Зошто се толку важни изборите за Европскиот парламент?
16 мај 2019„На 26 мај се одржуваат судбоносни избори за овој континент“, изјави шефот на пратеничката група на Демохристијаните во Европскиот парламент, Манфред Вебер на последната пленарна седница на Европарламентот пред изборите. Не само Вебер, водечки кандидат на демохристијанското партиско семејство во ЕП, туку и многумина политичари од сите политички табори ги прогласија претстојните избори за „судбоносни“. Според христијанскиот демократ Вебер, кој стреми кон функцијата претседател на Европската комисија, на крајот на мај се одржува дуел помеѓу проевропејците и националистите. „Оваа Европа, во која денес живееме, е добра Европа, нема да дозволиме националистите да ја уништат “, изјави Вебер.
Никогаш досега во членките на ЕУ немало толку многу десничарски популисти и евроскептици како на овие избори. Анкетите прогнозираат тие да освојат речиси 20 проценти од мандатите.
Орбанова или Макронова Европа?
Според националконзервативниот премиер од Унгарија, Виктор Орбан, станува збор пак за борба меѓу либералната демократија, чиј застапник е тој, и либералните демократи. Тие сакаат да го „заменат“ европското население и да го „исламизираат“ преку доселување мигранти, тврди унгарскиот премиер, кој склопи сојуз со германските, француските, данските и италијанските десничари. „Мораме да сфатиме дека Европа е стигната на историска раскрсница“, изјави Орбан во говорот на унгарскиот национален празник. Оној кој им посакува добредојде на илегални мигранти и бегалци, „произведува нации со мешани раси. Во ваквите земји им се става крај на историските традиции и настанува нов светски поредок.“
Омилен непријател на десните популисти од калибарот на Виктор Орбан, италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини или австрискиот претседател на Слободарската партија, Ханс Христијан Штрахе, е францускиот претседател Емануел Макрон. Макрон ѝ објави војна на „либералната демократија“, апелирајќи за „повторно раѓање на Европа“, солидарност и сочувство. И за Емануел Макрон, предлагач на крупни реформи, денот на изборите за ЕП е судбоносен.
„Најважната битка на овие избори е судирот меѓу оние кои веруваат во Европа и оние кои не веруваат“, изјави францускиот претседател на манифестација на својата партија „Република во движење“, четири недели пред гласањето.
Не е само до миграцијата
Работни места, миграција, заштита на климата, трговска политика, силна улога на Европа во светот – тоа се темите со кои ЕУ мора да се зафати во следните години, е ставот на етаблираните проевропски партии. Водечките кандидати Манфред Вебер (Христијанските демократи) и Франс Тимерман (Социјалистите) речиси не се разликуваат во однос на овие теми. Двајцата на пример се залагаат за ново партнерство со Африка и концентрирање кон поголеми инвестиции во земјите од кои потекнуваат бегалците. За десничарските популисти од друга страна постои пак само една тема: изолирање, оградување и што е можно повеќе држење надвор на мигрантите, како што истакнува на пример унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто: „За нас најважна цел е постигнување антидоселеничко мнозинство. А Унгарија ќе придонесе за неа."
Десничарските популисти на своите гласачи им ветуваат комплетно поинаква ЕУ, во која националните држави ќе си ги повратат наводно загубените права и ќе ја развластат централата во Брисел. Франс Тимерманс, водечкиот кандидат на Социјалистите и актуелен вицепретседател на Европската комисија во Брисел, тоа го смета за лудост.
„Нема да им ја препуштиме власта во Европа на екстремисти. Ова се судбоносни избори, ова е ваш избор. Вие решавате каква Европа ќе добиете во следните пет години“, изјави Тимерманс во телевизиска дебата на германската телевизија.
„ЕУ располага со спротивставувачка сила“
Составот на новиот Европски парламент ќе ги принуди Демохристијаните, Социјалдемократите, Либералите и Зелените на соработка во голема коалиција, смета експертот Јанис Емануилидис од тинк-тенкот Европски политички центар во Брисел. Но, ЕУ по изборниот ден нема да доживее тотално менување на курсот, смета тој. „Нема да доживееме непријателско преземање на ЕУ. Мора се има критички став, но не смее ни да се претерува и да се биде премногу негативен. ЕУ во изминатите години покажа и голема отпорна моќ. Така ќе биде и во иднина“, тврди експертот.
Повеќе:
Европската младина сака да ѝ се чуе гласот
Европски избори: Божемниот дуел на Вебер и Тимерманс
Орбан му го заврте грбот на Вебер за европските избори
За новиот парамент ќе биде важно, по пребродената должничка, а потоа миграциска криза, да се спреми за нови кризи во областа на еконоијата, во односите со САД, Русија или Кина, смета Емануилидис, и тука претстојат клучни одлуки: „Ќе има нови кризи. Денес не знаеме дали тие ќе бидат последица на старите проблеми или претстојат нови предизвици. Мора да се биде подготвен за пребродување на бурите."
По изборите, ЕУ би морала да се концентрира во преден план на економскиот развој и изедначување на животните услови меѓу богатиот север и посиромашниот југ, смета Карел Лано од Центарот за европски политички студии од Брисел, кој истражува на тема ЕУ. Само на таков начин може да се реши и проблемот на десничарски популизам, кој тенденциски е посилно присутен во посиромашните држави. „Повеќе интеграција, најважно е зајакнување на внатрешниот пазар во Европа и поефикасен ангажман надвор од Европа. На внатрешен план треба да размислуваме околу енергетската политика, дигиталната економија и уште поголеми слободи за луѓето. Во врска со надворешните односи, факт е дека откако Трамп е претседател на САД, на удар е слободната трговија. Веројатни се нови царини," оценува Лано.
Да се ужива во моментот на демократијата
Судбоносно прашање, крстопат, последна шанса - поимите кои се употребуваат во изборната кампања за гласањето од 23 до 26 мај делумно се драматични. Секако, изборите се важни, оценува портпаролот на ЕК, Маргаритис Схинас, но не смее да се преувеличува. „Јас сум веќе со години присутен во европската политика. Не можам да се сетам на ниедни избори за кои не се зборувало – Европа се наоѓа на крстосница. Фактички, секогаш сме на крстопат и добро е што е така“, изјави Схинас неодамна во интервју за „Еуроњус“. „Не треба да им приоѓаме на изборите за ЕП со толкава драматика. Тоа е момент на европска демократија и треба на некој начин и да уживаме во него.