Со блокадата на Скопје, Софија го торпедира проектот на ЕУ
17 ноември 2020ДВ: На средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во фокусот е почетокот на преговорите со Северна Македонија. Но, Бугарија веќе стави вето. Како ја оценувате позицијата на Софија?
Јохана Дајмел: Северна Македонија е 30-та членка на НАТО; земјата го потпиша историскиот договор со Грција во 2018 година и договорот за пријателство со Бугарија во 2017 година и сега нејзината иднина како земја-членка на ЕУ е загрозена поради ретро-националистички причини и прашања во врска со толкувањето на историјата. Јас не сум историчар, но некои работи ме потсетуваат на односот помеѓу Германија и Австрија, кој често се споменува.
И кај нас, а тоа во 2008 година Вернер Пергер многу паметно го напиша за оваа билатерална врска во колумна во неделникот „Цајт“, станува збор за „преломи во нашата заедничка историја и разделувањето на нашиот заеднички јазик“. Дали Бетовен бил Германец или Австриец? Колку е неважно тоа со оглед на неговата грандиозна музика. Тоа може да се пренесе и на Гоце Делчев, кој - без разлика дали бил Бугарин или Македонец - неспорно постигнал големи дела во успешната борба против османлиското владеење. Точната историска класификација треба да им биде оставена на историчарите. Она што е сигурно, сепак, е дека повеќе од 100 години по падот на Османлиската империја, Бугарија сега е суверена држава во Европската унија - и државата Северна Македонија, признаена од Бугарија во 1992 година, би сакала конечно да ги започне преговорите за пристапување кон ЕУ.
Искрено кажано, за мене е неразбирливо зошто Бугарија доброволно ја презема улогата на уште еден расипувач на целиот проект на ЕУ во последните неколку децении. Од една страна го имаме унгарскиот премиер Орбан, кој штотуку го поднесе своето вето заедно со Полска и ја блокираше финансиската рамка на ЕУ и финансиската помош за корона-кризата од 1,8 трилиони. Дали бугарските десничари околу ВМРО, со толеранција од Борисов и во друштво со Орбан, навистина сакаат да го торпедираат мировниот и проектот на проширување на ЕУ, поради спорен историски наратив? Доколку Бугарија го задржи ветото, тоа ќе биде стратешка, а исто така и економски и политички релевантна голема грешка со далекусежни последици не само за Бугарија, туку и за целиот европски континент.
Мнозинството Бугари го поддржуваат пристапот на Северна Македонија во ЕУ, но тие се согласуваат со тврдиот курс на владата на Борисов. Како можете да се излезе од овој ќорсокак?
Од најновите податоци на Евробарометарот знаеме дека за Бугарите нивната економска состојба е далеку поважна од здравјето, дури и во време на пандемија. Мислам дека тоа кажува многу за реалната чувствителност и потреби на бугарското население. Добро е познат образецот дека во време на економска криза националистичката реторика наоѓа добра почва. Но, токму сега, Бугарија и Северна Македонија, во нивната заедничка функција како претседавачи на Берлинскиот процес, пред неколку дена потпишаа важен договор за економска соработка во регионот. Значи, можно е да се соработува. Тоа мора да биде мотото! Заедничката иднина, а не заедничката обединувачка или наводно разделувачка историја.
Повеќе:
-Рајчев: Европа се смее поради спорот со Македонија
-Заев потврди: Утре нема да има добри вести од Брисел
-Мас: Преговорите продолжуваат, се надеваме на решение до декември
И симболичните гестови и меѓусебното почитување се исто така важни сигнали. Според мене, добро и правилно е што двајцата претседатели разменија мислења и оти македонскиот претседател Стево Пендаровски неодамна му понуди на Румен Радев посета во Софија. Бидејќи апсурдно е прашања за идентитетот да се вклучат во преговорите за пристапување кон ЕУ. Може да бидам Бугарин, Македонец, Албанец или, како јас - Баварка од Германија, можам да го користам мојот јазик (вклучително и мојот дијалект) и да знам дека моите права се загарантирани во заедничка Европа. Колку и да звучи патетично, тоа е апсолутно исправно. Бугарите исто така сакаат функционална правна држава, поради што излегуваа на улица со месеци. Уште еднаш, значи: да се застане на страната на оние што ја поткопуваат Европската унија и нејзините вредности, и тоа затоа што некој го смета својот поглед на историското толкување како единствено важечки, е апсурдно и опасно.
Дали е можно Скопје да направи отстапки - и ако е така, кои?
Кои отстапки - ако тука воопшто има простор - би промениле нешто во врска со фактот дека државата Северна Македонија призлезе од распадот на Југославија? Погледнете ја историјата во последните 30 години, кога Скопје мораше да се одбрани од многу надворешни влијанија. Белград и Москва од една страна, Грција од друга страна. Скопје не само што изврши јасен евроатлантски пресврт во последните години со големи домашни политички ризици и пресврти, туку исто така го надмина и егзистенцијално загрозувачкиот спор за името со Грција. Како може Софија дури и да очекува Скопје денес да го доведе во прашање сопственото егзистенцијално право како нација и јазик? Не, отстапките се случуваат спогодбено, така што во рамките на преговорите со ЕУ се презема европското законодавство и во договорите на ЕУ обврзувачки утврдените европски вредности и добрососедски односи.
Германија силно дејствуваше како посредник во спорот. Доколку Софија не попушти, до какви последици може да дојде?
Премиерот Зоран Заев вчера во Берлин ја доби наградата за човекови права од фондацијата „Фридрих Еберт’. Во своето обраќање, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас јасно стави до знаење дека Германија ќе продолжи да работи напорно и дека декларираната цел на германското претседателство со Советот на ЕУ е сега да започнат и официјални преговори за пристапување во ЕУ со Северна Македонија. Доколку Бугарија или, конечно, Бојко Борисов, продолжи да се спротивставува во Советот на ЕУ, тој би направил голема грешка во однос на Германија и особено на канцеларката Ангела Меркел, која вложи многу лична енергија во решение на проблемот.
Какви внатрешнополитички последици може да донесе бугарската блокада - во Софија, но и во Скопје?
За Софија е лесно да се одговори. Целата дебата беше и (сè уште) е подарок за бугарската влада, која со оглед на лошите бројки во пандемијата и на гневните протести на граѓаните на улиците, само си го присвои со големо задоволство. Зашто тука- како и кај демонстрантите кои ги носат знамињата - се настапува наводно за спас на „Бугарите“. И, како што реков, ВМРО му покажува на Борисов дека неговата судбина, исто така, зависи од „Македонците“, а не само од клиентелата околу Делиан Пеевски. До што ќе доведе тоа, ќе видиме на следните избори напролет, 2021 година. Да ја цитирам Медлин Олбрајт: „Ако е вредно за цената!“… .. Но, едно е јасно: Ако проектот на ЕУ не успее како целина, и за Бугарија ќе биде многу мрачно.
За Скопје и за владата на Зоран Заев, тоа веќе сега е забележително многу подраматично. Доколку Бугарија го блокира ветувањето за евроинтеграција за Северна Македонија за 2020 година, внатрешнополитичкиот мир, а потоа и тој во регионот, ќе бидат изложени на многу тежок тест.
Д-р Јохана Дајмел е независен експерт за Балканот. Со години беше заменик на директорот на Друштвото за Југоисточна Европа со седиште во Минхен.