Бугарија мора да покаже лидерство на Западниот Балкан
16 декември 2020Тоа беше вежба во политичка експедитивност и популизам. Во ноември, Владата на бугарскиот премиер Бојко Борисов го искористи својот статус на членка на ЕУ за да ја блокира соседна Северна Македонија во обидот да му се приклучи на блокот, кој помага во консолидирањето на владеењето на правото, доброто владеење и, најважно, им носи западни вредности на земјите кои бараат членство. Ваквата кусогледост можеби му дава чувство на моќ на Борисов и го зголемува неговиот рејтинг кај радикално десничарските, анти-западни гласачи, но блокадата на Северна Македонија се заканува да ги уништи односите меѓу двете пријателски земји, може да предизвика поширока регионална нестабилност и, всушност, ги слабее обете земји.
Ветото на Борисов има корени во експлоатирањето на историските разлики и инсистирањето на неговата влада во Брисел да не се признава македонскиот како официјален јазик на ЕУ. Тоа се случи на 132. ден од масовните анти-корупциски протести, во време кога бугарската влада се мачи да ја задржи поддршката на домашната јавност, а во Северна Македонија гледа ефективен инструмент за постигнување на таа цел. Според владата на Борисов, Скопје мора веднаш да прифати дека Република Северна Македонија, нејзиниот јазик и култура се бугарски деривати. И точка.
Борисов ја изолира Бугарија
Причините за унилатералното вето на Борисов не само што се лошо темпирани и опасни, тие се и во спротивност со претходно соопштените позиции. Во 2017, Борисов со својот македонски колега го потпиша историскиот Договор за пријателство, кој ветуваше поблиски билатерални односи и, најважно, прокламираше дека Бугарија ќе го поддржува членството на Северна Македонија во ЕУ. Со овој потег Борисов сега ризикува да ја изолира Бугарија меѓу останатите членки на ЕУ, од кои мнозинството, вклучително и Германија, сакаат да го наградат Скопје за неговите реформи и компромисот со Грција преку Преспанскиот договор. Но, имајќи ја предвид кризата со коронавирусот и нејзините економски последици, желбата за проширување во ЕУ може да опадне, што пак може да доведе до политичка нестабилност кај бугарските соседи на Западниот Балкан кои посакуваат членство во ЕУ.
-повеќе на темата: Бугарско вето во ЕУ: Има ли надеж за пробив?
За да се реши овој меѓусебно деструктивен ќорсокак, двете влади треба да започнат јасен процес за имплементација на Договорот за пријателство. Со воспоставувањето таква рамка, секоја страна може да ја држи другата одговорна додека во истовреме се работи на остварување на целите за кои обете се согласија пред речиси четири години. На пример, Бугарите ќе имаат форум каде ќе можат да ги искажат сите свои историски забелешки, додека Северна Македонија ќе има можност да соработува со Бугарија во однос на нејзиниот недостаток на стратегија за соработка со соседите во пан-Европски контекст. Одбирајќи го овој пат, Борисов повторно ќе воспостави соработка со еден лидер- премиерот на Северна Македонија Зоран Заев- чија влада покажа јасна добра волја за надминување на долготрајните проблеми меѓу двете земји.
Стабилноста на Западниот Балканот, на повеќе начини, зависи од тоа дали Борисов ќе одбере да соработува со Северна Македонија и да ги промовира нејзините ЕУ амбиции.
Додека Бугарија ги ужива благодетите на членството во ЕУ, две од петте држави со кои граничи се заглавени во лавиринтите на ЕУ пристапувањето. По дефиниција, на земјите кои се на пат кон ЕУ им е потребна поголема домашна стабилност, пријателски односи со другите ЕУ членки, и подобри шанси за странски директни инвестиции. Погледот кон бугарското соседство јасно укажува дека секоја земја во регионот би имала корист доколку што повеќе држави станат членки на ЕУ. Ова е особено вистинито за билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Бугарија.
Живеењето во минатото е лош избор
Брисел е внимателен да избегне прием на членки кои не можат да ја докажат сопствената стабилност и официјалниот почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ ќе отвори процес во кој Скопје ќе треба да докаже дека може да ги достигне ЕУ стандардите. Исто како што други држави ширум светот промовираат стабилност во нивниот регион со цел да изградат домашен мир, зголемената стабилност на Северна Македонија ќе има огромни бенефити за Бугарија.
-повеќе на темата: Борисов можеше да испише историја, а тој дозволи да биде уценуван
Доколку Северна Македонија стане членка на ЕУ, многу веројатно од тоа ќе има опипливи придобивки и за Бугарија. Според последните податоци на Светска Банка, Северна Македонија е дури 17. извозен партнер на Бугарија. Не е тешко да се види како влезот на Северна Македонија во ЕУ ќе го зголеми просперитетот и на Бугарија. Бараните пазарни и политички реформи во Северна Македонија ќе ја направат земјата подостапна за странските инвеститори- вклучително и бугарските; Северна Македонија ќе има неограничен пазарен пристап во ЕУ и обратно; и Северна Македонија ќе може да добива ЕУ фондови кои можат да бидат клучни за подобрување на домашната и регионалната инфраструктура. Резултатот од овие неизбежности ќе биде побогата Северна Македонија која потоа ќе може да консумира уште повеќе бугарските стоки.
Приближувањето на Северна Македонија кон ЕУ е исто така и клуч кој може да го отвори натамошното проширување на ЕУ. Другите балкански земји се на различен степен на барање членство во ЕУ, исто така. Како и во случајот со Северна Македонија, влезот на овие земји во ЕУ ќе и овозможи на Бугарија значајни економски придобивки. Притоа, Северна Македонија е на исто ниво, ако не и поблиску од тие земји до исполнување на ЕУ стандардите и може да биде пример за целиот регион за успешно пристапување, доколку добие шанса.
За решавањето на овие прашања сигурно ќе треба време. Толку шаренолик регион како Балканот е предодреден да има историски спорови, а Северна Македонија и Бугарија имаат толку многу на што да се гордеат низ својата историја. Живеењето во минатото е избор- таков што им оди во корист само на оние кои се премногу горди за да погледнат кон иднината.
(Дипломатик Куриер 14.12.2020)
Текстот во оригинал тука.
За авторите:
Цветан Цветанов е претседател на партијата „Републиканци за Бугарија", претседател на Евро-атлантскиот безбедносен центар во Софија и поранешен вицепремиер и министер за внатрешни работи на Бугарија од 2009 до 2013 година во владата на ГЕРБ.
Павел Валнев е заменик претседател на „Републиканци за Бугарија“