијалниот мотив за невидената атака кон Ахмети од страна на, нели, прогресивните, мултикултурни, европски надежи за стабилност во регионот, собрани околу Заев? Дали рушењето на Ахмети и ДУИ не е само поради криминал и корупција – за разлика од „чесните и поштени” ликови на Бихачка – или пак целта е негово елиминирање како задача зададена од САД и ЕУ за отстранување на последната пречка на промената на границите во Косово? Со секако силни дадени ветувања дека тоа нема да се одрази врз надворешните или внатрешните граници на Македонија... во догледно време.

Потезите на Заев подолго време се следат со должно внимание и сомнеж во Приштина и Тирана. Посебно по забрзаната дружба и уште поотсечниот прекин на прошетките помеѓу Заев и Рамуш Харадинај. Напорите на СДСМ да најдат „добри косовари” доведе до средби помеѓу Албин Курти и Никола Димитров, Радмила Шеќеринска. Што вроди и со радоста на Самоопределување за победата на „потолерантната и поотворена кон Албанците” СДСМ. Времето ќе покаже дали таквата „воодушевеност” на Албанците ќе потрае и понатаму, со оглед на тоа што денес околу Заев е концентриран who is who кремот на македонската политичка и медиумска албанофобија, по трансферот од ВМРО-ДПМНЕ. 

Разнишани темели

Убедливата победа на ДУИ и Али Ахмети секако беше непредвидено изненадување кое донекаде ги има успорено, но не и отфрлено причините за сомнежите за вовлекувањето на Македонија во размената на териториите помеѓу Косово и Србија. Демонстрацијата на конструктивност преку номинирање на Насер Зибери, претставена како албански национализм, во чекор со македонското одбивање претставено како демонстрацијата на граѓанскиот концепт и меѓу-етничка толеранција, веќе ги има разнишано темелите на етничките односи во земјата. Премолчената согласност и дискретно куражење од страна на САД и ЕУ кон ангажманот на екс-вмровските и старо-сдсомовските шовинистички структури во СДСМ не е само со цел да се засили расклатениот Зоран Заев. Зад плаштот на емоциите всушност се крие прагмата на смислено хранење на албанофобијата за да се оттргне вниманието од покрупните предизвици и да се санираат поболните прашања. Некогаш тоа беа Гостивар и девалвацијата, денес тоа е желбата на Западот, Македонците помалку да паметат, мислат и зборуваат за Договорите со Грција и Бугарија, а повеќе да се занимаваат со тие проклети Албанци. Класична демонстрација на западната логика на crisis management во балканската џунгла, со Албанците во улога на мемориска пилула за македонска нинула.

Како кон се друго, песимистите и оптимистите имаат свои радикално спротиставени видувања на овие прашања, зависно од тоа дали се на власт или во опозиција. Наместо бесполезните дебати со таквите клиентелистички гледишта, ќе понудам само кус преглед и потсетување каде сме и кога сме: на чекор до совршената бура на пандемична експлозија, социална имплозија и  политичкa папазјанија. На неколку месеци до глобално и историски најбитните избори во САД, вжештена состојба во Медитеранот и среде незапирливата пукнатина на ЕУ по географски, ментални, културни, финансиски и гео-стратешки дисонатни определби на земјите членки. Среде тоа, нашите судбини се во раце на политички и дипломатски махери кои наликуваат на комичниот тв лик Слеџ Хамер додека самоуверено ја отшрафува атомската бомба и не убедува: "Trust me, I know what I am doing”. Зошто би биле загрижени?

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач