Без договор за името, тешко датум за преговори
30 ноември 2011Луксембуршкиот вице-премиер и министер за надворешни работи Жан Аселборн потврдува дека на следниот министерски состанок ќе се води дебата за проширувањето на Европската Унија.
Запрашан дали Македонија може да добие датум за преговори во декември, тој одговори:
„Знам дека Македонија има статут на земја кандидат од 2005 година, тоа беше под нашето претседателство, но за сега не можам да давам изјави ниту за една земја. Ќе имаме дебата за проширувањето и нема да ги разгледаме земјите во блок, туку тоа ќе биде поединечно.“
Аселборн додава дека се надева оти Македонија и Грција еден ден ќе успеат да најдат решение за проблемот со името. „Тоа многу ќе ни ја олесни работата. Без тој договор, кој што треба да биде изработен на ниво на ООН, според мене ќе биде многу тешко.“
Треба да се задржи насоката на проширување
На прашањето, која е позицијата на Луксембург во однос на проширувањето, односно дали актуелната криза може да се одрази на овај процес, шефот на луксембуршката дипломатија е категоричен: „Не, не верувам. Европската Унија од секогаш има зачувано една извесна динамика во проширувањето. Таа треба да биде задржана, па дури и во време на криза.“
Во моментов е најважно да се стабилизара еврото, тоа е јасно, вели Аселборн. „Но, во поглед на Турција и во однос на Балканот, пред се’ треба да биде задржана насоката на она што го имаме направено и она што имаме одлучено да го направиме пред неколку години, односно, проширувањето. Со Хрватска ќе видиме дека тоа ќе биде успешно. И мислам дека ќе биде тешка политичка грешка, ако се запре процесот и динамиката на проширување на ЕУ“, завршува министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Горан Чутаноски