1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските парламентарци: Груевски да се фокусира на слабостите

2 ноември 2011

Трпение и посветеност за надминување на слабостите кои се посочени во извештајот на ЕК, бараат германските парламентарци кои се во посета на Македонија.

https://p.dw.com/p/133t5
Фотографија: Petr Stojanovski

Со средба со премиерот Никола Груевски финишира неколкудневната посета на германските парламентарци на Македонија. Делегацијата од Парламентарната група за соработка со земјите од Југоисточна Европа продолжува за Белград, откако одблиску се запозна со политичката состојба во Македонија. Петер Вајс од ЦДУ за Дојче веле изјави дека Македонија е на добар пат за остварување на своите стратешки цели, а клучните слабости ги лоцираше во трите сектори кои се посочени и во извештајот на Европската комисија.

„Бараме од премиерот Никола Груевски трпение и посветеност за надминување на слабостите во делот на слободата на медиумите, владеењето на правото и капацитот на администрацијата“, изјави Вајс за Дојче веле.

Позицијата на Германија за спорот за името е непроменета

Во врска со спорот за името Вајс повтори дека позицијата на Германија во врска со уставното име на Македонија е непроменета. Бундестагот уште во 2004 година има донесено одлука Сојузна Република Германија да го користи уставното име.

Peter Weiß Abgeordneter
Пратеникот од ЦДУ во Бундестагот, Петер ВајсФотографија: DW/Silvera Padori

„Очекувањето од нас и од другите партнери во ЕУ е во тој правец во директните разговори македонската и грчката страна да најдат можност за решение на спорот за ние да можеме да продолжиме со разговори за прием во ЕУ“, изјави Вајс.

Делегацијата од германскиот Бундестаг што ја сочинуваат уште претставнички на Партијата на зелените и СПД попладнево ( 2.11. ) ќе има средба со вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи и претседателот на ДПА, Мендух Тачи.

Утрото остварија одвоени средби со претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски и лидерот на владеачката ДУИ, Али Ахмети.

На средбата со Црвенковски, како што соопшти прес-службата на СДСМ, се разговарало за актуелните состојби во Македонија и регионот, со акцент на годишниот извештај на Европската комисија за земјата и забелешките кои во него беа нотирани.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Ж. Ацеска