1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српската дијаспора - фантомски бирачи?

Немања Рујевиќ/Ж.А.22 април 2016

Избирачкиот список во Србија со 6,7 милиони имиња вклучува стотици илјади граѓани кои живеат во странство и кои практично не гласаат. Сосемa друго прашање е дали дијаспората треба да има право на глас.

https://p.dw.com/p/1IXl2
Фотографија: DW/I. Petrovic

Драган Момчиловиќ во својот календар има заокружено неколку важни датуми во април. За неколку дена ќе слави 30-ти роденден, има неколку важни состаноци, а на 24 април ќе ги следи изборите во Србија. Но, да гласа - не може. Имено, младиот политиколог веќе три години живее во Бон, каде заврши мастер по европски студии. Во својот календар не го ни внесе 2 април, денот до кога требаше да помине низ бирократскиот лавиринт за да се пријави за гласање во странство. „Искрено, околу тоа не се ни распрашував многу. Остана на тоа дека требаше и да се пријавам и да гласам во конзулатот во Диселдорф, тоа значи само неколку часа возење, а возната карта би морал да ја платам од сопствен џеб“, вели Момчиловиќ за Дојче веле.

Милион отсечени

Слично како Момчиловиќ веројатно размислуваат речиси сите српски државјани во странство. За да се отвори едно гласачко место, потребни се пријавени најмалку сто гласачи, а на следните избори ќе има само 38 гласачки места надвор од Србија (за споредба, само белградската општина Гроцка има 39 гласачки места.) Најмногу ги има во Германија - 7, додека во по површина големите земји како Канада и Австралија, постои само едно, односно ниедно гласачко место. Во Хрватска српските државјани ќе гласаат само во Вуковар, а во Црна Гора не постојат гласачки места посеверно од Подгорица.

„Гласачите во странство се во нерамноправна положба, но подобар систем едноставно е невозможно да се организира“, вели Зоран Лучиќ од Центарот за слободни избори и демократија. Во разговор за Дојче веле тој вели дека отворањето гласачки места во странство е многу скапо, а интересот на луѓето за изборите во матичната земја и онака не е големо, делумно зашто се оддалечени од од Србија, а делумно зашто гласачкото место не е зад аголот. За алтернативните методи кои постојат во некои европски земји, гласање со писмо или преку интернет, Лучиќ нема добро мислење: „Таквите работи лесно се злоупотребуваат, а кај нас по правило злоупотребите остануваат неказнети. Довербата во фер избори и онака е тенка.“

Избирачкиот список брои 6.737.808 гласачи. Колкумина од нив всушност живеат и работат во странство, изгледа не знае ниедна од надлежните институции. Управата за соработка со дијаспората и Републичката изборна комисија не одговорија на прашањето на Дојче веле, додека во Републичкиот завод за статистика велат оти ни на пописите на населението, последниот беше во 2011 година, воопшто не обработуваат такви податоци. Тие упатуваат на Европскиот статистички систем, кој исто така во 2011 година собра податоци за 28 сегашни членки на ЕУ, како и Лихтенштајн, Исланд, Норвешка и Швајцарија. Ако се верува на оваа статистика, во побројните земји има околу 440.000 српски државјани. Се проценува дека од 6,7 милиони гласачи, „барем еден милион“ живеат и работат во странство.

Serbien Wahlen
Фотографија: DW/I. Petrovic

Одлучување за туѓа судбина

„Излезноста на таа популација е минимална, така што партиите нам воопшто не ни се обраќаат“, вели Милан Чобанов, претседател на Централниот совет на Србите во Германија и член на германските социјалдемократи. „Партиите знаат дека дијаспората нема влијание врз исходот на изборите. Макар што, искрено, нашите партии немаат никакви програми ни во Србија, а камоли некаква програма која би се однесувала на дијаспората“, вели Чобанов за Дојче веле. Тој додава дека просечниот „бекграунд и ниво на образование“ на луѓето во дијаспората е таков што тие „немаат политичка свест ни во однос на Германија, а посебно не во однос на Србија.“ Поради сето тоа, можноста за гласање во странство Чобанов ја гледа само како алиби дека сите државјани на Србија имаат прилика да се изјаснат на избори.

Тука се доаѓа до безмалку филозофско прашање: дали е етички оправдано дијаспората - ако притоа под неа ги подразбираме луѓето кои своите животи ги изградиле во белиот свет - да одлучува за тоа кој ќе ја води Србија? Не е ли на пример гастарбајтерот од Штутгарт многу позависен од политиката на Ангела Меркел отколку од онаа на Александар Вучиќ? „Искрено, зошто човек од Ванкувер би одлучувал за мојата судбина?“, се прашува Зоран Лучиќ. „Луѓето кои се оддалечени гласаат поедноставно, поемоционално.“

Symbolbild Serbien Wahlen
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Sulejmanovic

И Милан Чобанов не е сигурен дека тие луѓе во дијспората воопшто треба да имаат право на глас. „Мене многу повеќе ме интересира како партиципираме во политичкиот живот во Германија, а тука на прсти можам да ги пребројам Србите кои се активни.“ Чобанов исто така забележува дека дијаспората гласа или би гласала поемоционално и понационално „некаде меѓу социјалисти и радикали.“ „Тоа најдобро го гледате по тоа како изгледаат франкфуртски ’Вести’ и кому се наменети. Исто и сателитските програми: тоа се програми од конзерви на кои се рекламираат јасновидци и погребни услиги. Тоа ви говори за целна публика.“ Речиси е несфатливо, раскажува понатаму Чобанов, што мнозинството луѓе од дијаспората се противи на членство на Србија во ЕУ, иако некои од нив со години и децении ги уживаат благодетите на уреденото западно општество, „од тоа што трамвајот стигнува навреме, до чисти улици и функционален даночен систем.“