1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силата на Вучиќ - слабоста на опозицијата

Томас Бреј/дпа/Ж.А.19 април 2016

Неговата сила е во слабоста на опозицијата. Зошто српскиот премиер Александар Вучиќ распиша избори и дали неговата сметка ќе се оствари? Анализа на германската новинска агенција ДПА.

https://p.dw.com/p/1IYIS
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Cukic

Српскиот премиер Александар Вучиќ веќе сега контролира 83 проценти од пратеничките гласови во Собранието. Сепак, среде својот мандат, тој распиша избори. Тој како неприкосновен број еден во Србија, својот потег го образложува со отпорот кон реформи и кон натамошно приближување кон ЕУ. Меѓутоа, ретко кој вистински може да ја разбере ваквата аргументација на претседателот на владејачката Српска напредна партија, СНС. Што сака овој моќен политичар?

Избори, па откази

Вучиќ сака да добие на време за да ги спроведе одамна ветените коренити реформи, сметаат српски аналитичари. Пред да санира десетина пропаднати големи државни фирми и без работа да останат десетици илјади луѓе, Вучиќ сака да обезбеди уште еден полн мандат. Сметката му е дека економијата ќе се опорави, граѓаните ќе имаат повеќе пари во џебот, па по четири години никој веќе нема да зборува за болните откази.

Критичарите го обвинуваат Вучиќ за гушење на медиумските слободи, за блокада на државните институции, како и за мешање во работата на правосудството. Сепак, без оглед на нетрпеливоста кон него, моментно не постои сериозна алтернатива на Вучиќ. Причината е раскараната и расцепкана опозиција. Бившиот претседател на Србија Борис Тадиќ е најдобар пример за автодеструкцијата од егоистички и нарцистички мотиви. Бившиот претседател на некогаш можната Демократска партија, ДС, со постојани кавги ја доведе партијата речиси до безначајност.

Гревовите на опозицијата

Освен тоа, сегашната опозиција најверојатно самата се доведе во оваа ситуација. Имено, времето на нејзиното осумгодишно владеење, се‘ до 2012 година, беше означено со постојани случаи на корупција од огромни размери и пракса на лошо работење. Голем број политичари од тој блок успеаја на сомнителен начин да дојдат до огромно богатство.

Така некогашниот студентски водач Чедомир Јовановиќ, чија Либерална партија веќе не е во парламентот, радо се покажува како добростоечки хедонист: хели-скијање во Пакистан, одмор на грчкиот џет-сет остров Миконос и тоа со импозантна придружба, како и великодушен државен кредит за купување едан фирма за прехранбени производи. Во земја со просечни плати од 360 евра тоа не е многу популарно. Затоа голем дел од населението загуби надеж во скоро подобрување на социјалната, општествена и економска ситуација.

Во една анкета, повеќе од 70 проценти од студентите наведоа дека по добивањето дипломи, ќе побараат работа во странство. Заминувањето на мизерно платените лекари, пред се‘ во Германија, Австрија, Велика Британија и Скандинавија постепено го воведува здравствениот систем во Србија во големи неволји.

Шешељ е единствена непознаница

Сите досегашни анкети предвидуваат јасна победа на Вучиќевата Српска напредна партија. Единствено прашање е дали партијата ќе придобие повеќе или помалку од половина од гласачите, кои во Србија ги има 6,7 милиони. СНС има голема предност во однос на следната по сила, Социјалистичката партија на Србија. Таа настана од бившата Комунистичка партија која ја преименуваше автократот Слободан Милошевиќ, политичарот кој почина во притвор во Меѓународниот трибунал за воени злосторства во Хаг. Голема непознаница претставуваат екстремните радикали, СРС, кои би можеле да доживеат голем полет по минатомесечната ослободителна пресуда за нивниот партиски водач, Војислав Шешељ.