1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Велика Британиja: кој што сака од ЕУ?

Роберт Маџ
7 ноември 2019

Во Велика Британија во тек е изборна кампања која се чини ќе биде валкана и со ниски удари. Какви се ставовите на партиите по клучните прашања кои исто така ќе влијаат на односите со Европската Унија?

https://p.dw.com/p/3Sbpd
London Johnson auf Weg zur Queen
Фотографија: AFP/S. Rousseau

Брегзит:

Токму кога се чинеше дека се` е завршено, очигледно дека нема начин да се избегне зборот Брегзит на претстојните избори во декември.

Конзервативната партија

Премиерот Борис Џонсон е категоричен  да го „заврши Брегзит“  и покрај тоа што  не успеа да го исполни ветувањето дека тоа ќе се случи на 31 октомври.  Тој се надева дека ќе ги придобие и фрустрираните гласачи, а изборите ќе ги претстави како шанса да се осигура британското напуштање на ЕУ, по што ќе се премине на решавање на поважни и многу заборавени прашања како образованието, трошоците за националната здравствена заштита, и  креирање посилна економија  кога ќе заврши неизвесноста околу Брегзит. Но, целта на Конзервативците да испреговараат нов договор за слободна трговија со ЕУ само една година по истапувањето се смета за многу тешко остварлива желба. За договорот за слободна трговија на ЕУ со Канада, кој многу брегзитери го гледаат како образец и за Велика Британија, беа потребни седум години. Секој договор мора да биде потврден од сите 27 останати ЕУ земји членки пред да стапи на сила.

Лабуристичка партија

Главната опозициска партија е обвинувана за неодлучност во однос на Брегзит. Ветувањето на Лабуристичката партија дека “ќе го среди Брегзит“ во рок од шест месеци доколку дојде на власт од конзервативците е оценето како „бајковита политика“. Во обид да ги помири и консолидира гласачите на лабуристите и неопределените, лидерот на партијата Џереми Корбин изјави дека планира да постигне подобар договор со ЕУ и потоа да понуди нов референдум на кој би се гласало дали да се подржи или не тој договор за напуштање на Унијата.

England Unterhaus London Brexit
Фотографија: Getty Images/L. Neal

Либерални демократи

Либералните демократи ќе се обидат да се претстават како партија на анти-Брегзит нудејќи јасна и едноставна порака да се стопира и повлече одлуката за Брегзит. Лидерот Џо Свинсон вели дека пораката оти Британија ќе биде посилна во рамките на ЕУ е во согласност со оние кои ја гледаат партијата како единствена која нуди политика за останување на земјата во Унијата. Иако Либералните демократи се` уште заостануваат во анкетите, тие во моментов имаат 19% подршка, а има индикации дека тие може да ги привлечат гласачите на Лабуристите кои се незадоволни од непостојаната позиција на Корбин во однос на Брегзит.

Одбрана и безбедност:

Конзервативците

Џонсон во секоја пригода ја промовира својата визија за  пост-Брегзит  „Глобална Британија“ – од инвестиции во вселенски мисии до зајакнување на бродоградбата и модернизација на Кралската морнарица. Сепак, влијанието на Британија на глобална сцена се очекува да опадне, не само поради напуштањето на ЕУ туку и поради климавите односи со САД. Џонсон претходно зборуваше дека сака да ги преиспита заложбите во однос на одбраната и да обезбеди полабаво ниво на соработка со Европа. Велика Британија е веројатно најсилната безбедносна сила во ЕУ, и заедно со Франција е единствената земја членка која може да се пофали со „цел спектар“ на воени можности. Додека деталите за пост-Брегзиг односи остануваат нејасни, еден неименуван владин извор е цитиран дека „идните односи треба да вклучат и воена соработка која ќе им овозможи на Велика Британија и на ЕУ заеднички да се борат против заканите со кои се соочени нашите граѓани дома и во странство."

Лабуристите

Лабуристите ќе продолжат со нападот, нагласувајќи дека бројот на војската континуирано опаѓа уште од 2010 година. Во партискиот манифест се очекува да се повтори нивната заложба од изборите од 2017 година да зе задржи Тридент (Британскиот нуклеарен систем) како и членството во НАТО. Но постои загриженост, и во ЕУ и во Велика Британија дека Корбин и други од левото крило може да се повлечат од овие заложби доколку победат на изборите.

Либералдемократите

Либерал демократите ќе се фокусираат на контролата на извоз на оружје и ќе ја нагласат вредноста на мултилатерализмот и нивната посветеност кон НАТО и ЕУ. Нивниот портпарол за надворешна политика, Чука Умуна, вели дека не може да исклучи вклучување во еврозоната ако Велика Британија остане во ЕУ. Тој презентираше визија за унија со „економско јадро“ базирано околу Германија и „одбранбено и безбедносно јадро“ предводено од Британија.

UK London Pro- und Anti-Brexit Demonstration vor dem Parlament
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Akmen

Миграција

Конзервативци

Миграцијата беше клучна во нивната референдумска кампања за Брегзит и напуштање на ЕУ, а конзервативците ја користат и сега како аргумент за да покажат дека „ја преземаат“ контролата околу тоа кому ќе му биде дозволено да влезе во Велика Британија. За да го направат тоа тие сакаат да го воведат австралискиот систем на поени и оценување за да привлечат квалификувани работници. Но, деталите остануваат нејасни, бидејќи тоа предвидува наметнување на миграциски квоти, а тие ќе сакаат да избегнат конкретни бројки кои може да ги спречат во ветувањата дека ќе ја намалат миграцијата.

Лабуристите

Лабуристите сакаат да се олабават миграциските контроли. На нивниот партиски конгрес Лабуристите гласаа „за задржување и проширување на правата за слободно движење“ и да се отфрли системот базиран на приходот на мигрантите и нивната корисност за економијата. Во предлогот не е прецизирано до кој степен би се проширила слободата на движење како и дали ќе се примени на граѓани на земји и надвор од ЕУ. Лабуристите ќе играат на карта на емоции напаѓајќи ги конзервативците во однос на нивниот недостиг на сочуство со мигрантите.

Либерал демократи

Либерал демократите исто така ќе го истакнат непочитувањето на конзервативците на мигранитите и нивните маки. Тие ветија дека ќе им дозволат на барателите на азил да работат додека нивните барања се обработуваат и дека ќе ги укинат барањата за доказ за приход за мигрантите кои доаѓаат да се спојат со своите семејства.