1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балкански мини-самит за бегалската криза

Б. Георгиевски/афп21 октомври 2015

ЕУ денеска најави одржување мини самит со балканските држави за бегалската криза, откако Словенија одлучи да ја ангажира армијата за справување со илјадници мигранти кои пристигнуваат на нејзините граници

https://p.dw.com/p/1GrQr
Фотографија: Reuters/L. Foeger

ЕУ и лидерите на балканските држави в недела ќе разговараат за изнаоѓање заедничко решение за бегалската криза која ја погодува цела Европа. На лидерите на Австрија, Бугарија, Хрватска, Германија, Грција, Унгарија, Романија и Словенија ќе им се придружат и првите луѓе на Србија и Македонија во Брисел, соопшти претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

„Со оглед на растечката алармантност во земјите долж западно-балканската мигрантска рута, постои потреба од поголема соработка, подлабоки консултации и итна оперативна акција“, соопшти Јункер.

Повеќе од 600 илјади мигранти и бегалци, најголемиот дел во бегство од конфликтот во Сирија, Ирак и Авганистан, годинава минале низ оваа рута, соопштија ОН.

Посакуваната цел на најголемиот дел од бегалците е да стигнат до Германија, која до крајот на годинава очекува вкупниот број на бегалците да достигне еден милион луѓе.

Од саботата, кога Унгарија ја затвори границата кон Хрватска, повеќе од 21.455 мигранти пристигнале во Словенија, земја со двомилионско население.

Словенечката армија на готовс

Во одговор на кризата, премиерот Миро Церар во вторникот побара од ЕУ резервни полициски сили од други членки на ЕУ како и екстра опрема за словенечките полицајци.

Словенечкиот парламент денеска го измени законот за одбрана овозможувајќи и на армијата да им се придружи на граничните служби во патролирањето на 670-километарската граница кон Хрватска.

„Последните 24 часа беа најтешките и најоптоварувачките од почетокот на кризата“, соопшти словенечката влада, предупредувајќи дека би било „залажување“ да се очекува од малите држави да успеат таму каде што големите потфрлиле.

Меѓу 8 и 9 илјади луѓе пристигнале во Словенија во вторникот по долго и мачно патешествие низ Грција, Македонија, Србија и Хрватска. Стотици чекаат на хрватскиот граничен премин на влез во Словенија.

И Хрватска претходно испрати дополнителни безбедносни сили на границата со цел да ги спречат бегалците неконтролирано да ја преминуваат границата и да влегуваат на словенечка територија

Според македонските власти, во последното деноноќие во земјата влегле 5.700 мигранти кои по евидентирањето заминале кон граничниот премин Табановце.

Ништо од најавената помош

Минатиот месец, ЕУ најави план за релокација на 120 илјади баратели на азил од земји како Грција и Италија со воведување на стриктен систем на кој жестоко се спротивставија некои источно европски држави-членки на ЕУ.

Досега само 19 баратели на азил од Еритреја биле префрлени од Италија во Шведска, иако се очекува и дополнителни 100 луѓе да бидат префрлени во следните денови.

Од 23 земји-членки на ЕУ кои имаат законска обврска да преземат дел од бегалците, само 6 досега понудиле сместување- Австрија, Франција, Германија, Луксембург, Шпанија и Шведска.

Бавно тече и издвојувањето на ветената финансиска помош- од ветените 2,8 милијарди евра најавени на самитот на ЕУ во септември, досега се материјализираа само 474 милиони евра.

Дополнително, граничната служба на ЕУ соопшти дека земјите-членки досега ставиле на располагање само половина од ветениот персонал кој требаше да помогне во Италија и Грција.