1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Роденденско „крштевање“ на владиниот претставник Бучковски

3 декември 2020

Патот што треба да го изоди Бучковски, не е лесен ни дома, ни во соседната земја.

https://p.dw.com/p/3m9x3
Belgien Brüssel Vlado Buckovski
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Mayo

Очекувањата за позитивна разрешница пред 8 и 9 декември се минимални, но постојат, изјави кусо за ДВ Владо Бучковски, специјален претставник на македонската Влада за Бугарија, кој на оваа функција беше именуван на први декември. Бучковски (2.12.1962) вчера првиот работен ден на оваа функција го започна на неговиот роденден – со средба со шефот на дипломатијата, Бујар Османи, во подготовка на активности за неговата мисија, и со изјави и интервјуа за домашни и бугарски медиуми. Еден од тие медиуми е и бугарското Радио „Фокус“, кој објави дека Бучковски го потенцирал значењето што го дава на работата на медиумите, со самиот факт што тоа интервју го дал на неговиот роденден. Сепак, за очекување е дека наскоро ќе спласне фреквентноста во изјавите за решенијата што ќе се бараат за надминување на недоразбирањата меѓу Скопје и Софија, со единствена цел - да не се наруши процесот. 

„Нема да прифатам со нашите бугарски пријатели да ги испраќаме пораките преку медиумите", најави Бучковски, објаснувајќи дека „кога се молчи е подобро, за да дојдеме до посакуваното решение“.

Какви се неговите очекувања изнесени пред медиуми во соседството? 

„Не треба да се прават катастрофални грешки во овој историски момент за Северна Македонија и Бугарија. Ако нашите предци не успеале да се обединат, сега имаме шанса да се обединиме во ЕУ. Во овој момент ни треба подадена рака. Сега е време да најдеме решение, но да не ја збораваме историјата, и искрено да се бориме за нашето пријателство“, пренесува бугарски „Фокус“ дел од изјавите на специјалниот претставник на македонската Влада.

Сомнеж во европските историчари

Надвор од роденденската симболика, сосема извесно е дека патот што треба да го изоди Бучковски, е послан најмногу со трње. Голем број бугарски историчари ја поддржуваат рамковната позиција на бугарскиот парламентот, а она што ги обединува повеќето од нив е ставот за „грабеж на историјата“ од македонска страна.

„Како историчар сум цврсто убеден дека ние не можеме да отстапиме, кога има грабеж“, оценува бугарскиот историчар Георги Николов.

Тој се согласува со ставот на поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев дека разговорите меѓу двете земји треба да продолжат. Но, не се согласува со предлогот на Плевнелиев заедничката Комисија за историски и образовни прашања да биде проширена и со ценети историчари од Европа, за да почне брзо да дава објективни резултати. 

„Според мене нема потреба од тоа. Јас многу добро знам како во Северна Македонија се закотвуваат историчари од други земји, не сакам да кажам со кои средства и начини. Ние исто така познаваме многу сериозни историчари од Русија, Германија, Австрија, кои би ја заштитиле нашата кауза. Но, според мене, не треба да ги изнесуваме валканите кошули пред Европа и да тераме други луѓе да ги решаваат нашите проблеми“, оценува Николов.

Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Име на „новото предавство“

Ваквите сомнежи во неутралноста на европски историчари, односно во можноста да се најдат такви кои би ја заштитиле бугарската верзија на историјата, открива колку тежок ќе биде едногодишниот мандат на Бучковски. Но, нема да му биде полесно ни на домашен терен. Од вчера во протестите на опозицијата, покрај името на премиерот, на тапет е ставно и неговото име.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашниот протест во Куманово повтори дека „именувањето на Бучковски „претставува вовед во едно ново апокалиптично сценарио, вовед во едно ново предавство кое што ќе треба да биде извршено врз македонскиот народ, нација и држава".

И пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов, во обраќање од протестот пред  МНР, не штедеше критики на адреса на Бучковски.

„Доста е за оние неразбрани трговци кои што ја парчосуваат Македонија и однадвор и внатре. И покрај тоа што велевме – оставка, престанете да го понижувате народот, гледаме дека тие не запираат, гледаме дека состојбата кулминира со поставувањето на Бучковски како одговорен за односите со Бугарија. Замислете, овој воен профитер, овој човек треба да ги застапува позициите на   Македонија. Овој човек кој што ја распарчуваше Македонија одвнатре, ќе ја распарчува и однадвор. Двоецот Бучковски и Заев, воениот профитер и аболицираниот криминалец треба да ги застапуваат интересите на Македонија. Затоа порачуваме - оставка“, рече Јорданов, и ги повика граѓаните масовно да ја блокираат земјата - и на улиците, и институционално.

Мали шанси

И додека на домашен терен зоврива атмосферата со опозициски предупредувања за предавства што може да се случат деновиве, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, ги спушти надежите за исчекор до крајот на годинава.

„Сѐ помали се шансите дека до крајот на годинава ќе бидат усвоени преговарачките рамки за Северна Македонија и за Албанија, за отпочнување на разговорите за членство во ЕУ", изјави Вархеји.

Иако не исклучи дека постои надеж, сепак смета дека шансите тоа да се случи до крајот на годинава се намалуваат.

„Сѐ уште се надевам, но за жал, сѐ помалку е сигурно дека годинава можеме да ги усвоиме преговарачките рамки“, изјавил Вархеји за време на дебатата за состојбата на Западен Балкан по повод 25 години по Дејтонскиот договор.

Според еврокомесарот, Северна Македонија мора да вложи дополнителни напори за да им излезе во пресрет на загриженостите на Бугарија и да се најде решение кое ќе биде прифатливо за двете земји. Тој потврди дека Европската комисија и германското претседателство со ЕУ сè уште работат со земјите-членки во обид да се најде решение за новиот чекор за евроинтеграција на Скопје и Тирана.

МИА, повикувајќи се дипломатски извори, објави дека Бугарија барала во крајните заклучоци за Северна Македонија да биде внесен пасус од јули 2018 година кој гласи „ова треба да им стави крај на сите барања базирани на погрешна интерпретација на историјата“. Таа реченица која стои во заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2018 по склучувањето на Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор, според голем број земји членки нема смисла повторно да и биде наметната на Северна Македонија, две години подоцна.