1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Декретот на Трамп од САД прави „банана држава“

Михаел Книге
30 јануари 2017

Забраната за влез во САД на граѓани од седум муслимански земји е хаотична и избрзана, објаснува правен експерт за ДВ. Тој вели дека спроведувањето на декретот покажува дека Трамп е некомпетентен да биде претседател

https://p.dw.com/p/2Wd2S
US-Einreiseverbot gegen Muslime: Widerstand in den USA
Фотографија: Picture-Alliance/AP Photo/S. Senne

ДВ: Декретот на претседателот Доналд Трамп кој стапи во сила во петокот попладне им забранува влез во САД на граѓаните од седум доминантно муслимански земји - Ирак, Сирија, Иран, Либија, Сомалија, Судан и Јемен во наредните 120 денови. За Сиријците забраната е неограничена. Какво е вашето чувство за забраната од правна перспектива?

Џонатан Хафец: Декретот е проблематичен од правен аспект, а исто така е спорен и од правно-процесна гледна точка поради начинот на која беше спроведен што се гледа и од хаосот, страдањето и другите последици кои ги предизвика.

Од правен аспект, декретот е проблематичен во однос на еднаквоста во заштитата затоа што извршната наредба е дискриминаторска во поглед на националноста, од процесно правен аспект поради задржувањето на лица без било каков судски процес. Исто така, декретот се коси со одредбите од Првиот амандман на Уставот на САД во делот на клаузулите за естаблишмент со кои ѝ се забранува на владата да фаворизира една религија во однос на другите.

Сметам дека од текстот на декретот - каде се гледа дека истиот се фокусира на исламскиот тероризам, а не на тероризмот воопшто и од поширокиот контекст поради антимуслиманските изјави на Трамп пред и после изборите – декретот има антимуслиманска пристрасност. Сметам дека е проблематично во правна смисла поради овие причини.

Што мислите за имлементација на одредбата?

Сметам дека имплементацијата е симболична и дека претседателот Трамп е едноставно некомпетентен и неспособен да биде претседател на САД. Одлуката беше избрзана. Не беа консултирани соработниците во администрацијата, адвокатите и други релевантни луѓе кои имаат експертиза во областа на имиграционото право. Беше направено многу брзо, без размислување и тоа може да се види од последиците кои ги предизвика. Сето ова прави САД да изгледаат како банана република.

Наредбата резултираше со многу патници од таргетираните земји да не можат да патуваат во САД и покрај тоа што поседуваат валидна виза и многумина кои пристигнаа на аеродромите низ САД да бидат задржани. Организации како АЦЛУ ваквата одлука ја оспорија пред судовите и извојуваа првична правна победа. Но што точно значи тоа, бидејќи правните процеси против декретот се уште траат?

Победата на АЦЛУ во Бруклин и останатите пресуди на судовите во Вирџинија, Сиетл и останатите градови во основа само го продолжуваат ова статус-кво. Тие ја ограничуваат владата да депортира и отстрани индивидуи кои допатувале во САД откако беше имплементирана извршната наредба. Не верувам дека тие ги тангираат директно оние кои се уште не допатувале во САД, но спречува оние кои веќе се задржани на аеродромите во САД да бидат депортирани од страна на властите во нивната матична земја се додека нивните случаи не добијат разрешница.

Jonathan Hafetz, Professor Seton Hall University
Џонатан ХафецФотографија: DW

Што точно значи ова за оние луѓе кои во моментов се задржани на аеродромите во САД и кои очигледно се во легално лимбо?

Ова со сигурност не го решава основниот проблем и сѐ уште остава одреден број на луѓе во правно лимбо. Наводно, некои од луѓето кои поседуваат легална трајна дозвола за престој се пуштаат во земјата, а шефот на кабинет на Белата куќа, Ренс Прибус изјави дека администрацијата ќе дозволи влегување во земјата на имателите на зелени карти по извршен скрининг, иако не сум сигурен како тоа се имплементира на тeрен.

Така, некои лица се пуштаат во земјата, но други се во легално лимбо како лицата кои имаат статус на бегалци, но исто така и оние кои патуваат со студентски и со работни визи, многумина од нив, верувам, сѐ уште се задржани. Голем број на луѓе ја плаќаат цената и се отворија одреден број на правни проблеми. 

Што ќе се случува понатаму, под претпоставка дека овие луѓе не може да останат на аеродром додека не се разреши сето ова?

Поширокиот случај на владиниот декрет сега е предмет на легален брифинг. Знам дека во случајот со Њујорк, рокот за поднесување на документите истекува наредниот месец и потоа прашањето ќе помине низ судовите. Мислам дека лицата кои се задржани ќе бараат ослободување во САД, барем привремено, додека случајот не биде решен затоа што нема индиции дека било кој од овие поединци би претставувал закана за земјата. Мислам дека задржувањето на лицата додека не бидат решени нивните случаи ги нарушува основните правни процедури и процеси. 

Ова е фундаментално неамерикански и го прекршува основното меѓународно право и продолжува да ја ограничува слободата на луѓето додека валидноста на декретот се спори од два аспекти. Во судовите ќе има парничење за валидноста на делови од декретот и секако, за лицата кои бараат, барем привремена слобода за да не бидат задржани додека во судот се одвиваат правните процедури. 

Џонатан Хафец е професор по право на Ситон Хал Универзитетот кој специјализира во областа на човекови права, уставно право и прашања од националната безбедност. Хафец водел неколку случаи пред Врховниот суд и федералните судови во САД, меѓу кои и за затворот Гваттанамо Беј.