1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германецот Вебер сака да го наследи Јункер

15 мај 2019

Германскиот конзервативен политичар Манфред Вебер ја најави својата кандидатура за највисоката функција во Европската Комисија во пресрет на изборите за ЕУ парламентот во мај следната година

https://p.dw.com/p/34Jzq
Frankreich, Straßbourg: Jean-Claude Juncker und Manfred Weber
Манфред Вебер и Жан Клод ЈункерФотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

Доколку биде избран Вебер ќе стане првиот Германец на чело на Европската Комисија по пауза од 50 години. Манфред Вебер е член на Христијанско социјалната унија (ЦСУ)- сестринска партија на Христијанско демократската унија на германската канцеларка Ангела Меркел. 46-годишниот политичар кој во моментов ја предводи групата на Европската народна партија (ЕПП) во парламентот, наводно ја има поддршката на својата ЦСУ но и на Меркел.

„Сакам да станам водечки кандидат на ЕПП на европските избори во 2019 и да бидам следниот претседател на Европската комисија“, твитна Вебер утрово за време на состанокот на ЕПП во Брисел.

Доколку ја добие поддршка и од ЕПП на партискиот конгрес во Хелсинки на 9 ноември, тој ќе има големи шанси да го замени актуелниот претседател на ЕК Жан Клод Јункер по изборите во мај следната година.
За избор на чело на Комисијата, кандидатите треба да ја обезбедат и поддршката на лидерите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ.

Ниту еден Германец од Валтер Халштајн не ја предводел моќната бриселска институција. Халштајн ја предводеше Комисијата меѓу 1958 и 1967 година. Вебер е член на Европскиот парламент од 2004 година, а ја предводи групата на ЕПП од 2014.

Ниту еден друг политичар досега не најавил кандидатура за функцијата, но се шпекулира дека меѓу заинтересираните се поранешниот фински премиер Александер Стуб и главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние.
Агенциите прогнозираат дека Вебер ќе се соочи со отпор не само меѓу конзервативците, туку и од страна на францускиот претседател Емануел Макрон и други водечки политичари.