1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денот „Д“- 14 нации против Хитлерова Германија

Хајке Мунд
6 јуни 2019

Денеска се одбележуваат 75 години од почетокот на еден од најголемите воени потфати во историјата - сојузничката инвазија на Нормандија. Битката де факто заврши во август 1944 година со ослободувањето на Париз.

https://p.dw.com/p/3JrXa
D-Day Archivbilder Omaha Beach
Фотографија: Reuters/U.S. National Archives/Army Signal Corps Collection

Ослободувањето дојде од воздух. Кратко по полноќ на шести јуни 1944 година, во Нормандија се приземјиа првитеконтингенти од сојузничките трупи - 24.000 падобранци кои скокнаа од воени едрилици. Нивната задача беше пред да се раздени под своја контрола да ги стават мостовите и значајните сообраќајни јазли и да постават светлечки сигнали за воздушните трупи. Ама, планот не се одвиваше според замисленото. Силниот ветар ги однесе падобранците длабоко во внатрешноста, па само една десетина од нив пристигна навремено во областа на фронтот. 

Инвазијата ги затекна Германците неподготвени. Германските генерали во два часот по полноќ дури процениле дека воената состојба на Атлантскиот бедем воопшто не е под закана. Во телефонски разговор со Берлин се известувало дури и дека слетувањето на падобранците е „преувеличено“, а состојбата е мирна.

Маневар за измама

Тоа набргу се промени. Во морето во ноќните часови на петти јуни од брегот на Англија тргна во јуриш огромна армада. Најголемата дотогаш заеднички договорена воена акција од море и воздух во историјата на војните тргна во црна темница кон францускиот атлантски брег.

D-Day Archivbilder britische Schiffe vor der Normandie
Британски воени бродови пред почетокот на инвазијата на НормандијаФотографија: Reuters/U.S. Coast Guard

„’Денот Д’ беше меѓународен потфат. Не само чисто американски, туку таму беа исто така и британски, канадски и мали контингенти од Норвешка, Белгија, Чешка и Словачка“, објаснува за Дојче веле воениот историчар Петер Либ. „Притоа дојдоа и Полјаците, а присутни беа и грчки бродови. Исто така имаше и мал контингент на Французи“, дообјаснува историчарот Либ.

Контингентите добија засилување и од артилеријата од Комонвелтот - Австралија и Нов Зеланд. Канаѓаните, пак, со својата Трета дивизија ја презедоа борбената мисија во делот од брегот наречен со шифрирано име „Џуно“.

„Секако имаше двајца големи играчи - тоа беа Американците и Британците“, вели Либ. „Тие заедно ја утврдија стратешката маршрута. Тие беа свесни дека се работи за коалициска војна и дека и останатите мали земји мораат да земат учество, за на светот да му се покаже дека ова е универзален потфат, заедничка борба против хитлерова Германија“, додава воениот историчар Либ.

Денот на одлуката

Во 6:30 часот, кратко пред изгрејсонце, на шести јуни се појави првиот американски воен брод пред брегот. Веднаш презел тежок напад врз плажите „Јута“ и „Омаха“. Еден час потоа пристигнале британските, канадските и француските борбени единици на деловите наречени „Голд“, „Џуно“ и „Сворд“. Потпомогнати од полскиот воен брод „Драгон“ тие нападнаа дел од плажата во должина од 80 километри, која за кратко време се претвори во крваво бојно поле со мртви на сите страни.

D-Day Archivbilder Omaha Beach
Плажата Омаха по истоварувањето на сојузницитеФотографија: Reuters handout

4.200 десантни бродови, 1.200 воени бродови, 155.892 сојузнички војници од 14 нации дојдоа во акција на „Денот Д“, а од воздух беа потпомогнати од сојузнички бомбардери. Помалите нации беа дел од мешани борбени трупи. Поголемиот број на десантните бродови потекнуваа од британската кралска морнарица, иако фотографиите и снимките од тој ден покажуваат нешто друго.

„Тоа е така оти американските репортери и камермани беа сместени во десантните бродови. Затоа имаме многу повеќе фотографии од Американците, отколку од Британците или Канаѓаните“, објаснува историчарот Петер Либ.

Но, операцијата не се одвиваше според планот. Хаосот кој се создаде ги чинеше живот илјадници сојузнички војници. Многумина се удавија поради нивната тешка воена опрема, бидејќи подвижните мостови на бродовите за излегување на копно беа прерано спуштени. Тенковите потонаа во морето пред да стигнат на копното како засилување за трупите на терен.

Американскиот јуриш на плажата „Омаха“ се закануваше да се претвори во фијаско, оти многу војници добија морска болест и беа оневозможени да вратат на рафалните стрелби на Германците. На сојузничката инвазија во овој дел и‘ се закануваше неуспех, бидејќи само во првите неколку часа загинаа повеќе од 50 проценти од војниците.

„’Денот Д’ од сите денови во Втората светска војна е денот кога Американците и Канаѓаните имаа најголеми загуби“, сумира воениот историчар Либ.

D-Day Archivbilder deutsche Soldaten in Nonant-le-Pin
Германски воени заробеници снимени на 21 август 1944Фотографија: Reuters/U.S. National Archives

Пресврт и пречки

Кон пладне на Германците полека почна да им недостига муниција. Затоа можеше многу бргу да се разбијат најголем дел од германските бункери. За неколку часа, под водство на врховните команданти - американскиот генерал Двајт Д. Ајзенхауер и британскиот генерал Бернард Монтгомери, атлантскиот бедем беше бргу совладан. За неколку часа се’ беше во сојузнички раце. Но, продорот во територијата на Франција одеше многу, многу бавно, пред се’ поради тоа што Германците се распоредија и можеа да се одбранат. Теренот беше со камени ѕидови, ровови и грмушки - идеално место каде се криеја германските снајперисти. Сојузниците успеаја да го заземат пристанишниот град Шербург дури на крајот на јуни.

На 25 јули започна операцијата „Кобра“ во која сојузнички бомбардери и борбени пилоти од воздух даваа поддршка на тенковските дивизии - тие им го чистеа патот на тенковите. На крајот на јули дојде засилување со полска тенковска дивизија со 20.000 мажи. На почетокот на август германскиот отпор во голема мера беше уништен, а со тоа се отвори патот за ослободување на Франција, а со тоа и на Европа од нацистите.

Но, воената коалиција не траеше долго, бидејќи Американците сакаа да направат воена влада за цела Франција, но пресметките ги правеле без францускиот генерал Шарл де Гол. Тој имаше силна поддршка од француското население, па не беше можно да се реализираат плановите.

D-Day Archivbilder Juno Beach
Плажата Џуно по истоварувањето на канадските трупи на 6 јуни 1944 Фотографија: Reuters/National Archives of Canada/Ken Bell

На 25 август  Де Гол вмаршира со тенковска дивизија на слободните француски сили во Париз. Сојузничките сили требаа да го ослободат францускиот главен град, но тие им дозволија на Французите да го сторат тоа. Нормандија се покажа како еден од пресвртните моменти во Втората светска војна.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи