1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ - чудотворецот од телевизиските екрани

Н.Рујевиќ/Ж.А. 24 април 2016

Се‘ се врти околу верата во Вучиќ. реформатор, неуморен борец за добробит на Србија. За опозицијата тој е мајстор на масовните илузии, пишуваат германските весници по повод денешните избори во Србија.

https://p.dw.com/p/1Ibem
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Sulejmanovic

„Ритмичкото ракоплескање го најавува чудотворецот. Заглушувачкиот аплауз ја надгласува химната додека на бината застанува првиот човек на национал-популистичката Српска напредна партија, СНС. Вучиќ, Вучиќ, скандида масата...“ Така почнува анализата на Томас Росер, дописник на берлинскиот социјалистички весник „Нојес Дојчланд“, кој присуствувал на предизборниот митинг на СНС во Зрењанин.

Под насловот „Вучиќ јава на својот балкански тигар“, авторот потсетува на бројните ветувања дека Србија ќе биде шампион на економскиот развој на Балканот, но наведува дека резултатите се мизерни. „Неуморно овој тркач на долги патеки по изборните кампањи полага камен-темелници за нови фабрики, отвора делници на автопат и нови училишни тоалети. Сепак, без оглед на неговото кредо за Србија како bалкански тiгар, потклекнатиот ЕУ-кандидат заостанува дури и во регионални споредби.“

„Со оглед на убедливото мнозинство во српскиот парламент кое го има СНС, постојат противречни толкувања дали беше неопходно распишувањето на изборите. Некои критичари му префрлуваат на Вuчиќ дека со предвремени избори само го одлага ликвидирањето на загубашките државни претпријатија и така ја користи приликата да си го продолжи себе си мандатот пред гаснењето на фирмите. Други аналитичари пак веруваат оти Вучиќ сака да ја искористи својата добра позиција за да се одмазди на партиите од проевропската конкуренција и да ги турне во вонпарламентарна бездна“, пишува Росер и вака го завршува текстот:

„Перфектно подмачканата ПР-машинерија е поддржана од медиумите кои речиси без исклучок се доведени на линија на власта. Медиумската сеприсутност на премиерот Александар Вучиќ, меѓутоа е само еден од столбовите на неговиот успех. Своевременото апсење на шефот на Делта, Мирослав Мишковиќ, кој е најбогатиот човек во земјата и за многумина омразен симбол на корумпираните профитери на транзицијата, уште во 2012 година трајно ја дигна популарноста на Вучиќ до небо. Навистина, во системот на политика тесно поврзана со олигарсите, ништо не се промени. Но, разединетата опозиција не знае да поентира од тоа.“

Wahlkampagne in Serbien
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Cukic

Дописникот на угледниот „Ноје Цирхер Цајтунг“ Андреас Ернст се посветува токму на слабичката опозиција, констатирајќи дека таа е поголема причина за популарноста на Вучиќ отколку економските успеси, кои всушност и ги нема: „По поразот пред четири години, Демократската партија, ДС самата се демонтира. Нејзините лидери, со ред наоружани со огромно его, се испокараа штом ги загубија моќта и изворите на пари. Тие основаа нови партии како бившиот претседател Борис Тадиќ или се вратија кон бизнисот како Драган Ѓилас, бившиот градоначалник на Белград кој се збогати во бизнисот со огласи. Новиот партиски шеф Бојан Пајтиќ темелно потфрли во создавањето нов почеток, немаше дури ни сериозна програмска дискусија.“ Весникот натаму пишува дека слабите шанси на опозицијата се темелат на „апсолутната медиумска доминација која ја ужива Вучиќ и тоа не само во текот на предизборната кампања. На големите телевизии кои го формираат јавното мислење шефот на владата е сеприсутен: го гледаме како потпишува договор со странски инвеститори, отвара патишта, ги дисциплинира министрите и состанчи со европските лидери. Политичките дебати речиси целосно исчезнаа од телевизиските програми. Контра-јавноста се пресели на интернет и таму критичарите се меѓу своите. Медиумската контрола се должи на зависноста од државните огласи и на автоцензурата на лошо платените новинари на што се спротивставува само едно малцинство.“

Ернст во својот текст додава дека „добар дел од престижот на Вучиќ почива на меѓународниот успех. Тој, со право, ужива углед на гарант на регионалната стабилност и се труди да воспостави добри соседски односи. Со Косово потпиша Спогодба за нормализација. Го посети Сараево и двапати Сребреница и таму нагласи колку му се важни српско-босанските односи. Иако Загреб од ситничарски причини ги блокира преговорите на ЕУ и Србија, Вучиќ, инаку склон кон изливи на бес, се воздржува од коментари. Неговата добрососедска политика му донесе симпатии во Брисел и Берлин, а секако не штети ни неговото одушевување од се‘ што е германско. Во општество како српското, кое верува во авторитети, популарноста на Вучиќ е израз на надежта дека силниот владател ќе ја унапреди земјата благодарејќи на добрите односи со светските моќници.“