Борисов: Сегашните и идните генерации нема да ни простат
10 декември 2020Бугарскиот премиер Борисов верува дека можат да се најдат решенија за надминување на историските спорови кои неговата земја ги наметна како услов за Северна Македонија да ги започне пристапните преговори со ЕУ. Бугарија во изминатиот месец на двапати го блокираше усвојувањето на Преговарачката рамка со која формално требаше да започнат преговорите меѓу Скопје и Брисел.
Изнаоѓањето одржливо и трајно решение за отворените прашања, според бугарскиот премиер, се крие во прагматичен, искрен и добронамерен пристап, изразен преку конкретни активности.
„Отсекогаш верував дека решенијата можат да се најдат на преговарачката маса. Сегашните и идните генерации нема да и' простат ниту на Бугарија, ниту на Република Северна Македонија доколку не најдеме компромис што ќе даде перспектива“, оценил Борисов на денешната средба со специјалниот пратеник на македонската влада Владо Бучковски во Софија.
Според Борисов, односите на меѓусебна доверба можат да се вратат само преку стриктно и неповратно исполнување на сите обврски преземени со Договорот за пријателство од 2017 година.
Бучковски вчера се сретна и со шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, оценувајќи ги разговорите како конструктивни.
Истовремено, двете влади си разменија обвинувања и критики. Официјална Софија му префрли на Скопје дека е заложник на „наследен тоталитаристички историски наратив“ и го обвини дека ги дезинформира и македонската и европската јавност.
Одговори премиерот Зоран Заев со став дека однесувањето на Бугарија „не е ни европско, ниту братско“ и возврати дека Софија го прекршила Договорот за пријателство.
„За жал, Бугарија не собра сила да се однесува европски. Бугарија дозволи, да испорача гест кој не покажува ни пријателство, ни братство", рече Заев во обраќање до нацијата.