1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Блиски Исток: Решението за „две држави“ – утопија?

Керстен Книп
22 мај 2021

Идејата за „две држави“ е речиси исто толку стара колку конфликтот на Блискиот Исток. Во светло на новите ескалации се чини е се помалку остварлива. Ова се најважните прашања и одговори.

https://p.dw.com/p/3tfhv
Ost-Jerusalem | Palästinenser feiern Fest des Fastenbrechens
Фотографија: Ammar Awad/REUTERS

Од каде потекнува идејата за решение на „две држави“ ? 

Решението за „две држави“ за првпат се појави од таканаречената Пил-комисија основана за време на т.н. британски мандат во Палестина (1922-1947), односно британска управа.  На 7 јули 1937 тие за првпат предложија поделба на Палестина на еврејска и арапска држава. 

Членовите на комисијата тогаш разговараа со над стотина Евреи и Палестинци по што дојдоа до отрезнувачки резултат. Меѓу двете групи кои живеат на тесниот простор има „ненадминлив конфликт“. Овие групи немаат ништо заедничко. „Нивните национални надежи не може да се обединат во едно.“ Поради тоа земјата мора да се подели на два дела. 

Планот остана во фиока, но стана нацрт за сите идни обиди за решавање на конфликтот меѓу Израелците и Палестинците. Во 1947 година беше повторно активиран од Генералното собрание на ООН, но не успеа поради отпорот на арапските земји  кои не сакаа да чујат за држава Израел. 

Следната година со војна двете страни се обидоа да заземат што е можно поголем дел од територијата. Де факто војната ги постави темелите за протерување на Палестинците. По шестдневната војна во 1967 година, во која Израел ги освои Западниот Брег и Ерусалим, се чинеше дека решението за „две држави“ е невозможно. 

Infografik Karte israelische Siedlungen Westjordanland DE
Израелски населби во Западниот Брег

Кога им е признаено правото на самоопределување на Палестинците? 

Планот повторно се врати на дневен ред во 1980 година, кога тогашната Европска заедница се изјасни во корист на правото на самоопределување на Палестинците и решение за „две држави“. Но, поминаа уште две децении додека Советот за безбедност на ООН во март 2002 и официјално да го преземе овој израз. 

Џорџ В.Буш беше првиот американски претседател кој го употреби. Во 2003 израелските и палестинските преговарачи го вметнаа овој план во таканаречените „Женевски преговори“. 

Повеќе:

Кој е Хамас и кој го поддржува?

Зошто се заострува ситуацијата и на Западниот брег?

Израелско-палестинскиот конфликт им одговара (речиси) на сите

Основата за приближувањето беше фактот што ПЛО во 1988 не го призна официјално Израел, туку индиректно со објавата дека се откажува од идејата за една палестинска држава на целата територија. Наместо тоа ПЛО се ограничи во рамките на земјата под нивна контрола од 1967 година. 

Кон ова се приклучи и исламистичкиот Хамас, барем преку изолираните изјави на нивните лидери, меѓу кои и премиерот Исмаил Ханија. И други високорангирани политичари од Хамас ја поддржаа оваа позиција, но како предуслов за вакво нешто побараа да се одржи референдум меѓу Палестинците. 

Решение за две, или решение за една држава?

Во новиот милениум и кај Израелците и кај Палестинците најпрво растеше поддршката за решение за две држави. Но, со продолжувањето на населувањето Евреи на палестинска територија, поддршката кај Палестинците се намалуваше. Од 2014 година половина од населението се изјасни против такво решение. Таквиот тренд продолжи и во следните години. Многумина од анкетираните додаваат и дека заради напреднатото раселување на територијата решението за две држави веќе фактички е и неизводливо. Но, и на израелска страна заради терористичките напади од Палестинците е сменето расположението. Во 2015 само половина од Израелците беа за такво решение. Сепак, нејасно е кое би било алтернативното решение. Повеќето Израелци одбиваат и решение за една држава. Од нивна гледна точка такво решение би го поткопало идентитетот на Израел како држава на Евреите.