1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште колку вака?

Бернд Ригерт Превод:СН21 октомври 2015

Сѐ повеќе бегалци секојдневно влегуваат во ЕУ и заминуваат на северозапад. Европската политика реагира целосно беспомошно. Сѐ зависи од Германија, чии граници се фактички отворени, смета Бернд Ригерт

https://p.dw.com/p/1GrLO
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Weigel

На самитот на ЕУ во минатата недела шефовите на држави или на влади, се' уште се однесуваа како да има заедничка бегалска политика и првични обиди за решение. Сега, нецела недела подоцна, фактите на балканската рута говорат поинаков јазик. Од европската солидарност и распределбата на товарот повеќе не може да се почувствува буквално ништо. Секоја држава пред сѐ си мисли само за себе.

Унгарија со помош на Чешка и Полска консеквентно се оградува. Грција, Хрватска, Словенија, Австрија што е можно побргу ги пропуштаат натаму премрзнатите и од дождовите измокрени бегали. Кандидатките за членство во ЕУ, Србија и Македонија го прават истото. На крајот на синџирот стои Германија, која веќе речиси и да не може да ги прифаќа луѓето, а ако се погледнат протестите на баварската покраинска влада и акетите на јавното мислење, сѐ повеќе и не сака да ги прифаќа.

Ситуацијата се заострува

Покрај бројните заклучоци во Брисел, ситуацијата не се подобри, туку напротив се заостри: бегалците и барателите на азил во сѐ поголем број се осмелуваат да тргнат на пат кон Европа, не осврнувајќи се на апсурдната трка со пречки на границите. Нивниот број се зголемува а не се намалува, како што си замислуваа европските политичари. Десетици илјади бегалци од Грција се тргнати на пат кон северна Европа. Во понеделникот комесарот за бегалци на ОН утврди најголема бројка на пристигнати бегалци во еден ден од Турција во Грција во оваа година.

Идејата на ЕУ, проблемот да се решава со прифатни кампови во Турција, ќе профункционира дури за месеци, ако воопшто профункционира. Турската влада меѓутоа јасно стави до знаење дека нема да ги прифати сите бегалци кои не ги сака Европа. Турција нема да ја игра улогата на „концентрационен логор“ за Европа, порача турскиот премиер правејќи притоа непримерна споредба. Притоа не помагаат ни сите врбувања со политички отстапки ниту лепезите со европски банкноти.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Горкото сознание е едноставно: европската бегалска политика од изминатите месеци е пропадната и сега се заканува целосно да потоне во хаос. Беспомошно Европската Комисија сѐ уште говори за заедничко европско решение и сака да ги избегне префрлувањата на вината.

Државите членки во тоа се чекор понатаму: Хрватска, Словенија, Австрија, Унгарија и Грција веќе со прстот покажуваат една во друга и се обвинуваат за повреди на европските правила. Кои правила? Што всушност се' уште важи како правило?

Даблин е мртов-но што следува?

Германската канцеларка ги прогласи за мртви Даблинските правила, според кои државата членка во која прва влегле бегалците е одговорна за нивната судбина. Австрија, Унгарија и германската покраина Баварија меѓутоа настојуваат на задржување на ова правило за да можат да повторно да ги вратат бегалците. Грција а делумно и Италија веќе со години не се придржуваат кон Даблинските правила. Никој досега нема план, какви правила треба да ги заменат Даблинските. Ни германската канцеларка.

На неодредениот концепт, кој предвидува затворање на границата кон Турција и насочување на бегалците во големи центри за регистрација, видливи му се само контурите. Дали некогаш ќе може да биде спроведен во пракса е под знак прашање, зашто за тоа е потребно строго обезбедување на границата, бегалски кампови под надзор и консеквентно протерување на надворешните граници на ЕУ.

Ситуација на законски вакуум

Актуелната состојба на законски вакуум, во која секоја земја од ЕУ гледа само на сопствените интереси, не може да потрае. Веднаш штом Германија го запре прифаќањето на бегалците, ќе се распадне целиот систем на едноставно пропуштање на бегалците на балканската рута. Германската канцеларка Ангела Меркел за волја на вистина исклучи таква можност, ама ако и натаму дневно преку баварските граници минуваат илјадници луѓе , нејзе нема да ѝ преостане ништо друго. Ако ситуацијата и натаму ескалира, прашање е само на денови кога во Баварија, можеби и против волјата на сојузната влада, ќе бидат затворени границите.

Луѓето, кои непосредно страдаат од овој хаос се самите бегалцит кои мораат да истрааат како маса за поттурнување и како политичко средство за притисок во европската политика. Каква е таа состојба? Каде исчезнаа европските вредности? Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер во неговиот говор за состојбата во ЕУ предупреди дека огради и граници воопшто не доаѓаат предвид во Европа. Досегашните рецепти на ЕУ меѓутоа воопшто не успеваат.