Исак Херцог е нов претседател на Израел
2 јуни 2021Со 87 гласови „за“ и 26 „против“ израелскиот парламент го избра Исак Херцог за нов претседател на државата. Функцијата која порано ја извршуваше и неговиот татко, Хаим Херцог, е претежно репрезентативна. 60-годишниот Исак Херцог се смета за претставник на елитата по потекло од Европа и е секуларист. Тој однесе победа против 67-годишната активистка и учителка, Мириам Перец, која има скромно потекло, верник е и важи за галионска фигура на Евреите со ориентални корени (потекло од Блиски Исток, Азија и Африка, н.з.) во Израел.
Херцог најави дека ќе биде „претседател на сите Израелци“ и ќе се залага за обединување на разединетата земја, дека е време да се градат мостови меѓу различните групи на населението, подвлекувајќи ја како приоритет борбата против антисемитизмот и омразата кон Израел во светот.
Повеќе:
Палестинците и Евреите во „мешаните“ градови на Израел: Како да се поврати довербата?
Крај на владеењето на Нетанјаху?
Херцог од 2013 година ја предводеше Работничката партија, а во 2018 година стана претседател на хуманитарната организација Jewish Agency, која меѓу другото е одговорна за доселувањето во Израел.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му честиташе на новоизбраниот шеф на државата преку Твитер. Изборот на Херцог доаѓа кратко пред очекуваното разрешување на долгогодишниот десно-конзервативен премиер.
Исак Херцог ќе ја преземе должноста од досегашниот претседател Реувен Ривлин на 9 јули. Во најважните задачи на шефот на државата спаѓа помилување затвореници и доделување мандат за формирање влада. Изборот на израелски претседател го врши парламентот со тајно изјаснување за мандат од седум години.