Трамп - на ред се муслиманите
28 јануари 2017Новиот американски претседател Доналд Трамп потпиша декрет под наслов „Заштита на нацијата од влез на странски терористи во САД“, со кој на државјаните од седум претежно муслимански држави им се оневозможува да стигнат во САД.
„Етаблирам нови механизми за проверка за да ги држам исламските терористи понастрана од САД. Ние не ги сакаме нив“, изјави Доналд Трамп во Министерството за одбрана, дополнувајќи дека има намера да ги пушти да влезат само оние бегалци „кои ја поддржуваат и длабоко ја сакаат нашата земја“.
Практично - стопиран влез
На удар првенствено се сите бегалци и бројни луѓе од муслиманските земји. Бегалците од Сирија веќе нема да бидат примани во САД, а во следните 120 дена практично е суспендирана целата програма за прием на бегалци во САД. Во името на безбедноста, Трамп ја намали квотата на бегалци на 50.000 годишно. Во 2016. година во земјата беа примени околу 85.000 бегалци, од кои околу 12.600 од Сирија.
Во следните 90 дена и луѓето од Ирак, Иран, Јемен, Либија, Судан и Сомалија нема да добиваат влезни визи за САД. Исклучок се само лицата кои поседуваат дипломатски визи и соработниците на меѓународните организации.
За, како што тврди, да го намали илегалниот влез на доселеници и да ја стопира трговијата со наркотици, Трамп во четвртокот потпиша и декрет за подигање 3200 километри долг ѕид кон Мексико, а бара трошоците од повеќе милијарди долари да ги плати Мексико, што мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието категорично го одбива, поради што е откажана и неговата посета на Вашингтон.
Во врска со спорот околу подигањето ѕид кон Мексико, Трамп синоќа информираше за воден „многу, многу пријателски“ телефонски разговор со Нието. Двете страни се заинтересирани да работат на создавање нови и фер односи. Но, во едночасовниот разговор не било постигнато приближување, изјави Трамп на заедничката прес конференција со британската премиерка Тереза Меј.
„Брегзитот е фантастичен“
Тереза Меј е првиот странски државник кој беше во официјална посета на САД по стапувањето на Трамп на функцијата.На средбата вчера биле дискутирани безбедносни прашања, како и склучување нов трговски договор меѓу двете земји. Тереза Меј е во потрага по нови сојузници по излезот на Велика Британија од ЕУ. Трамп на прес-конференцијата ги истакна специјалните односи на САД и Велика Британија, пофалувајќи ја одлуката на Британците за Брегзит и излез од ЕУ.
„Тоа е фантастична работа. Кога ќе излезете од ЕУ, ќе го имате својот идентитет, а во земјата ќе можете да ги имате луѓето кои сакате да ги примите“, рече Трамп. Освен тоа, Лондон потоа може да склучува самостојно трговски договори. Токму оваа изјава е важна за Меј. САД се потребни за Велика Британија, која по Брегзитот останува длабоко поделена и без силен партнер, со оглед што ја напушта ЕУ и европскиот внатрешен пазар.