Манфред Вебер - главен во трката за претседател на ЕК
8 ноември 2018Манфред Вебер успеа – тој е главниот кандидат на конзервативните Европски народни партии за европските избори во мај 2019 година. Со тоа тој станува и главниот кандидат на оваа пратеничка група за местото претседател на Европската комисија. Во клучното гласање денеска на партискиот конгрес во Хелсинки, тој освои повеќе гласови од единствениот противкандидат, Финецот Александер Стуб.
Манфред Вебер го презеде водството со најголемата пратеничка група во Европскиот парламент уште во 2014 година. Тој важи за добар балансер, кој со леснотија го одржува „циркусот“ на конзервативците, со оглед на тоа дека во палетата од 219 пратеници има од деснопопулисти од Унгарија до речиси либерални Белгијци. Вебер со неговите проевропски ставови се дистанцира и од неговата матична партија, баварската ЦСУ, Христијанско социјална унија. На последните избори за Европскиот парламент од 2014 година токму затоа неговата партија не сакаше да го номинира како водечки кандидат. Во однос на миграциското прашање тој лавираше меѓу позицијата на германската канцеларка Ангела Меркел како лидер на ЦДУ и ставовите на лидерот на баварската ЦСУ, Хорст Зехофер, кој е и сојузен министер за внатрешни работи. Манфред Вебер успеа да ги задржи во пратеничката група единаесетте унгарски противници на ЕУ од партијата Фидес, и покрај големиот број критики од многу страни.
На лидерско ниво, баварскиот политичар и католик Вебер е одлично позициониран. Тој ја доби поддршката од канцеларката за неговата кандидатура. Доколку Ангела Меркел не го поддржеше, тогаш шансите на Вебер да победи на европските избори и на крајот на една многу компликувана процедура да стане шеф на Европската комисија, би биле рамни на нула. Наводно, германската канцеларка и францускиот претседател постигнале согласност следната година Германец да го преземе лидерското место во ЕУ, а Французин да застане на чело на Европската централна банка. За ова нема официјален коментар од канцеларката.
Меркел за Вебер
Како и многу европски политичари, Манфред Вебер го има истиот проблем – надвор од бриселскиот меур и неговиот изборен округ во Баварија не го познаваат многу гласачи ниту во Германија, Финска или Кипар. Многу претставници од помалите ЕУ- држави се сомневаат дали е добра идеја, независно од личноста на Манфред Вебер, еден Германец да застане на чело на Комисијата, бидејќи најголемите земји членки, кои влеваат најмногу пари во заедничката каса на ЕУ, во малите земји членки може да се перцепираат како многу доминанти. Од 1967 година немало Германец на чело на Европската комисија. Последен беше Валтер Халштајн, кој под притисок на Франција не се кандидираше повторно. Неизвесно е како ќе реагира и колиционата влада во Италија на еден германски кандидат. Бидејќи постојано и десничарската Лега, како и движењето 5 ѕвезди ја сметаат Германија и Ангела Меркел одговорни за сите видови кризи.
Повеќе:
Ново мешање на картите во Европскиот парламент
Германецот Вебер сака да го наследи Јункер на чело на Европската комисија
Манфред Вебер ја изгради својата кариера во баварската регионална партија ЦСУ, од претседател на Унијата на млади сили, преку регионалниот до покраинскиот парламент. Во 1996. по завршувањето на студиите тој основа консултантска фирма за еколошка технологија, каде според податоците од веб страната на Парламентот сѐ уште се води како менаџер. Во 2004 година по кратка мисија во баварскиот парламент, стана европратеник во Стразбур. Отпрвин беше малку збунет од она што се случува во Европскиот парламент и истовремено продолжи да си го води бизнисот. Но, потоа Манфред Вебер се профилира во експерт за внатрешно политички прашања во неговата пратеничка група и на крај е избран за лидер. Меѓутоа тој никогаш немал владина или слична функција. Неговите критичари затоа радо укажуваат на тоа дека последните претседатели на Комисијата, Јункер, Барозо и Проди биле премиери и со тоа точно знаеле како функционира Европскиот совет, во кој се претставени земјите членки.
Патот е долг
Сепак, со изборот за главен кандидат на Европската народна партија не се исчистени сите пречки на патот до врвот на ЕУ. Идниот состав на Европскиот парламент кој ќе биде избран во мај 2019-та година, е заради растечкиот број на деснопопулисти во Европа и натаму неизвесен. Конзервативните и Социјалдемократите веројатно нема да може како досега да формираат мнозинство. Ќе биде потребна трета пратеничка група, која би можела да даде поддршка на сосема друг кандидат. Германските Социјалдемократи веќе изјавија дека не би го гласале Манфред Вебер ако сака да стане и претседател на Комисијата.
Нејасно е и како ќе се постави новата партија на францускиот претседател Емануел Макрон во идниот европски парламент. Макрон инсистира на тоа да нема автоматизам меѓу врвниот кандидат и претседателот на Комисијата. Правото да се предлага кандидат според европската регулатива го имаат премиерите на 27. земји членки. Тоа значи дека Манфред Вебер е сосема на почеток на една долга кампања со неизвесен исход. Неговите шанси да го наследи Жан Клод Јункер, кој веќе 20 години беше претседател на Комисијата и зборува четири јазици, се умерени. На крај тој би можел да добие друга функција како утешна награда, претседател на европскиот парламент.