1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасно и контрапродуктивно

Михаел Книге
30 јануари 2017

Забраната за влез во САД за граѓани од седум муслимански земји им наштетува на безбедносните интереси и на угледот на САД. Згора на тоа ги засилува поделбите во земјата, смета Михаел Книге.

https://p.dw.com/p/2WbsQ
USA Tausende demonstrieren an US-Flughäfen gegen Trumps Einreisebann
Фотографија: picture alliance/AP Photo/C. Ruttle

Доналд Трамп во изборната кампања поентираше со стравот од тероризмот, муслиманите и доселувањето. Неговите пароли за „екстремна проверка“ на оние кои сакаат да допатуваат во САД како и за генерална забрана за влез на муслимани во земјата предизвикаа ужаснатост ширум светот. Истовремено, тој со неговите радикални барања го определуваше и политичкиот дискурс на изборната кампања и ја поткрепуваше својата избирачка база во нејзината ентузијастичка поддршка за него.

Затоа и не зачудува многу дека Трамп уште во првата недела на должноста се фрли на спроведување на неговиот курс. Најавената изградба на ѕид на границата кон Мексико беше првиот дел.Воведената забрана за влез во САД за граѓаните од седум земји со мнозинско муслиманско население е вториот дел.

Но додека изградбата на Трамповиот ѕид засега останува само најава, со декрет воведената, но административно дилетантски подготвената забрана веднаш покажа ефект: хаос на аеродромите ширум светот со заглавени патници, збунети авиокомпании, неинформиран безбедносен персонал...

Забраната за влез на муслиманите не носи поголема безбедност

 

Добро, ќе речат некои добронамерни приврзеници на Трамп, почетното спроведување можеби не беше оптимално, но новата регулатива ја подобрува националната безбедност и затоа е исправна. Но токму тоа таа не го прави, зашто паушалната забрана за влез на граѓани од седум земји со мнозинско муслиманско население е произволна, некохерентна и ги прекршува основните американски вредности. Така на пример мора да се праша, зошто на граѓаните од седум безбедносно-политички во секој случај проблематични земји им се забранува влез во САД, но не и на оние од земји, чии граѓани навистина беа вклучени во терористички напади во САД, како на пример Саудиска Арабија? И колку помага во одбраната од тероризмот, мали деца и стари луѓе да бидат задржувани на аеродромите?

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Во основа ништо не говори против тоа, нова влада да сака да ги преиспита безбедносните мерки. Но САД веќе располагаат со сеопфатна и интензивна програма за проверка на оние кои сакаат да допатуваат во земјата- токму од безбедносно-проблематични држави. Токму поради ваквиот долготраен процес САД во споредба со други земји во светот прифатија само мал број бегалци. Затоа забраната на Трамп во безбедносно-политичка смисла е непотребна и погрешна.

И не само тоа: таа е и контрапродуктивна. Зашто за многу муслимани ширум светот таа е потврда на пораката која кандидатот Трамп ја испраќаше уште за време на изборната кампања, имено дека нивната религија во Америка на Трамп не е добредојдена. И тоа им оди од рака на исламистичките екстремисти во целиот свет.

Но не се шокирани само бројни муслимани, туку и пријателите на традиционално отворената Америка во САД и надвор од нив се вчудовидени, какви штети администрацијата на Трамп му нанесе на угледот на земјата за само една недела и како длабоко поделената нација, која не е загрижена поради досега невидените масовни протести, и натамошно се дели. И оправдано е да се стравува дека ова е само почеток, зашто наредните претседателски избори се одржуваат дури за 1372 денови.