Се исплаќа ли да го претворите „дизелашот“ во електро-возило
25 јуни 2022„Претворањето на дизел-автобуси во електрични не е само фасцинантно од технички аспект, туку е и економично“, вели Ханс-Георг Херб, шеф на фирмата Елера од Ерфурт. Неговата фирма е специјализирана за конверзија на возила со мотори со внатрешно согорување во возила со електричен погон. Во работилницата стои автобус стар 10 години. Големиот дизел мотор е веќе отстранет. На негово место ќе се вгради задна оска со два многу ефикасни електромотори кои се веќе тука. „Изгледа многу едноставно, но тоа е високотехнолошки склоп“, објаснува Херб.
Наскоро во автобусот ќе биде вградена нова оска, а на местото каде што некогаш беше моторот сега има доволно место за батериите. „Тука можеме да вградиме осум батерии со капацитет од 200 киловати на час. Автобусот со нив може да минува околу 250 километри“.
Поевтина варијанта
Во зависност од големината на батеријата, преработката чини околу 340.000 евра по автобус, вели Херб. Тоа се исплаќа затоа што новите електрични автобуси се двојно поскапи.
„Годинава ќе претвориме три автобуси во електрични“. Следната година во работилницата ќе се префрлат меѓу 60 и 70 користени автобуси со дизел мотори, а во 2023, во соработка со партнерски работилници, дури 200 до 300.
Побарувачката за автобуси на батерии за градскиот превоз е голема поради правилата кои ги воведе ЕУ. Повеќе од половината од сите градски автобуси во следните години треба да имаат електричен погон. Според проценките, тоа се повеќе од 3.000 е-автобуси годишно само во Германија и над 15.000 е-автобуси во ЕУ. Најголемите производители во моментов не можат да произведат е-автобуси доволно брзо, со оглед на побарувачката. За превозните компании е-автобусите се вносни и исплатливи, затоа што бараат помалку одржување, а возењето на струја е и до 60 отсто поевтина од дизелот.
Се исплаќа ли конверзијата на лични автомобили?
Во принцип, електромоторите можат да се вградат во сите автомобили: моторот со внатрешно согорување и менувачот се отстрануваат, а се вградуваат електромотор и батерии. Потоа доаѓа електронското управување, кое инженерите мораат да го развиваат посебно за секое возило. Своето прво искуство Херб го стекнал во 2014 со Порше 911, кое го претворил во автомобил на електричен погон. Потоа следувале други постари автомобили, транспортери, а сега и автобуси.
Конверзијата на класичен автомобил чини околу 60.000 евра, објаснува Херб, покажувајќи на црната лимузина Јагуар Дајмлер од 1993 година. „Муштеријата сака неговиот автомобил да биде електрифициран“. Во овој случај тоа ќе биде стара Тесла-технологија со модули на Тесла. „Комплетите со мотор и батерија чинат најмалку 10.000 евра за класични автомобили, плус трошокот за работна рака за повеќе од 100 часа. Доколку можете самите сѐ да инсталирате, ќе заштедите многу пари, а совети можете да добиете од фирмата Елере.
- Германија: Што да се прави со 350.000 дизел-возила, кои никој не сака да ги купи?
Фирмата на Ханс-Георг Херб прима од две до четири барања за конверзија дневно. Замената на моторот нема економска исплатливост, дури ни за нормални автомобили, искрен е Херб. „Кога ќе ме прашаат за совет луѓе што имаат Фолксваген Поло, на пример, јас им велам: Доколку купите Фолксваген Е-Ап, можете да го добиете далеку поевтино и веројатно е многу подобар во споредба со нашата преработка. Нема логика да се прави конверзија на автомобил како VW Поло и јас тоа им го велам на многумина“.