„Шпанија и Каталонија треба да преговараат“
5 октомври 2017ДВ: Ги пречекори ли надлежностите полицијата во Каталонија и дали шпанскиот премиер Маријано Рахој соодветно одреагира во однос на референдумот од неделата? Каков е вашиот став?
Манфред Вебер: Многу сме загрижени поради развојот на настаните во Каталонија. Сликите кои ги видовме во медиумите беа шокантни. Но, мора јасно да се каже дека основата на ЕУ е владеење на правото и почитување на Уставот на една земја. Кога едни масовни демонстрации би воделе кон промена на Устав, тогаш тоа би било крај на правната држава во Европската Унија. Поради тоа, сега сите мора да бидат подготвени на дијалог, да седнат на маса и да најдат заедничко решение за сите отворени прашања.
Ова е многу формален пристап во однос на проблемот. Прашањето е дали сметате дека Рахој паметно се справи со ситуацијата?
Не, ова не е никаков формален пристап. Тоа се фундаментални принципи, бидејќи целата ЕУ, целата наша демократија и нашите стремежи за слобода и слобода на изразување се засновани на владеење на правото. Се работи за начин на промена на законите низ еден демократски процес. Се работи за тоа како да се спроведе законот. Во овој случај реакцијата на полицијата е со дозвола од судот и независни судии, кои ѝ дадоа мандат на полицијата да ги преземе неопходните чекори. За тоа се работи: Законот да се почитува! Ги повикувам предводниците за независност во Каталонија да се вратат на преговарачка маса и да ја почитуваат правната држава. Национализмот и сепаратизмот во изминативе децении низ Европа не донесоа ништо добро. Подобро е Европа да се држи обединета и националните држави да се задржат како единка.
Како понатаму? Дали ЕУ треба да настапи како посредник?
Тоа сега е во рацете на шпанската влада. Прашањето за почитување на Уставот и територијалното единство е многу важно за една земја. Ние како Европејци мора да ѝ веруваме на шпанската влада. Уште еднаш мора јасно да кажеме дека напуштањето на Шпанија, значи и напуштање на ЕУ. Владата во Барселона за тоа мора добро да размисли.
Германскиот политичар од ЦСУ, Манфред Вебер (45), е претседател на демохристијаните, најголемата пратеничка група во Европскиот Парламент. Дел од оваа пратеничка група е и шпанската Народна партија на премиерот Рахој.