ЕУ во кризен модус
23 октомври 2015Во седиштето на Европската унија во Берлејмон се работи со полна пареа. Соработниците од сите одделенија се мобилизирани во подготовките на средбата во недела: „ Јункер е апсолутно одлучен да придвижи нешто“, гласат информациите кои доаѓаат од неговото опктужување. Во преден план е оперативниот дел на проблемот, имено, преку Програмата на ЕУ за заштита од катастрофи да се обезбедат зимски шатори, значи и сите останати неопходности за бегалците кои имаат заглавено во земјите од Балканот. Европската комисија не смета дека ЕУ се наоѓа пред тотална криза. Но сите сфатија дека бегалската проблематика е тема на која Европа мора да се мери. Присутен е и страв дека на Балканот наскоро би можело да има мртви бегалци. Нивната тамошна ситуација не може да се споредува со онаа на грчкиот остров Лезбос во јули, кој не е ист со калливите полиња во Србија на крајот на октомври, каде ниските температури и постојаниот дожд можат да бидат опасни по животот на бегалците.
Тест за Јункер
За претседателот на Европската комисија Жан Клод-Јункер ова е најголем тест и најголем предизвик со кој се соочува откако е на функцијата. Дали ќе му успее да ги стави под притисок шефовите на држави или на влади на ЕУ за од зборови да преминат на дела? На самитот во минатата недела изгледаше дека расположението е подобро- ако ништо друго државниците престанаа да викаат едни на други- ама потоа секој продолжи да прави што сака, посебно некои челници од источна Европа.
Земјите мора да се договараат и соработуваат- тоа е можеби најважното барање на Јункер упатено до учесниците на неделната средба. Границите не може произволно да се затвораат и отвораат. Кој ќе му помогне најмногу во сето тоа? Се разбира Ангела Меркел. Откако во изминатите месеци повеќе не ги негуваа отколку што ги негуваа односите, сега авторитетот на канцеларката се покажува корисен за претседателот на Еврокомисијата. Во минатата недела Јункер демонстративно ја фалеше Меркел и нејзиниот учинок. Во преговорите со Турција, ЕК навистина одреагира многу бргу и под голем притисок разработи предлози така што преговорите можеа да започнат веднаш.
Иницијативата на канцеларката всушност има многу иницијатори, односи „мајки и татковци“ . Иницијативата ѝ се припишува како на Меркел така и на австрискиот канцелар Фејман или на владата на Словенија која побара помош во Брисел. Најнапред беа повикани сите земји кои припаѓаат или граничат со државите од т.н. „балканска рута“ од Грција преку Бугарија, Романија, Унгарија, Хрватска до Словенија плус земјите кои не се членки на ЕУ, Македонија и Србија. „Никој не е исклучен. Кој сака да дојде и да придонесе за решение е повикан“, соопшти ЕК.
Фрустрација и лутина
На средбата на Европската народна партија во Мадрид, верокомесарот за бегалци Димитрис Аврамопулос конечно го изрази својот гнев: „ Да се ангажира војска против бегалците е целосно погрешен чекор“, се лутеше тој за неодамнешните постапки на Словенија. Во меѓувреме отпатува во оваа земја за да се увери каква е ситуацијата на лице место .
Однесувањето на некои источно европски земји предизвика фрустрација и бес. Разочарувањето од принципиелното одбивање да се прифатат бегалци е огромно. Некои европски лидери едноставно не сакаа да разговараат едни со други. Но ако сега продолжат меѓусебните напади, ситуацијата може да се влоши. Најнапред мора да се види дали некои од земјите, кои не можат да излезат на крај со бегалската криза, сакаат да допуштат да им се помогне. Преовладува чувството дека тие мораат да организираат помоп со цел бегалците под колку-толку хумани услови да минат преку Балканот.
Многумина се на крајот на нервите. Причината за тоа, според мислењето на Јан Техау од бриселскиот политички институт Карнеги Јуроп, е тоа што Европејците доживуваат перфектна бура. „Кризата на еврото, кризата во Украина, и сега бегалската кризасе однесуваат на три области во кои ЕУ е најслаба и најнеединствена. Посебно кога станува збор за националниот идентитет и суверенитет ЕУ доаѓа на работ на своите можности“.
Три големи кризи одеднаш. Тоа досега е незапамтено. „Досега испробаното средство за решавање на проблемите, купување на компромис со пари, повеќе не функционира. Мора да се работи под голем временски притисок, што пак бриселскиот бирократски апарат го става под огромен притисок. Всушност чудо е е дека што било функционира“, вели овој политиколог.
Уште нема причина за паника
„Тоа чини многу сила но ЕУ е во состојба да ја совлада и оваа ситуација“, смета Техау. Но, привремено сѐ ќе остане во кризен модус, бидејќи за илјадниците луѓе кои се во бегство, мора да се најде место. И со сето разбирање за и натаму посиромашните земји од источна и од југоисточна Европа, на кои им недостасува традиција на прифаќање и интеграција на мигранти, мора да се каже дека не можат да се однесуваат тврдоглаво и пркосно. ЕУ мора конкретно да им помогне и тоа со пари. Потоа Унијата треба да разработи заедничка политика за азил, со воедначени стандарди и правила. Дури тогаш кризата ќе резултира со политичко делување. Но усогласувањето на ставовите ќе биде „изразито тешко“. Техау смета дека имплозија односно внатрешно разурнување на ЕУ не ѝ се заканува. „Унијата за сите е премногу важна, а мнозинството земји свати дека не може натаму со политиката 'една против друга''. На крајот ЕУ ќе биде во состојба да дејствува а земјите членки ќе увидат дека мораат да соработуваат меѓусебе. „ И токму тоа е она што претседателот на Еврокомисијата, Жан Клод Јункер сака да го постигне со средбата во Брисел во недела.