1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски избори: Божемниот дуел на Вебер и Тимерманс

Бернд Ригерт
15 мај 2019

Телевизискиот дуел на т.н. врвни кандидати на европските избори, Манфред Вебер и Франс Тимерманс, помина во преголема хармонија и не беше спомната најважната тема, коментира Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/3I7Z9
Deutschland | Wahlarena zur Europawahl | Manfred Weber (l, EVP) und Frans Timmermans (SPE)
Манфред Вебер (л.) и Франс ТимермансФотографија: picture-alliance/dpa/Bildfunk/R. Vennenbernd

Првиот тв-дуел на германската телевизија помеѓу двајцата т.н. „врвни канидати“ на големите партии, Манфред Вебер (демохристијани) и Франс Тимерманс (социјалисти), му беше достапен само на мал дел од европските избирачи. Германскиот радиодифузен сервис АРД ја продуцираше дискусијата на шефот на пратеничката група на ЕНП, Вебер и на холандскиот еврокомесар Тимерманс само за домашниот германски пазар. Ширум Европа двајцата ќе настапат само еднаш еден против друг, и тоа за сите јавни сервиси во Европа наредната недела во Брисел.

Затоа на кандидатите им е и тешко да станат воопшто познати во Европа. Пред телевизискиот дуел во Германија само 25% од потенцијалните гледачи знаеја за Манфред Вебер. Франс Тимерманс, пак, им е познат само на вистинските стручњаци. Во анкетите, ЦДУ/ЦСУ на Манфред Вебер води со извесна предност пред социјалдемократите. Тешко дека ритуалните телевизиски настапи ќе променат нешто во расположението на избирачите. Зашто, за Франс Тимерманс во Германија воопшто и не може да се гласа. Имено, не постои европска листа, туку само национални изборни листи.

Хармонично оро

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Тимерманс се изјасни за оданочување на јаглерод диоксидот во Европа. И Вебер вети поголема заштита на климата, меѓутоа во граници подносливи за германската автоиндустрија. Двајцата сакаат силна Европа, двајцата се за зајакнување на правата на жените и за праведен даночен систем. Драматични разлики во ставовите помеѓу двајцата искусни европски функционери - нема. Тимерманс беше малку поагресивен. „Мора да го промениме однесувањето за да ја спасиме животната средина“, беше неговото кредо. Вебер пак беше во улога на одмерено промислен. „Да се поттикнуваат селаните, да се крати од концерните“, беше неговата порака.

Пријателски кон Европа наклонетите водители на дуелот можеби на публиката требаше да ѝ кажат дека ниту еден од двајцата нема особено големи шанси на крајот да стане претседател на Европската комисија. Тимерманс, поранешен холандски министер, ефикасен комесар, полиглот, потомок на дипломатска фамилија, сигурно ќе беше во состојба да биде прв човек на управата на ЕУ. Но, неговата партиска фамилија е слаба. Во Европскиот совет, кој го има правото да предлага кандидати за функцијата, мнозинство имаат конзервативните премиери. Значи, изгледите му се слаби.

Молк за најважната тема

Манфред Вебер ќе раководи со најсилната пратеничка група во Европскиот парламент, но постојат сомневања во неговата компетентност. Никогаш досега не бил на функција во влада, никогаш не водел некоја институција, зборува повеќе лошо отколку добро странски јазици и во никој случај не може да биде сигурен во поддршката од страна на конзервативните премиери во Советот. Врвниот кандидат кој има шанси да добие потврда од страна на ЕП на предлог на Советот, мора да биде во состојба да организира мнозинство. Овојпат за таа цел, односно за да победи евроскептичната опозиција, ќе му бидат потребни демохристијаните, социјалистите и либералите или Зелените. Аугурите (староримски службеници, н.з.) во Брисел имаат сомнежи дали Вебер може тоа да го направи.

Вистинско изненадување на оваа дебата беше само тоа што двајцата мејнстрим-кандидати не го ни споменаа најголемиот непријател: десните популисти, кои во многу земји на ЕУ собираат сѐ повеќе гласови. Рецепти против опасноста од десно? Такво нешто нема ниту Вебер ниту Тимерманс. Молк за најважната тема. Чудно.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија