Доста беше корупција
22 јануари 2018АЦ/ДЦ и Андре Рије на своите концерти веќе успејаа да го наполнат големиот плоштад на Уставот во Букурешт. Без разлика дали фановите се туркаа пред бината или седеа на столици- секој пат имаше околу 60.000 луѓе.
Уште повеќе луѓе се собраа во саботата: на плоштадот и големиот булевар кој води кон т.н. „Палата на народот“, денешно седиште на романскиот парламент. Во времето на диктатура, поранешниот комунистички импозатен булевар, на Романците требаше да им се нагласи колку се мали и понизни во однос на семоќните владетели. Многу Романци мораа да се здружат за да бидат во состојба да ги поднесат монструозните симболи на старата дикататура на Чаушеску- на улиците на Букурешт и во другите градови излегоа околу 100.000 луѓе.
Повеќе на темата:
-Оставка на романскиот премиер Тудосе
-Затишје пред бура во Романија?
450 километри пеш на демонстрации
Меѓу нив имаше и десетина луѓе кои во саботата вечер беа помалку видливи, но за кои 11 дена постојано се зборуваше. Во главниот град дојдоа пеш од трансилванскиот град Клуж, за да покажат дека мислат сериозно. Сорин Бобис кој го организираше маршот, вечерта пред протестот изјави: „Ако луѓето можат да пропешачат 450 киломери за да се слушне нивниот глас и да го изразат своето незадоволство, сигурно ќе има и неколку илјади граѓани на Букурешт кои ќе ги откажат своите викенд активности и кои ќе се симнат по скалите на своите облакодери за да се приклучат на протестите.“
Сорин Бобис во Букурешт стигна во саботата предпладне, заедно со многу повеќе луѓе отколку што беа на почетокот на протестниот марш. Меѓу нив беа и двајца слепи луѓе, од еден помал град во Трансилванија, за да бидат на демонстрациите кои беа закажани уште во декември. Парламентарното мнозинство, со кое доминира ПСД, тогаш во рекордно кусо време поддржа законски измени, кои ја доведуваат во прашање независноста на судството. Меѓу останото: осомничените треба да присуствуваат на сослушувањата на жртвите, претреси да можат да се вршат само со претходна најава, видео доказите да бидат неважечки и да нема истражен затвор во случаите за обвинувања за корупција. Исто така, се дискутираше и за идејата одделни пратеници кои имаат проблеми со судовите, злоупотребата на службената положба за која се сомничат да не биде казнива доколу не надмине одредени финансиски граници. Сето тоа предизвика бес кај луѓето.
Двојазични транспаренти
Одделни граѓани дојдоа од областите во кои е силно застапено унгарското малцинство. Иако таму има напнатост поради желбата за автономија, јазичните и културните бариери не играа никаква улога на протестите. Тоа не е изненадувачки за Петар Екштајн- Ковач, претставник на Партијата на унгарското малцинсто во Романија (УДМР), кој некогаш беше шеф на правната комисија во романскиот Сенат. Тој во Букурешт ги доведе сите кои сакаа да дојдат- и неговата група носеше транспаренти на два јазика, на романски и на унгарски: „Сакаме правда, лажговци не смеат да бидат на власт“, вели Екштајн-Ковач. Истовремено, тој го критикува врежаното мислење на унгарската влада и партијата УДМР дека се политичари од унгарското малцинство поради етничка нетрпеливост се често цел на судски процеси: „Нема лов на Унгарци во романското судство.“
Екштајн-Ковач е еден од малубројните политичари кои во саботата им се придружија на луѓето кои протестираа. Демонстрантите кои во главниот град стигнаа од Клуж, наидоа на затворени врати: Од седиштето на партијата ПСД, како и на коалицискиот партнер, псевдо-либералната партија АЛДЕ, само чуварите загрижено ѕиркаа. Затворена врата: така изгледаше дијалогот кој го понудија двете партии.
Муресан: „Функцијата на политичарите е минлива“
„Во таква ситуација на политичарот местото му е меѓу луѓето“, вели Зигфрид Муресан пратеник во Европскиот парламент и портпарол на Европската народна партија. „Функцијата на политичарот е минлива, во прв ред си граѓанин“. Муресан пристигна во Букурешт поради масовниот протест, откако половина година во Брисел преговараше за буџетот на ЕУ за наредните четири години. Пред неколку дена, поранешниот романски претседател Трајан Басеску го препорача како можен премиер, откако по вторпат за помалку од една година премиерот од редовите на ПСД мораше да се повлече: партијата му ја откажа доврбата на Михаи Тудосе, по што тој поднесе оставка.
Муресан го разбира незадоволството на демонстрантите: во минатата година во прашање беше законот за амнестија. Сега станува збор за укинувањето на независноста на обвинителите и судиите и ослабувањето на службите за борба против корупцијата. Луѓето излегуваат на улиците за да им испратат јасен сигнал на политичарите: „Не го прифаќаме тоа“.