1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

„Мешани“ градови на Израел: Како да се поврати довербата?

Дана Регев
24 мај 2021

Судирот помеѓу Израел и Хамас драматично ги зголеми тензиите и во израелските градови, во кои Евреите и Палестинците живеат заедно со децении. Со примирјето и таму започнува и нормализацијата, која ќе трае со години.

https://p.dw.com/p/3tqYO
Israel-Palästina Konflikt | Zusammenstöße in Lod
Фотографија: Ahmad Gharabli/AFP

Централните улици на Јафа се сенишно мирни, невообичаено за една сабота во овој град, каде живеат Арапи и Евреи, и кој од октомври 1949 година е припоен кон Тел Авив. Минаа неколку дена откако Израел и Хамас го склучија примирјето и досега тоа се почитува: не беа испукани ракети од Појасот Газа кон Израел, а немаше ниту воздушни напади на израелската армија врз таа палестинска територија.

Но, примирјето сѐ уште не се чувствува во Јафа и другите мешани арапско-еврејски градови.

„Во Ерусалим, многу Евреи и Палестинци не купуваат дури ни леб едни од други“, вели 31-годишната Сама*, Палестинка, која пред два месеца се преселила од Ерусалим во Хаифа. „Звучи ужасно, но во Ерусалим можев да се сокријам во сопствениот меур. Не ќе морав да се соочувам со еврејски расизам и дискриминација ако останев во источниот дел на градот“, вели таа за областа во која Палестинците се мнозинство.

Israel Ausschreitungen Al-Aqsa Moschee in Jerusalem
Фотографија: Ahmad Gharabli/AFP/Getty Images

„Во Хаифа, Евреите и Палестинците се принудени да се среќаваат секојдневно. Градот не е поделен на два дела како Ерусалим“, додава Сафа.

Градот во северен Израел - трет по големина во земјата - се сметаше за модел на соживот помеѓу Арапите и Евреите. Но, сѐ уште има тензии кои ескалираа во последните неколку недели. За време на ракетирањето од страна на Хамас,  еврејските демонстранти во Хаифа со камења нападнаа Палестинец. Во друг инцидент пак, петмина Арапи нападнаа 30-годишен Евреин во северниот град Акон, во кој исто така заедно живеат Палестинци и Евереи. И тоа не беа единствените инциденти.

„Нема вистински соживот“, ни раскажува Сафа за Хаифа, нејзиниот нов дом. „Палестинците и тука секогаш биле граѓани од втор ред. Тоа сега само може да се види подобро“.

Ескалација на насилство

15-годишниот Калил* од Јафа вели дека примирјето е „фантастична вест, но дека тоа е само почеток“. Момчето продава во семејната пекарница, која обично е полна со палестински и еврејски муштерии. „Полицијата тука секоја вечер ги блокира улиците, нѐ испрашува. Зошто? Дали сме криминалци? Ние само сакаме да живееме во мир во нашата земја“. Единствениот купувач во пекарницата во тој момент, 42-годишниот Евреин од Јафа, Адас, се согласува со него. „Без оглед на политичките ставови, факт е дека Евреите и Палестинците ќе мора да научат да живеат заедно. Нема друго реалистично решение“. 

Повеќе:

-Затишје пред нова бура во Израел и во Газа?

-Блиски Исток: Решението за „две држави“ – утопија?

-По примирјето на Блискиот Исток: радост и скепса

Но, нема да биде лесно. Последниве денови телевизијата покажа како десничарска израелска толпа во предградето на Тел Авив, Бат Јам, кое се граничи со Јафа - брутално претепа човек кој неподвижно лежеше на земја. Според извештаите, групата го нападнаала затоа што мислела дека е Палестинец. Претходно, израелски екстремисти маршираа низ градот, кршејќи ги излозите на арапските продавници и извикувајќи расистички пароли.

Во градот Лод, каде 40 проценти од населението се Арапи, еден 32-годишен израелски Палестинец беше застрелан, а беа запалени синагога и еврејски имот. Подоцна, еден Евреин почина откако беше нападнат од група израелски Арапи.

Пред запалената синагога, 31-годишниот Евреин Јоел Франкенбург за новинската агенција АФП изјави: „Арапите сакаат да нѐ убијат“, додавајќи дека и него го нападнале со камења и оти тој морал да го испрати своето семејство надвор од градот.

Разнишана доверба

Од стапувањето во сила на примирјето, животот срамежливо се враќа во нормала во Израел и во Појасот Газа. Трговците ги расчистуваат продавниците, кафулињата се полнат и мештаните претпазливо излегуваат на улиците. Од вчера во Газа работат и административните канцеларии.

За време на единаесетдневниот конфликт, израелската војска изврши стотици воздушни напади врз пренаселениот Појас Газа, убивајќи 248 лица, од кои 66 деца. Според локалното Министерство за здравство, со кое раководи исламистичкиот Хамас, близу две илјади лица биле повредени. Според Обединетите нации, повеќе од половина од убиените биле цивили.

Дванаесет лица беа убиени од ракетите на Хамас во Израел, вклучувајќи едно дете, израелски војник, еден индиски и двајца тајландски државјани. Повредени се 357 лица.

Според израелската армија, Хамас и другите милитантни палестински групи испукале 4.350 ракети, од кои огромно мнозинство биле пресретнати или паднале во Појасот Газа.

Но, во мешаните градови, жртвите не се последица на проектилите, туку на линч и вандализам. Страдаше и онака кревката доверба меѓу соседите и за таа да се поврати може да бидат потребни години.

* Вистинското име ѝ е познато на редакцијата